/ Прочитано:

1.848

МАКЕДОНСКИ ХИРУРГ, ЖРТВА НА ПОЛИЦИСКА БРУТАЛНОСТ, ЈА ДОБИ ПРАВДАТА ВО СТРАЗБУР: Разговор за случајот со неговите адвокати

Европскиот суд за човекови права донесе пресуда според која Република Македонија треба да му исплати отштета на кумановски хирург кој бил жртва на полициска бруталност. Од нечовечкото и понижувачко постапување од страна на службените лица од МВР кон хирургот Андоновски, тој се здобил со повеќе потешки физички повреди. Иако во неколку наврати им нагласил дека има здравствени проблеми со срцето, тие не престанале со физичкото малтретирање.

За целиот овој случај разговараме со  адвокатот на кумановскиот хирург Андоновски, Тони Менкиноски, од Адвокатското друштво „Наумов, Менкиноски и партнери“, кој нагласува дека она што е најважно во целиот овој случај се однесува на извршувањето на оваа пресуда кое не се состои само во чинот на исплатата на досудениот надомест за штета на име на апликантот од страна на нашата држава, туку, пред сè, во  усвојувањето и преземањето на поединечните и општи мерки.

Која била причината за ваквата полициска бруталност?

„Во 2004 година г. Андоноски кој е доктор-хирург по професија при паркирање на своето возило на улица каде што немало знак за забрана на паркирање на возила, добива казна за сторен прекршок. Иако на улицата биле паркирани повеќе возила, единствено казнет бил само апликантот.

Понатаму не ни стигнал да се обрати кон службените лица од МВР за да праша зошто добил казна за сторен прекршок, кога две службени лица од МВР на РМ брутално физички го нападнале.

Од нечовечкото и понижувачко постапување од страна на службените лица од МВР кон г. Андоноски, тој се здобил со повеќе потешки физички повреди. Иако во неколку наврати им нагласил дека има здравствени проблеми со срцето, тие не престанале со физичко малтретирање. Дотолку повеќе што, еден од полицајците лично го познавал г. Андоноски бидејќи со неговиот брат имал нарушени соседски односи и знаел дека има здравствени проблеми со срцето.

Додека г. Андоноски бил во полициска станица, полициските службеници продолжиле со физичко малтретирање и со примена на сила, со тепање, со различни закани, со навреди, малтретирања кои го задоволуваат нивото и на понижувачко постапување. Потоа, г. Андоноски паднал во несвест, па се освестил и побарал помош од доктор, по што бил однесен во болницата во Куманово, но поради тежината на повредите и значително влошената здравствена состојба бил префрлен во Клиничкиот центар во Скопје, каде што останал на болничко лекување, додека, пак, за санирање на сите повреди бил на долготрајно боледување повеќе од 5 месеци.

Сумирано, одговорот на ова прашање треба исклучиво да се гледа во индивидуалните карактеристики на личноста на инволвираните полицајци во овој случај, кои, и да не биле полицајци, повторно и секогаш би биле потенцијални извршители на такви дејствија, што нив ги прави целосно инкомпатибилни за вршење на какви било јавни овластувања, особено полициски. Ова прашање, аналогно, треба да се анализира во контекст на поширокото прашање во врска со огромната важност на кадровската политика на МВР и посебно неопходноста од редовни темелни проверки на здравствената состојба на полицајците“, објаснува адвокатот Тони Менкиноски.

За каков тип на повреди на Конвенцијата се работеше?

„Како што е наведено во неговата пресуда, во случајот на Андоновски, Европскиот суд констатира повреда на членот 3 од Конвенцијата со образложение дека надлежните власти на Р. Македонија не успеале да спроведат ефикасна истрага на наводите на апликантот во врска со полициската бруталност спрема него. Истовремено, оваа повреда на членот 3 Европскиот суд ја комплетира со негова констатација за нечовечки и понижувачки третман спрема апликантот од страна на полицијата за време инцидентот од 17-ти септември 2004 година“, истакнува адвокатот.

 Какви беа судските исходи во врска со овој случај?

„Најнапред од страна на МВР е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело напад на службено лице при вршење на работите на безбедност, a по пријавата е водена кривична постапка против г. Андоноски пред Основниот суд Куманово, во која е прогласен за виновен дека сторил кривично дело напад на службено лице и осуден е на 5 месеци казна затвор, со изрекување на условна осуда дека оваа казна нема да се изврши доколку во рок од 2 години не стори ново кривично дело.

Жалбата, изјавена од страна на г. Андоноски, Апелациониот суд Скопје ја одбил како неоснована, а потоа г. Андоноски поднесува и Барање за повторување на кривичната постапка, која е водена против него, но тоа е одбиено.

До Основното јавно обвинителство Куманово, апликантот поднесува кривична пријава против службените лица на МВР дека сториле кривично дело тешка телесна повреда од членот 131 од КЗ и злоупотреба на службена положба и овластување од членот 353 став 1 од КЗ.

Поради непреземање никакви дејствија, апликантот неколку пати се обраќа до јавниот обвинител кој го води предметот. Поради неактивност и никакво известување од страна на овој орган на кривичен прогон, откако се обраќа и до јавниот обвинител на РМ, конечно добива решение од Основното јавно обвинителство во Куманово дека кривичната пријава против службените лица од МВР е отфрлена бидејќи не постоеле основи на сомнение дека пријавените ги сториле наведените кривични дела.

Понатаму г. Андоноски во 2005 година поднесува и Барање за спроведување на истрага, но од страна на истражниот судија при Основниот суд во Куманово сторени се недоследности во преземањето на истражните мерки, а вештиот наод во предметот изготвен од Институтот за судска медицина не е доставен во списите.

По завршувањето на истрагата, донесен е и супсидијарен обвинителен акт од страна на апликантот против службените лица, а иако Јавното обвинителство Куманово морало да го преземе кривичното гонење против осомничените лица ех officio, доставува известување до Судот дека такв0 гонење нема да преземе.

На главниот претрес во овој предмет судијата, извртувајќи ги зборовите на апликантот, донесува решение за повлекување на супсидијарниот обвинителен акт, и покрај приговорите на апликантот дека не дал таква изјава, а кривичната постапка против службените лица од МВР ја запира.

Жалбата против ваквото решение на Основниот суд во Куманово од страна на Апелациониот суд Скопје е одбиена“, вели Менкиноски.

Најважно прашање: Извршувањето на оваа пресуда во  државата

Одговорот на првиот дел од последното прашање, додава адвокатот, е многу едноставен и технички:

„Република Македонија, како одговорна држава во овој случај, треба да му плати сума во износ од 15.000 евра на г. Андоновски на име нематеријална штета, што му била причинета како резултат на претходно наведените повреди на Конвенцијата”.

„Но, она што е најважно во целиот овој случај фактички директно се однесува на вториот дел на Вашето прашање, што директно се однесува на далеку најважното прашање: извршувањето на оваа пресуда во нашата држава, чии одговори не се ниту едноставни, а најмалку се технички. Извршувањето на оваа пресуда, но и на сите слични претходно донесени пресуди против РМ, не се состои само во чинот на исплатата на досудениот надомест за штета на име на апликантот од страна на нашата држава, туку и во (пред сè) „усвојување и преземање на поединечни и општи мерки заради отстранување на повредата и на последиците што настанале од неа, како и на причините што довеле до поднесување жалби пред судот и до соодветно спречување исти или слични повреди”, во согласност со членот 2 од Законот за извршување на одлуките на европскиот суд за човекови права.Но, овде неопходно е следново кратко, но важно потсетување: во конкретниов случај, најпрво оваа пресуда треба да стане конечна, во согласност со одредбата на членот 44 од ЕКЧП, со која се утврдуваат условите, односно случаите кога една одлука на Европскиот суд се смета за конечна. Консеквентно, по конечноста на оваа пресуда, РМ, односно Меѓуресорската комисија за извршување на одлуките на ЕСЧП, ќе треба да изготви извештај или акционен план за извршување на оваа пресуда, кој треба да ги содржи општите и индивидуалните мерки во согласност на клучните цели стипулирани во претходно цитираната одредба на членот 2 од Законот за извршување на одлуките на ЕСЧП. Кажано со далеку поедноставни зборови, таквиот извештај фактички треба да претставува главна платформа на процесот на бришење на причините и последиците на повредата на Конвенцијата во овој случај. Она на што на крај би сакал посебно да потсетам е фактот дека извршувањето на конечните судски пресуди е критична компонента на секое правило на правниот систем, како и дека донесувањето на која било одлука на Европскиот суд за човекови права не претставува цел за себе, туку тоа претставува, пред сè, „ветување“ за идна промена, односно тоа е „стартна точка“ на еден процес кој треба да овозможи да станат ефикасни правата и обврските во еден конкретен случај. Денеска, повеќе од кога и да било, особено по потпишувањето на 14-от Протокол кон ЕКЧП, извршувањето на одлуките на ЕСЧП се смета за еден од клучните фактори за подобрување на Европскиот систем на човекови права. Како што е запишано во неодамнешниот извештај на Групата на мудри лица на Советот на Европа, „кредибилитетот на системот на заштита на човековите права зависи во голем обем од извршувањето на одлуките на Судот. Целосното извршување на одлуките помага во зголемувањето на престижот на Судот и ефикасноста на неговата акција и има ефект врз лимитирањето на бројот на апликации доставени до него”.Но, истовремено, во овој поглед и самиот Комитет на министри на СЕ често пати нагласува дека „почитувањето на одлуките е еден од условите за членство во Советот на Европа“, укажува адвокатот Менкиноски.

Република Македонија треба конечно да сфати дека сериозно мора да започне со навремено и правилно извршување на секоја одлука на ЕСЧП

„Токму последново е фактички мојот главен аргумент за тезата дека РМ треба конечно и многу сериозно да започне со вистинско навремено и правилно извршување на секоја одлука на Европскиот суд, особено на оние одлуки во кои се констатирани такви сериозни повреди, што јасно индицираат дефекти на нашето општество. Аналогно, отстранувањето на таквите дефекти, рефлектирани во пресудата на случајот на Андоновски, нема да претставува само статутарна должност на нашата држава спрема системот на Советот на Европа туку тоа е нејзина должност спрема нејзините сопствените граѓани“, додава адвокатот.

Тој го нагласува значењето на навремената и правилна анализа на судската пракса и повредите констатирани од страна на ЕСЧП во пресудите против РМ.

„Навремената и правилна анализа на судската пракса и повредите констатирани од страна на ЕСЧП во пресудите против РМ претставуваат идеална храна која треба да послужи како најоригинална причина и основа за која било натамошна интервенција во многу чувствителното подрачје на правда и внатрешни работи  на Националната стратегија за реформа па правосудниот систем на РМ“, заклучува адвокатот Тони Менкиноски.

 М.В / veljanoskim@akademik.mk 29. 7. 2015