/ Прочитано:

3.400

МАКЕДОНСКА РЕВИЈА ЗА КАЗНЕНО ПРАВО И КРИМИНОЛОГИЈА – единственото специјализирано и меѓународно списание од областа на кривичното право во РМ

Здружението за кривично право и криминологија на Македонија е официјалниот издавач на списанието „Македонската ревија за кривично право и криминологија“.

slika

Главната цел и задача на „Македонската ревија за казнено право и криминологија“ е подигнување на свеста кај експертската и кај општата јавност за клучни прашања од областа на кривичното право, криминологијата и сродните дисциплини. Главната причина за успехот и препознатливоста на „Македонската ревија за казнено право и криминологија“ помеѓу практичарите и теоретичарите на кривичното право во Република Македонија се должи на фактот што ова списание е единственото специјализирано списание во Република Македонија кое дава критички осврт за легислативните акти и за практиката од областа на кривичното право, како и препораки насочени кон изменување на проблематичните одредби во тие акти со цел зајакнување на владеењето на правото во Република Македонија. Ревијата се печати 1-3 пати годишно во зависност од предвидените активности на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија. Подигнувањето на свеста кај експертската  јавност се извршува преку организација на јавни дебати и научни дискусии.

„Македонската ревија за кривично право и криминологија“ е составена од Меѓународен уредувачки одбор и Меѓународен издавачки совет, кои се состојат од: национални и меѓународни експерти по казнено право, академци, професори по право, судии, адвокати, јавни обвинители и други правни експерти. Главен и одговорен уредник на Ревијата од нејзиниот почеток е проф. д-р Љупчо Арнаудовски.

Списанието се објавува 1-3 пати годишно, особено по одржувањето на важни научни и стручни конференции, тркалезни маси, организирани од страна на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија. Првиот број на списанието е издаден во 1993 година. Определените целни групи каде што се дистрибуира Ревијата се: Министерство за правда на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, основните судови на територијата на Република Македонија, апелационите судови, Врховниот суд на Република Македонија, Судскиот совет, Македонската академија на науките и уметностите, правните факултети на сите универзитети во Република Македонија,  Јавното  обвинителство  на Република  Македонија,  вишите  и  основните  јавни обвинителства во Република Македонија, меѓународни фондации и организации во Република Македонија кои работат во областа на владеењето на правото, демократското владеење и човекови права.

Македонската ревија за кривично право и криминологија се издава во печатена и во електронска форма која е целосно достапна на www.journal.maclc.mk. Темите за поднесување апстракти и трудови се избираат од страна на Извршниот одбор на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија со претходна консултација на Уредувачкиот одбор и Издавачкиот совет на Ревијата. Содржината на МРКК се содржи во: тематски дел, статии и прикази. Авторите имаат можност да одберат во кој дел сакаат да биде објавен нивниот труд и тоа да го најават во формуларот за учество. Повикот за испраќање трудови се објавува и на интернет-платформата на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија (www.maclc.mk), на официјалната страница на Ревијата, на профилите од социјалните мрежи на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија, како и на веб-порталите на нашите партнерски институции и организации.

Најновото издание од Ревијата со наслов „Македонско прекршочно право – проблеми“, што е подготвено во соработка и со финансиска поддршка од Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (INL) при Амбасадата на САД во РМ е дополнителна активност на научното советување на Здружението на истата тема што се одржа на 16 декември 2015 година во Скопје. Заклучоците, препораките и ставовите на експертите кои зедоа учество на двете панел-дискусии: 1) Македонско прекршочно право – проблеми и 2) Предностите на ресоцијализацијата наспроти казнувањето кај малолетничката деликвенција, кои беа предмет на советувањето, се објавени во овој број од Ревијата.

Претходните два броја од Ревијата се значајни поради ставовите на експертите и на Здружението во однос на зајакнувањето на улогата на одбраната во кривичната постапка – тема на која Здружението во соработка и со финансиска поддршка на Амбасадата на САД во РМ преку својата мрежа на национални правни експерти одржа 4 обуки за правни практичари, каде што ги детектираше проблемите со кои се соочуваат тие во секојдневната пракса и врз основа на тие резултати одржа дводневна научна и стручна конференција каде што изготви мислења и препораки за одредбите на ЗКП што ги регулираат правата на одбрана, што подоцна беа презентирани пред надлежните институции преку експертите на Здружението.

Ревијата 2014 е значајна поради тоа што ги содржи ставовите на Здружението и неговата експертска мрежа во однос на Правилникот за начинот на одмерување на казните на Врховниот суд на РМ. Овој број е значаен поради придонесот на претседателот на Врховниот суд и во својство на предавач на научната и стручна расправа и како автор на труд во Ревијата во кој детално ги образложи своите ставови и мислења во однос на ова прашање.

Ревијата претставува единственото специјализирано списание од областа на кривичното право во Република Македонија кое има својство на меѓународно списание благодарејќи на членството во: EBSCO Publishing, Directory of Open Access Journals, Google Scholar и други меѓународни датотеки на академски списанија.

Благодарејќи на репутацијата на членовите на Уредувачкиот одбор и Издавачкиот совет на Ревијата, таа го задржа својот квалитет на академско списание со проверени трудови, практика и истражувања.

M.В