/ Прочитано:

2.316

Македонското судство низ очите на адвокат Андоновски: Немаме елементарни услови за работа!

Судници без прозорци и светлина, одбрана „од нога“, вака отприлика ни ја долови сликата за македонското правосудство, скопскиот адвокат Зоран Андоновски. Сред судска ферија, на кафе подалеку од судската палата, тој ни го опиша своето видување за македонското судство, засновано на секојдневното искуство во судниците на Граѓанскиот и Кривичниот суд. Се чини дека лошите услови за работа во судниците е првата пречка за спремање на квалитетна одбрана, а во однос на Граѓанскиот суд, однесувањето на судиите е зачудувачко, вели Андоновски нагласувајќи дека ретко кој судија го запазуваат рокот за закажување на рочишта. 

Тргнувајќи од секојдневието на еден адвокат кој голем дел од работното време ги поминува во судската палата, скопскиот адвокат Зоран Андоновски за почеток, накратко го раскажа своето патешествие во скопските судници.

„Во Кривичниот суд конкретно, условите се тешки за работа, судот е изграден ми се чини во 1976 година, и од тогаш се претрпени многу значајни кадровски структури и други видови на промени. Во судовите нема најелементрани услови за работа на еден адвокат, а камоли за судија. Нема најобична клупа каде адвокатот може да седне да направи прибелешки, работиме на нога, нѐ сместуваат во судници каде нема прозорец, нема дневна светлина. Постојат предмети како на пр. „Метастаза“, Пајажина“ траат по 7 или 8 часови, се слушаат доказите прибавени со посебните истражни мерки и како може да се очекува од еден адвокат да има квалитетна одбрана кога не постојат основни услови за работа“, раскажува адвокатот Андоновски. 

Иако Андоновски повеќе се соочува со предмети во Граѓанскиот суд, сепак не ја задржа мислата што се однесува на условите за работа на адвокатите што им ги пружаат притворските установи кога спремаат стратегија на одбрана заедно со притвореното лице.

„Се направи обид да се направи посебна канцеларија за адвокатите, да има нормални услови да се видат со притворениот за да се направи стратегија на одбрана. Но, мислам дека тука проблемот е поништување на правото на презумпција од почеток бидејќи секогаш во посета на притвотворено лице има надзорник, стражар кој седи до тебе и те следи и го слуша секој збор. Цело време седи и те надгледува, се поставува прашањето како ќе се постави добра и квалитетна одбрана, и ќе се почитува тајноста, за да може бранителите да имаат близок и искрен контакт со клиентот“, појаснува Андоновски.

Во однос на своите колеги судии, Андоновски се согласува со пошироките тврдења дека би требало изборот на судии да е потемелен, да се инсистира на богати биографии и искуство.

„Повеќето првостепени судии имаат искуство како правници надвор од судот. Тоа влијае врз квалитетот на водењето на постапките, како и на самите одлуки. Иако сум повеќе од десет години во оваа професија, не видов ниту една рекација од Здружението на судии, никој од нив не застана во одбрана на своите колеги, да обелодени дека нивната професија е нападната од страна на медиуми, поединци, итн. Никој од нив не рече дека тврдењата се неосновани.  Жално е што судии бираат набрзина, има колеги стручни соработници кои работат со години и колку пати конкурирале, нив не ги избираат“, вели Андоновски

Што се однесува до Граѓанскиот суд, Андоновски укажува на дефицит од судиски кадар.

„Граѓанскиот суд ги задоволува основните потреби, но однесувањето на тамошните судии е навистина зачудувачко. Гледаме реклами секој ден дека судиите треба во некој временски период да се закаже рочиште, мислам дека ретко кој судија тоа го почитува. Друг проблем е тоа што вонпарнично одделение има 3 судии, за цела територија на Скопје од преку 700.000 жители. Па тие судии не можат да ги задоволат елементарините потреби на судот, на граѓаните во оние одредување на меѓи, физички делби, одземање на работна способност, тестамент. И тоа влијае врз квалитет на судиите, се прават отстапки и грешки, влијае врз квалитетот на одлуката која понатаму треба да се спроведе“, заклучува скопскиот адвокат.


Објавено: 23.07.2013

Разговараше: Паула Божиновски