/ Прочитано:

698

Македонија ќе добие 1,8 милиони евра од „Титовото наследство“ – потврдуваат од МНР

Петок, 30 мај 2014 – Државите наследнички на поранешна Југославија со судска пресуда добија право да поделат 25 милиони евра од фондовите на некогашна Народна банка на СФРЈ, што беa замрзнати во Франција, од кои 1,8 милиони евра ќе добие Македонија.

Од МНР за Академик велат дека на Македонија и припаднал износ од 1.8 милиони евра и дека досудениот износ набрзо треба да биде добиен.

Расположливите средства според пресудата треба да бидат поделени меѓу државите-наследнички на поранешна СФРЈ, согласно претходно постигнатата спогодба за сукцесија.

Инаку претходно, во текот на месец мај, Трговскиот суд во Париз донел правосилна пресуда за одмрзнување на средствата што централната банка на некогашната заедничка држава ги ставила на сметките на банката „Креди Агрикол“.

Според информациите, се работи за износ од 24,44 милиони евра и тоа без камата на средствата што биле блокирани уште од 1996 година.

Спогодбата за сукцесија на имотот на поранешна СФРЈ државите-наследнички ја потпишаа во 2001 година, а со Анексот Ц од спогодбата дефинирана е поделбата на расположливите финансиски средства.

М.В / veljanoskim@akademik.mk