/ Прочитано:

1.395

МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ЛИЦАТА СО ИНВАЛИДНОСТ: „Нашите проблеми се поврзани како крвни садови, ако има прекин на едно место – има прекин во целиот систем“

Основниот суд Делчево во март годинава ја донесе првата пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на ментална и телесна попреченост. Во конкретниот случај, Општината Делчево не презела дејствија за приспособување на инфраструктурата и просторот и обезбедување пристап до добра и услуги на тужителот, како лице со ментална и телесна попреченост.  Општината, како тужена страна, беше задолжена да ја отстрани повредата на правото и да ја прилагоди инфраструктурата и просторот, како и да му надомести на тужителот и нематеријална штета. Ова е само еден пример од практиката каде судот покажал сензибилитет. Одговорноста и обрската за остварување на правата на лицата со инвалидност не е само на државата, туку на целокупната јавност и општество, велат упатените.

Денеска,  3 декември, се одбележува  Меѓународниот ден на лицата со инвалидност. Најсилна алатка во процесот на изедначување на можностите на лицата со инвалидност и нивна потполна инклузија во општеството е Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност и Факултативниот протокол, донесени од страна на Обединетите нации на 13 декември 2006 година. Република Македонија беше меѓу 82-те земји кои што ја потпишаа Конвенцијата на 30-ти март 2007 година. Законот за ратификација на Конвенцијата и Факултативниот протокол беа едногласно донесени од страна на Собранието на 5-ти декември 2011 година.

Бранимир Јовановски, претседател на Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност, за Академик вели дека од еден од приоритетните членови на Конвенцијата, можеби и најважниот е членот 9 кој се однесува на пристапноста од секаков вид, не само физичката.

„Свесни сме за состојбата и економијата во општеството во кое живееме, меѓутоа и свесни сме дека некои промени кои треба да се случат за да го подобрат животот на луѓето и правата нивни, не изискуваат многу свесност, туку само внимание, добра волја  и желба. Затоа и нашето тело, меѓутоа и невладиниот сектор, кои се грижат за подобрување на положбата и правата на лицата со инвалидност имаат свои приоритети. Еден од приоритетите, можеби најважниот е токму членот 9 кој се однесува на пристапноста од секаков вид, не само физичката, туку и пристапност до информациите до медиумите. Да, за лицата со телесен инвалидитет најголем проблем се архитектонските бариери, но постојат  барирери и во други области. Знаете, нашите проблеми се поврзани како крвни садови, ако има прекин на едно место – има прекин во целиот систем“, истакнува Јовановски.

Остранување на бариерите, солидно образование и вработување на лицата со инвалидност се приоритети на Координативното тело.

„Во однос на архитектонските бариери, веќе работиме на тоа пристапите до јавните патишта, паркиралиштата и институциите да бидат адаптирани. Пристапност не значи само влез во зграда, тоа значи да се направи и соодветен тоалет, лифтовите да имаат доволна големина итн. Образованието како систем е битно за стекнување на што е можно поголемо знаење и вештини бидејќи од тоа, пак, зависи и конкуреноста на пазарот на трудот и подоцнежната можност за вработување на самите лица со инвалидност. Сите овие поврзани работи се надеваме дека во догледно време ќе имаат свое подобрување. Дел по дел работите се решаваат и јас искрено очекувам дека надлежните од институциите ќе вложат навистина силни напори на своите сограѓани да им овозможат подобар и посупешен живот“, вели Јовановски.

Закони има, потребна е имплементација

Македонија има донесено повеќе позитивни закони во однос на правата на лицата со инвалидност, но како и вообичаено, проблемот во е  нивната имплементација.

„Ако имате закон, а не се почитува тогаш тоа ќе значи дека се отвора простор самите лица да покренуваат индивидуални тужбени барања за да си го заштитат своето право. Пристапноста е составен дел на Законот за градење, значи веќе постои законска основа со која државата се обврзала институциите, јавните објекти, сообраќајниците да ги направи пристапни за лицата со инвалидност, меѓутоа во практиката гледаме дека и денеска се градат нови згради во кои се сместуваат институции, а кои се целосно непристапни за лицата со инвалидност. Значи проблемот е во имплементирање на законите“, истакнува Јовановски.

Помалите градови пасивни

Според Жарко Селковски, претседател на Националниот сојуз на слепите на РМ, последниве години се забележува напредок во унапредување на правата на слепите лица.

„Едно од правата за слепите кое успеавме да го  издејствуваме е додатокот за слепило, кој се имплементира во 2012 година. Исто така  се изборивме за повласно патување со меѓуградскиот и железничкиот превоз, 10 отсто од социјалнте станови се за слепите лица и 10 отсто за другите лица со инвалидност. Со проект на Владата и Министерството за труд и социјална политика беа вработени 300, меѓу кои 50 слепи. Во Универзитетската библиотека добивме простор каде се снимаат аудио книги и брајеви списанија. Моментално мислам дека се снимени 300 книги и се надевам дека ќе продолжи овој проект. Ја би сакал да апелирам доколку има и други аудио книги да ни’ се дадат.  Ние имаме веб страница каде се достапни книгите и можат да се слушаат“, вели Селковски.

Според него, напредокот најмногу се забележува во Скопје, но другите општини, како што вели, се малку пасивни.

„Сметам дека во другите градови, локалните самоуправи треба да имаат поголемо разбирање за инвалидските организации. Во Скопје почнува да се работи, пред се’ на самостојното движење на слепите лица. Сметам дека преку локалната самоуправа треба да се развиваат проекти за персонални асистенти,  кои подразбираат воведување на сервисни служби. Имаме сами слепи лица, кои имаат некоја потреба – како идење до болница, да можат тие да се јават кај тие асистенти“, објаснува Селковски.

Вработувањето проблем во сите земји од регионот 

Според Горан Костура од Националниот совет на инвалидските организации на Словенија, во сите земји во регионот постои проблемот со вработување на лицата со инвалидност, сo лична асистенција, со превоз…. Тоа се основни права кои треба да се гарантираат, вели тој за Академик, се’ друго е помалку битно.

 „Законите во Словенија во практиката се имплементираат. Основните права на овие лица им се гарантираат, но проблем на сите земји во регионот е сиромаштијата. Конвенцијата е малку покомплицирана бидејќи различно се интепретира и туку според мене е најголемиот предизвик за државите. Како да најдат начин за она што правниците го нарекуваат прогресивна реализација. Ние сме свесни дека не може се’ преку ноќ да се реши, но не е решение ни’ тоа да се создаваат некои големи стратегии и акциони планови за кои после 10 години се утврдува дека не донеле никакви резултати. Ние како органиција се бориме за реализација на некои цели во пократок временски период. Бараме од државата да покаже напредок. Конкретни мерки и реализација“, истакнува Костура.

За хрватското искуство, пак, разговаравме со Марица Милиќ, координаторка на проект на Сојузот на здруженија на лица со инвалидитет на Хрватска. Според нејзе, правата на лицата со инвалидност во Хрватска  се’ повеќе и повеќе се почитуваат.

„Секако, не сме задоволни во целост, но откако ја ратификуваме Конвенцијата во 2007 година имаме силно оружје за притисок и во Хрватска унапредивме голем број на закони. Посебно се обрна внимание на лицата со интелектуални потешкотии на кои им е дадено право на гласање и за кои во Законот за семејство е пропишано дека работната способност не може потполно да им се одземе, може само делумно. Имаме напредок и во образованието каде подготвивме и Правилник за лични асистенти кои ќе им помагаат на учениците со потешкотии во развојот. Она што ни’ е важно дека воведовме личен асистент во 2006  година за лицата со интелектуални потешкотии , не како законско право,  но во рамки на европски проект кој уште го тестираме. Што се однесува на глувите и неми лица, за нив е годинава е донесен Законот за знаковен јазик. Што се однесува на слепите лица,  важно е да се нагласи дека тие по првпат минатата година на брајево писмо можат да гласаат, а не некој друг за нив да заокружи. Градовите имаат поддршка, но руралните средини нема поддршка ниту има социјални услуги, а и односот со лицата со инвалидитет е поразличен, има повеќе  предрасуди“, вели Милиќ.

>> ДОНЕСЕНА ПРВАТА ПРЕСУДА ВО МАКЕДОНИЈА СО КОЈА СЕ УТВРДУВА ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ ОСНОВА НА МЕНТАЛНА И ТЕЛЕСНА ПОПРЕЧЕНОСТ


Е.П. / pavlovskae@akademik.com.mk

3.12.2015