/ Прочитано:

3.573

MAGNA CARTA LIBERTATUM: Ограничената моќ на власта и личната слобода на човекот како услов за правната држава

Големата повелба на слободата е најстариот англиски уставен документ од 1215 година со која се предвидува ограничување на моќта на англиските кралеви, конкретно на кралот Џон Без Земја, син на кралот Хенри II. Големата повелба на слободата е потпишана на 15 јуни 1215 година во близината на Лондон. Деновиве во Англија се одбележуваат 800 години од потпишувањето на Повелбата, која е со огромно влијание во развојот на конституционализмот, демократијата и почитувањето на човековите права како услов за владеењето на правото.

Големата повелба на слободата е своевиден политички пакт како резултат на несогласувањето на англискиот кралот Џон со англиските барони и со благородништвото, под чиј притисок и по искажаната жестока бунтовност бил принуден да ја потпише и „доброволно“ да ја ограничи својата моќ. Бароните барале од кралот тој да се одрече од своите  апсолутистички права, да прокламира слободи и права, да прифати дека неговата волја е ограничена со закон, како и да прифати дека и неговата власт може да биде ограничена со закон, а со тоа и да ги почитува правните и законските процедури како еден од прерогативите на слободата и правдата.

Со нејзиното потпишување и донесување, завршен е судирот меѓу кралот и благородниците, кои, со оружје во рацете, се кренале против неговата апсолутистичка моќ, барајќи почитување на нивните права во согласност со уставните обичаи и обичајното право. Бароните, под услов на ограничена кралска моќ, ја искажале својата лојалност, сепак, со оставање на можност повторно вооружено да се побунат доколку кралот не го почитува својот потпис и повелбата.

Оттука, Големата повелба првенствено ги истакнувала правата и интересите на благородништвото, но со неа започнува и англиската уставна слобода и влијанието што понатаму го рефлектирал документот како модел за уставите ширум светот.

Имено Големата повелба е првиот чекор од историскиот глобален процес кој довел до владеење на законот и правото и до втемелувањето на правната држава како ограничување на моќта и етаблирање на законската процедура. Овие вредности што ги прокламирала Големата повелба на народите и денес имаат исклучителна правно-културолошка вредност и  оттука, со својот уникатен правен импакт во светски рамки, Големата повелба се смета како прв голем напредок кон развојот на правата и слободите на човекот и граѓанинот, но и инспирација за идеите за либерализам и демократијата – во Европа и во светот.

Поаѓајќи од тоа дека Повелбата ги гарантира правата на слободните луѓе за да ги имаат и да ги уживаат, овој значаен политичко-правен и историски документ во себе предвидува бројни права кои во понатамошниот период само ќе го потврдат аксиолошкиот карактер на нормативите во неа и на правната филозофија која ја отсликуваат како конституционалистички израз.

Во Повелбата се предвидува правото на лична слобода на човекот, почитувањето на човековата слобода, која може да му се одземе само низ соодветна законска постапка, ограничување на произволните кралски даноци, ограничување на надлежностите на кралските судови, гарантирање на правото на фер судски процес, гарантирање на правото на жалба против неправедно притворање, почитување на приватната сопственост, како и независноста на англиканската црква.

Тргнувајќи од вака поставените вредности, Големата повелба, покрај тоа што е основа на бројни устави во светот со големо влијание врз конституционализмот, таа е основа и на повеќе акти и декларации не само во англиското говорно подрачје, туку и во целиот свет. Меѓу нив се вбројуваат и Француската декларација за правата на човекот и граѓанинот и Универзалната декларација за човековите права.

По повод потпишувањето на овој историски документ, деновиве во Велика Британија се одбележува 800 годишнината од нејзиното донесување и настанот е проследен со голем број свечености преку кои се истакнува значењето на Повелбата како основа на парламентарната демократија, владеењето на правото и конституционализмот како конституент на современото уставно право, правната држава и на демократијата.

На местото Ранимиду, во близината на Лондон, каде што Џон Без Земја на 15 јуни 1215 година ја потпишал на Големата повелба се одржува и централната манифестација на која беше нагласено дека токму од тоа место се слави борбата за човековите слободи и права. Одбележувањето на овој значаен јубилеј започна во саботата, кога по реката Темза се движеше специјална флотила од речни бродови, носејќи еден од оригиналите на Големата повелба.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

16.06. 2015