/ Прочитано:

1.525

ЛАЖНИ ПРОФИЛИ НА ФЕЈСБУК: Најмногу злоупотреба на личните податоци на социјалните мрежи

Растот на информатичките и комуникациските технологии со себе носи и поголема можност за злоупотреба на правото на приватност и заштита на личните податоци. Најголем број од претставките на граѓани, кои последниве години пристигнуваат во Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП), се однесуваат на крадење на идентитети или претставување во туѓо име на социјалните мрежи.

Претставки за лажни профили на Фејсбук на малолетни лица

Раст во поглед на нарушувањето на приватноста на социјалните медиуми последниве години нотира Дирекцијата за заштита на личните податоци, во чија организација вчера и денеска во Скопје  се одржа дводневна Конференција за едукативниот пристап кон предизвиците од заштита на приватноста по повод десетгодишнината од основањето на Дирекцијата.

Во последниве десет години до Дирекцијата за заштита на личните податоци се обратиле над 10.000 лица. Само лани Дирекцијата примила вкупно  371 претставка, од кои 331 од физички лица, 36 од правни лица и 4 од анонимни подносители. Граѓаните најмногу се жалат на злоупотреба на личните податоци на социјалните мрежи, односно 54 проценти од претставките се однесувале на злоупотреба на личните податоци на социјалните мрежи

За бришење на лажен профил на Фејсбук се поднесени дури 130 барања, од кои 12 за малолетни лица. 47 лица се жалеле за пробиено корисничко име или лозинка на профил. Десет претставки се однесуваат на отстранување на содржини од Фејсбук и три претставки за отстранување на содржини на други социјални мрежи.

„Резултатите што ги покажа Дирекцијата, особено последните 5 години, даваат за право и надеж да бидеме  уверени дека сме на вистинскиот пат. Бројот на претставките кои секојдневно ги добиваме и кои на годишно ниво се прикажани во годишните извештаи, како  за 2013, така и за 2014 година, но и за првото тримесечје од 2015, говорат за раст во поглед на нарушувањето на приватноста на социјалните медиуми“, вели директорот на ДЗЛП, Димитар Ѓоргиевски.

Ниту една претставка за прислушуваните разговори

Досега Дирекцијата за заштита на личните податоци во однос на т.н. бомби на опозицијата не добила ниту едно барање од граѓанин како физичко лице за постапување во однос на злоупотреба на личните податоци, односно за инвазија на правото на приватност преку потенцијално неавторизирано следење.

„Имајте предвид дека доколку се добие такво барање, Дирекцијата постапува во рамките на своите овластувања, што значи дека тоа ќе биде, на некој начин, ставено да почека резултат на она што значи истрага на кривична постапка која ја води надлежното Јавно обвинителство бидејќи Законот за кривична постапка има примат над Законот за општа управна постапка по кој постапува Дирекцијата. Дирекцијата во меѓувреме доколку добие такво барање, во рамките на своите овластувања ќе ги направи сите оние активности кои се наша должност за да ги реализираме барањата од граѓаните“, вели првиот човек на ДЗЛП.

Ѓорѓиевски посочува дека, во согласност со заклучоците на Европската комисија, на Дирекцијата не ѝ требаат дополнителни усогласувања во однос на легислативата, туку јакнење на нејзините функции и капацитети.

„Начинот на кој ќе биде изведено тоа, дополнително ќе биде утврден. Ние сме отворени за соработка и во целост ги прифаќаме сугестиите за да се усогласиме пред сѐ со регулативата на ЕУ“, истакнува тој.

404 инспекциски надзори

Во 2014 година биле извршени вкупно 404 инспекциски надзори, од кои 314 редовни, 81 вонреден и 9 контролни инспекциски надзори. Од 2013 година пренесени се вкупно 41 предмет, односно по овие предмети, постапката е започната во 2013 година, а продолжила во 2014 година.

Според статистичките податоци на ДЗЛП, најмногу инспекциски надзори биле спроведени во образованието, во здравството и во електронските телекомуникации.

Во текот на минатата година поведени се пет управни спорови против донесените управни акти на Дирекцијата за водените инспекциски постапки и за нив сѐ уште се во тек судските постапки. Три управни спорови, поведени во 2012 и 2013 година, лани се со потврдено решение во корист на Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Како особено значаен Ѓорѓиевски го потенцира бројот на издадени мислења од страна на Дирекцијата по закони предложени од Владата и од останатите институции, предлагачи на легислатива.  Конкретно, лани биле издадени 27  стручни мислења, што преставува зголемување во однос на 2013 година, кога биле издадени 19 мислења.

„Дирекцијата е консултирана за сите оние проекти кои се од општо  значење за граѓаните на РМ, особено од секторот здравство, секторот банкарство, осигурување и сл.“, појаснува  тој.

Луѓето мора да бидат свесни за што се користат нивните податоци

На дводневната конференција посветена на предизвиците што ги наметнуваат новите технологии и заштитата на личните податоци дебатираа и претставници на Гугл, Фејсбук, Советот на Европа  и органите за заштита на личните податоци од Австрија, Полска, Бугарија, Србија, Албанија, Црна Гора, БиХ, Франција и Унгарија, како и на неколку граѓански организации од земјата.

Заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Роберт Лидел, потенцираше  дека  заштитата на податоците претставува многу важно човеково право.

„Денеска гледаме како компјутерите и Интернетот преземаат контрола над нашите животи и оттука заштитата на податоците е многу важна. Затоа и постои Дирекцијата за заштита на податоците, но и граѓаните треба да преземат контрола па ова прашање.  Луѓето мора да бидат свесни дека се собираат податоците и мора да знаат за што се користат“, истакна Лидел.

Тој појасни дека Европа моментно врши ревидирање на регулативите со цел да се  опфатат сите промени кои настанале во изминатите 10 години.  

 „Но исто така мораме да се свртиме кон иднината зашто 10 години се многу  кога се работи за информатичката технологија. Сметаме дека најинтересно право е да се биде заборавен и доколку сакате да се повлечат вашите податоци од Интернет треба да имате право да го направите тоа“, нагласи Лидел.

Дионис Колокоцас, претставник на ГУГЛ, појасни дека вчера во рамките на сесијата која беше затворена за јавност била презентирана т.н. „Бела книга“.

„Овој документ, всушност, преставува збир на иновации предводени од податоци во регионот на Југоисточна Европа. Доколку успееме да постигнеме иновации на база на податоци, тоа би дало предност во поглед на општествениот напредок. Белата книга е подготвена од страна на седум видни институции од Југоисточна Европа. Иновациите се многу важна тема за Европа и моментно Европската комисија има многу важна мисија да воспостави заеднички дигитален пазар, но исто така со тоа да се креираат и милион вредни работни места ширум Европа. И се разбира Гугл го поддржува овој напор“, појасни Колокоцас.

Една од земјите-учеснички на Конференцијата која веќе подолго време интензивно работи на развој на полето на заштита на личните податоци е Унгарија.

„Сметам дека заштитата на личните податоци ќе станува сѐ поважна во иднина поради новите технологии и поради употребата на Интернетот. Идната соработка е многу важна особено во поглед на новите промени на законодавството во рамките на ЕУ“, потцрта директорот на Управата за заштита на податоците на Унгарија, Атила Петерфалви.


Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk Oбјавено: 22.06.2015