/ Прочитано:

629

Материјалните штети на недвижниот и движниот имот по полициската акција во Куманово целосно ќе се обесштетат

Вторник, 12 мај 2015 – За материјалните штети на недвижниот и движниот имот во населбата Тоде Мендол во Куманово, на местото каде што се одвиваше полициската акција, ќе се изврши обесштетување во висина од 100% од проценетата штета на терен, информираат од Министерството за транспорт и врски.

Комисијата за процена на штетите, составена од членови на Владата на РМ и Општина Куманово, од денеска ги започна процените за утврдување на материјалните штети на недвижниот и движниот имот во населбата Тоде Мендол во Куманово, на местото каде што се одвиваше полициската акција.

Владата на последната седница одлучи да се изврши обесштетување во висина од 100% од проценетата штета на терен.

„На семејствата чиишто домови се оштетени во акцијата во мера што не дозволува услови за престој ќе им се обезбеди сместување во периодот потребен за санација на нивните домови или додека трае санацијата ќе добиваат финансиски надомест за закуп на простории (кирија)“, велат од Министерството за транспорт и врски.

На овие семејства ќе им се додели и првична еднократна хуманитарна помош во висина од 100.000 денари по единица оштетен дом.

Надлежните државни, комунални, медицински и санитарни институции, во соработка со Општина Куманово и Град Скопје, ќе пристапат кон расчистување на теренот со цел обезбедување на првобитните услови за живот.

Комисијата за процена на штетите во рок од 7 дена ќе подготви Извештај за проценетата штета и ќе го достави до Владата на РМ.

Исто така, во согласност со заклучоците на Владата, надомест во висина од 70 илјади евра ќе добијат семејствата на припадниците на македонската полиција кои загинаа во борбите во саботата и неделата во операцијата за неутрализирање на терористичката група во кумановската „Дива Населба“.