/ Прочитано:

1.082

ЛЕКОТ СЕ ПРЕТВОРИ ВО БОЛЕСТ: Клиентелските односи меѓу судиите и специјалните интереси – корупција во ЈИЕ

Во Југоисточна Европа, силниот фокус ставен врз судската независност не бил следен со подеднакво силни барања за отчетност. Без соодветни проверки и балансирање, судската самоуправа излегла надвор од контрола и се претворила во корпорација вклучувајќи ги и сите придружни коруптивни ризици, се вели во Регионалниот извештај за проценка на корупцијата во Југоисточна Европа на СЕЛДИ (Southeast Europe Leadership for Development and Integrity). Од организациите – членки на СЕЛДИ за Академик велат дека овој извештај се вклопува во рамката за развој и спроведување на новата регионална антикорупциска политика и инфраструктура како што е наведено во Столбот за владеење во Стратегијата на ЈИЕ 2020, спроведуван од Регионалната антикорупциска иницијатива.

Kорупцијата меѓу политичарите и судиите се зголемува

Според главните наоди на истражувањето, и покрај одредени важни постигнувања, главно во однос на стабилизација на демократските институции, усвојување на закони во клучните области за борба против корупцијата, намалување на ситното подмитување и растечката нетолеранција на јавноста кон корупцијата, антикорупциските и реформите за добро владеење не се консолидирани, корупцијата меѓу политичарите и судиите се чини дека се зголемува, а спроведувањето на антикорупциското законодавство не е систематско. Антикорупциските политики и институции во регионот може да имаат огромна корист од примената на редовна и прецизна алатка базирана на истражувањето за виктимизација за мерење на корупцијата и стапката на напредок во доброто владеење, слично на специјалниот Евробарометар за антикорупција, Следењето на корупцијата и организираниот криминал во ЈИЕ од страна на УНОДЦ и Системот за следење на корупцијата (ССК),применет во овој извештај.

Во Регионалниот извештај во однос на судството се констатира дека преголемото нагласување на формалната изборна независност стана типичен пример за тоа како лекот се претвора во болест, наместо да се обезбеди рамнотежа на извршната власт, самоуправувањето ги задржа клиентелските односи меѓу судиите и специјалните интереси.

Наместо рамнотежа – клиентелски односи меѓу судиите и специјалните интереси

„Денес, правосудството во ЈИЕ е ефективно зафатено од корупција како и другите гранки на власт. Откако се ослободи од јавното испитување и политичките фактори што довеле до такво уредување, денес има помалку проверки на тоа како судиите стекнуваат корист. Не е изненадувачки што јавноста нема високо мислење за судството. Системот за следење на корупцијата на СЕЛДИ откри дека судиите се сметаат за најкорумпирани службени лица во регионот; отсуствотона транспарентност и отчетност е веројатно значаен фактор за таквите оценки. Во сите земји од СЕЛДИ има видливо влошување во оцената за распространетост на корупцијата меѓу судиите од 2001година“, се нагласува во Извештајот.

Капацитетот на судството е поткопан од политичка корупција

Според податоците, капацитетот на судството во регионот за спроведување на антикорупциското законодавство, особено во однос на политичката корупција, е поткопан одголем број проблеми што кумулативно го имале влијание:

• Уставни прашања, првенствено поврзани со враќање на рамнотежата меѓу независноста и отчетноста на судството;

• Сложеноста на кривичното гонење на извршителите на кривичното дело корупција, особено на политичко ниво;

• Генерално недоволниот капацитет и ниската професионалност, претераниот обем на работа, што резултира во натрупување на случаи, неможност за справување со случаите, немање механизми,итн.

Препораки – недостатокот од механизми за повратна информација 

„Важен наод во овој круг на следење на корупцијата на СЕЛДИ што е релевантен за улогата на судството во антикорупцијата е недостатокот од механизми за повратна информација што овозможува јавноста и креаторите на политики да го евалуираат и интегритетот на судството и неговата ефективност во спроведувањето на кривичните антикорупциски закони. Во ниту една од ЈИЕ земјите нема веродостоен, систематски и сеопфатен механизам за собирање,обработка и објавување на статистичките податоци за работата на судовите и обвинителството, особено за корупциските случаи“, се посочува во Региналниот извештај, каде и дополнително се акцентира дека земјите каде што мнозинството судски самоуправни тела не се избрани од страна на судиите треба да усвојат реформи за зголемување на нивната гласачка моќ. Земјите кои не го сториле тоа, треба да го усвојат принципот „еден судија – еден глас”. Во таа насока, во Извештајот се истакнуваат следните препораки:

• Изборот на судската квота треба да е колку што е можно порепрезентативна, и треба да ги вклучува судиите од првостепените судови. Внимателно треба да се ревидира, и ако е потребно да се преиспита, компатибилноста на позицијата на претседател на суд со членство во судските самоуправни тела.

• Во земјите каде што и обвинителството и судовите се управувани од страна на истото тело, двата колегиуми, за обвинители и судии, треба да бидат одделени во рамките на ова тело. Обвинителите и судиите, соодветно, ќе бидат избрани само во овие колегиуми.

• Да се укине или намали на минимум улогата на владините министри (обично за правда) во судските самоуправни тела, особено во однос на одлуките за дисциплински постапки.

• Судиите треба да имаат приоритет во механизмот за верификација на анкетните листови.

• Независноста и капацитетот на судските инспекторати треба да се зајакне, за да се овозможи засилување на инспекциите.

• Воведување на повратни механизми за спроведување на антикорупциските политики во односна судиите. Овие механизми се суштински непотполни или практично недостасуваат во сите СЕЛДИ земји; нивното отсуство го саботира аспект за репресијата на антикорупциските политики и го прави понатамошното инкриминирање на корупцијата бескорисно. Можна добра практика што би можела да се реплицира, иако таа е сѐ уште недоволно развиена, е Платформата за антикорупциска статистика на Косово, дизајнирана од страна на една невладина организација. Таквиот механизам треба да вклучува редовно информирање за: дисциплински и административни и кривични мерки во јавната администрација и судството; различните аспекти на кривично гонење, вклучувајќи обвиненија и пресуди / ослободителни пресуди, казни за различни видови накорупциски дела.

Административната корупција е масовен феномен

Покрај состојбата на правосудството во овој контекст, во Извештајот се наведува дека и административната корупција е масовен феномен и не може да се поврзе со индивидуални случаи на корумпирани функционери. Исто така, се аналзира и институционалната практика и спроведување на законите.

Според анализите, во Југоисточна Европа, акцентот што порано бил ставен врз усогласување на националното законодавство со меѓународните антикорупциски стандарди постепено му отстапува место на фокусот за спроведување преку зголемување на притисокот од страна на ЕУ и локалното граѓанско општество.

Kомпромитирана автономија и спроведување на законите

„Заеднички недостаток на сите земји од СЕЛДИ е компромитираната автономија на различните тела за надзор и спроведување на законите. Типично е дапостои одреден степен на мешање од страна на политичарите, пратениците или министрите во владата, во работата на државната служба. Понатаму, ниту една од земјите во СЕЛДИ немаат соодветни функционални механизми за управување со поплаките во јавната администрација. Повеќето имаат формирано антикорупциско тело од кое се очекува дека ќе ги прима поплаките од јавноста. Друг заеднички недостаток е немањето веродостојни и јавно достапни податоци за работата на владините институции,особено што се однесува до антикорупцијата. Информациите и статистичките податоци не се собираат или не се достапни за јавноста или се собираат спорадично и не овозможуваат следење и анализа. Едно од клучните прашања поврзани со креирањето на специјализирани национални антикорупциски институции во регионот е како да се комбинираат превентивните и репресивните функции“, се наведува во Извештајот.

Регионален извештај за корупцијата во Југоисточна Европа

24.11.2014/ М.В/veljanoskim@akademik.mk