/ Прочитано:

1.109

Македонија и Босна и Херцеговина потпишаа три договори од правосудната област

Вторник, 12 март 2013 – Министрите за правда на Република Македонија и на Босна и Херцеговина, Блерим Беџери и Бериша Чолак, денеска во Скопје потпишаа договори за изменување и дополнување на три договори од правосудната област. Станува збор за договорите за изменување и дополнување на Договорот за правна помош во граѓанските и кривичните предмети, на Договорот за меѓусебно извршување судски одлуки во кривичните дела и на Договорот за екстрадиција.

Потребата од измените и дополнувањата на овие три договори, како што рече министерот Беџети, се укажа поради новите видови правна помош од областа на кривичното и граѓанското право. Тој посочи дека во досегашната пракса од примената на Договорот за правна помош во граѓанските и кривичните предмети немало проблеми меѓу двете држави кои се обврзаа за пружање правна помош во овие предмети, гарантирајќи еднакви права и слободен пристап на граѓаните пред судовите.

„Но, со текот на времето се воочи потребата за унапредување на соработката во поглед на директна комуникација на надлежните органи на двете држави кои се поврзани со давање на податоци од кривичната евиденција, како и можност за упис на основните лични податоци за државјаните во соодветните матични книги и формирање заеднички истражни тимови заради преземање истражни дејствија, особено за потешки облици криминал“, истакна министерот Блерим Беџети.

Во практичната примена Договорот за меѓусебно извршување судски одлуки во кривичните дела, како што рече министерот Беџети,  покажа одредени недостатоци во ситуација кога осуденото лице ќе ја напушти државата која му ја изрекла кривичната санкција и ќе замине во државата чиј е државјанин или каде има постојано живеалиште, при што ќе го избегне давањето согласност за извршување на изречената кривична санкција. Со измените се предвидува дадената согласност на осуденото лице да е неотповиклива.

Македонија во постапките по предметите за екстрадиција покрај билатералниот договор со БиХ постапува согласно одредбите од Европската конвенција за екстрадиција со два дополнителни протоколи.

Договорот за изменување и дополнување на Договорот за екстрадиција меѓу Македонија и БиХ, како што појасни Беџети, е значаен не само за двете држави и граѓаните, туку и за регионот бидејќи со него ќе се овозможи поефикасна борба против криминалот.

„Договорот го стеснува просторот за криминалците кои со нивните криминални активности повеќе нема да можат да се штитат со државјанството, ниту пак ќе бидат заштитени од своите национални законодавства“, додаде министерот Беџети.

Босанскиот министер за правда посочи дека потпишувањето на договорите за изменување и дополнување на трите договори ќе придонесе за уште подобра соработка меѓу правосудните органи на двете земји во корист на граѓаните.

„На овој начин покажуваме дека сакаме да ги следиме европските стандарди не само поради нив, туку пред се за доброто на нашите граѓани“, рече министерот Чолак.

Министерот Чолак изрази уверување дека потпишувањето на овие договори ќе придонесе кон намалување на  организираниот криминал што е заедничка цел на двете држави.