/ Прочитано:

814

„Мајкрософт“ и „Симантек“ пресекле глобална операција на сајбер криминалци

Четврток, 7 февруари 2013 – Софтверските компании „Мајкрософт“ и „Симантек“ објавија дека пресекле глобална операција на сајбер криминалци, на тој начин што ги исклучиле серверите кои контролираат стотици илјади персонални компјутери без знаење на нивните корисници.

Мерката довела до времена неможност на заразените компјутери во светот да вршат пребарување во мрежата, и покрај тоа што компаниите испратиле бесплатни инструменти за прочистување на машините преку електронски соопштенија, кои автоматски влегувале во заразените компјутери.

Програмери, кои дејствувале од името на двете компании, нападнале вчера бази на податоци во градот Вихокен во државата Њу Џерси и Манасас, во Вирџинија. Акцијата за нивно пресретнување била во соработка на федералните власти по наредба на федерален окружен суд во Александрија, Вирџинија.

Според претставникот на „Мајкрософт“ Ричард Боскович, како резултат на тоа експертите воспоставиле контрола врз еден сервер во Њу Џерси и ги проследиле операциите на центарот за податоци во Вирџинија и во компанијата во Холандија.

Боскович смета дека има голема веројатност дејствијата на програмерите да постигнале целосен успех во прекин на хакерската операција, позната по името „Бамитал ботнет“.

Според податоци на „Мајкрософт“ и „Симантек“ исклучените сервери комуницирале со меѓу 300.000 до еден милион персонални компјутери, заразени со „злонамерен“ софтвер.

Компаниите посочија дека операцијата „Бамитал“ крадела резултати од пребарувањата, организирајќи шеми при кои трговски компании илегално наплатуваат за „кликнување“ на нивните рекламни банери.

Според „Мајкрософт“ и „Симантек“ организаторите на овие операции заработувале по еден милион долари годишно. Посочија дека ќе знаат повеќе за големината на операцијата откако ќе ги анализираат информациите од заразените компјутери.