/ Прочитано:

2.252

Меѓународната и националната судска пракса во постапки за утврдување директна дискриминација

Денеска во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка и со финансиска поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, се одржа советување на тема „Меѓународна и национална судска пракса во постапки за утврдување директна дискриминација“.

foto akademik

На денешното советување присуствуваа судии и стручни соработници од граѓанските оддели од сите апелациони подрачја, адвокати и претставници на Народниот правобранител, на Комисијата за заштита од дискриминација, на Министерство за правда и на Министерство за внатрешни работи. На советувањето се говореше за  меѓународната судска пракса во постапки за утврдување на директна дискриминација и за искуството на Европскиот суд за човекови права и Судот на правдата на Европска Унија во таа насока, како и за националната судска пракса во постапки за утврдување на директна дискриминација.

foto akademik

Свои излагања на советувањето имаа  проф. д-р Жанета Попоска од Мисијата на ОБСЕ во Скопје,  Санде Зиков, судија во Основниот суд Скопје 2 – Скопје и Атанас Георгиевски, адвокат и правен советник на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Д-р Жанета Поповска говореше за прашањето на директната дискриминација, меѓународните стандарди,  законската рамка и судската пракса на Европскиот суд за човековите права и Судот на правдата на Европската Унија.

foto akademik

„Директна дискриминација се случува кога со едно лице се постапува, се постапувало или би се постапувало понеповолно од друго лице во слична ситуација врз основа на која било од заштитените карактеристики“, рече Поповска. Таа нагласи дека директната дискриминација е најчеста и им посочи на присутните судии и адвокати дека најчесто се соочуваат и ќе се соочуваат со неа.

Во врска со меѓународните стандарди, Попоска се осврна на членот 14 од Европската конвенција за човековите права, во кој се предвидува забраната на дискриминација. Во овој член се пропишува дека уживањето на правата и слободите, предвидени со оваа ЕКЧП, ќе биде обезбедено без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.

foto akademik

Попоска говореше и за членот 1 од Протоколот бр. 2 кон ЕКЧП, кој се однесува на  општата забрана на дискриминацијата и во кој се предвидува дека „уживањето на секое право предвидено со закон ќе биде обезбедено без дискриминација врз која било основа, како: пол, раса, боја, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или друг статус“.

За судската пракса на Европскиот суд за човековите права, д-р Жанета Попоска ги елаборираше случаите поврзани со дискриминацијата врз основа на пол, дискриминацијата врз основа на раса/етничка припадност, дискриминацијата врз основа на вероисповед, дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и дискриминацијата по други основи.

foto akademik

Таа се осврна и на националната рамка, а во контекст на неисцрпеноста на домашните правни средства (принцип на супсидијарност). Во таа насока, Попоска посочи на конкретните случаи кои се однесуваат на правото на семеен живот (Шијакова и други 67914/01), правото на образование на мајчин јазик (Скендер 62059/00), слобода на вероисповед во однос на правата од работен однос (Костески 55170/00), дискриминацијата врз основа на верско уверување (Вранишкоски 37973/05), дискриминирачки мотивирано полициско насилство и отсуство на ефикасна истрага (Сулејманов 69875/01, Џеладинов и други 13252/02) и правото на вршење јавна функција (Мицковски 68329/01).

foto akademik

Попоска говореше и за судската пракса на Судот на правдата на Европската Унија и елаборираше повеќе случаи кои се однесуваат на оваа пракса. Еден од првите случаи на дискриминација пред СПЕУ, како што образложи професорката, е случајот „Defrenne“ (43/75).

„Во овој случај стјуардесата од ‘Сабена’ (белгиска авиокомпанија) тврдела дека ѝ плаќале помалку отколку на нејзините машки колеги за истата работа. СПЕУ утврди дека ова е случај на полова дискриминација (повреда на начелото за иста плата за иста работа)“, образложи Попоска.

За основни концепти на дискриминација во правото на ЕУ и националното право говореше судијата Санде Зиков. Судијата истакна дека пресудите на Судот на правдата на ЕУ ги воспоставуваат фундаменталните права како општи принципи на правото на заедницата.

foto akademik

Говорејќи за Законот за спречување и заштита од дискриминација, Зиков истакна дека со овој закон заштитата и забраната од дискриминација се однесуваат на сите физички и правни лица во процесот на остварување на правата и слободите гарантирани со Уставот и со законите на РМ.

Осврнувајќи се на членот 6, ставот 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, судијата подвлече дека директна дискриминација врз дискриминаторска основа е секое неповолно постапување, разликување, исклучување или ограничување кое како последица има или би можело да има одземање, нарушување или ограничување на еднаквото признавање или уживање на човековите права и основни слободи, споредено со третманот кој го има или би можело да го има друго лице во исти или слични услови.

foto akademik

Судијата Зиков посочи на три главни елементи кои се потребни за постоење и утврдување на дискриминација, а тоа се: 1) Со лицето (или група на лица) се постапува (или се постапувало или би се постапувало) понеповолно од друго лице (група на лица), 2) Постапувањето спрема лицето (или групи на лица) да може да се спореди со постапувањето спрема други лица во иста или слична ситуација, 3) Понеповолното постапување да е засновано на личното својство.

Во рамките на своето излагање, судијата Зиков говореше и за предрасудите, за стереотипите и нивното влијание за дискриминација. Предрасудата, рече Зиков, е непријателски или негативен став спрема препознатлива група луѓе, која се заснова исклучиво на нивната припадност или на нивното членство на таа група.

foto akademik

„Стереотип е генерализација на убедување за одредена група луѓе, чии истоветни обележја се припишуваат практично на сите членови на групата, независно од реалните разлики меѓу членовите“, истакна судијата Зиков, кој во своето понатамошно излагање во таа насока се фокусираше и кон прашањата за директната дискриминација, дискриминаторските основи, случаите на дискриминација и на вознемирувањето.

Покрај дискусиите за општествените, законските и правосудните аспекти на прашањето за дискриминацијата, на настанот воедно се презентираше и HELP-програмата (Human rights Education for Legal Professionals ) на Совет на Европа за едукација на правни професионалци,  која е во функција на поддршка на членките на Совет на Европа во имплементација на Европската конвенција за човекови права на национално ниво.

foto akademik

Оваа програма ја презентираше адвокатот Атанас Георгиевски кој истакна дека програмата е од суштинско практично значење, а нејзините ресурси за обука се достапни на интернет, преведени на јазикот на земјите корисници и тие се категоризирани како прирачници за обука, водичи за имплементација на членовите од Конвенцијата, потоа  програми за обуки, агенди за конкретни обуки,  презентации, студии на случај и курсеви за е-учење.

„HELP-методологијата за обука е базирана на принципот на отворена едукација, имајќи го предвид временскиот притисок со кој се соочуваат правните професионалци, материјалите и ресурсите за обука се дизајнирани од меѓународни експерти и притоа се адаптирани на домашното законодавство од страна на домашни експерти (национални тутори)“, рече Атанас Георгиевски.

foto akademik

Георгиевски како корисна ја посочи и базата на податоци „HUDOC“ која обезбедува пристап до судската пракса на Европскиот суд за човекови права, одлуките и извештаите на Европската комисија за човекови права и резолуциите на Комитетот на министри.

M.В