/ Прочитано:

1.304

Минимална инфраструктура, нула култура: сите вистини и заблуди за безбедноста во велосипедскиот сообраќај

Велосипедот сè почесто се среќава на улиците низ Македонија: поради потреба, за рекреација, од помодарство. Прашањето за обемот на велосипедскиот сообраќај и оваа сезона е нејасна загатка, но дури и оние што не сакаат да веруваат ќе потврдат со сигурност дека велосипедот е популарен како никогаш досега. На таа вистина, сепак, задолжително ќе ѝ придодадат уште неколку недостатоци што на долгорочна линија го помрачуваат развојот на домашниот урбан велосипедизам. Проблемите произлезени од него се намножени на два фронта: на инфраструктурниот и на културниот. Од една страна, градските средини со години го запоставуваа вложувањето во велосипедската инфраструктура, а од друга, со оглед на неупатеноста во законските прописи, културата на управување велосипед на многумина им останува непознат терен.

Брзината на движењето на велосипедот се ограничува на 25 километри на час

Законот за безбедност на сообраќајот го одредува велосипедот како возило што има најмалку две тркала и што се движи исклучиво со силата на возачот (член 2, став 7), а велосипедската патека како сообраќајна површина изградена за сообраќај на велосипеди, при што е издвоена од коловозот и обележана со пропишан сообраќаен знак (член 2, став 84). Безобѕирноста на возачите на моторни возила, како и нивната нетрпеливост, честопати се потцртуваат како главни пречки за унапредување на домашната велокултура. Во тој поглед, законот е повеќе од јасен: возачот не смее да го запре или паркира своето моторно возило на место, загрозувајќи ја безбедноста на другите учесници во сообраќајот или попречувајќи го нормалното движење на пешаците и на велосипедистите (член 63, став 1).

При управувањето со велосипед, движењето на велосипедот мора да се ограничи на 25 километри на час (член 40, став 1). Велосипедистот е должен да се движи што поблиску до десниот раб на коловозот, а ако постои велосипедска патека – по велосипедската патека (член 95). Ако двајца или повеќе велосипедисти се движат во група, треба да се движат еден по друг. Ако на патот постои посебно уредена велосипедска патека, велосипедистот се движи по десната велосипедска патека во однос на правецот на движењето на сообраќајот. На велосипедски патеки обележани за сообраќај на велосипеди, велосипедистите се движат по десната страна во правецот на движењето на возилата. Оној што нема ги почитува овие правила, треба да смета на глоба од 25 евра, односно на 15 негативни бодови.

Возачот на велосипед не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот (член 96). Во спротивно, глобата за ваков вид прекршок изнесува 20 евра во денарска противвредност. Членот 97 му дозволува на возачот на велосипед да превезува други лица само ако на возилото постојат посебни седишта; казната за прекршување на ова начело изнесува 25 евра. Исто така, децата до 14-годишна возраст не смеат на велосипед да превезуваат други лица. Ако се постапило поинаку, родителот, т.е. старателот на детето ќе понесе казна од 25 евра.

Возачот на велосипед не мора да носи заштитен шлем

Уште една од големите заблуди во овој домен: обврската за носење заштитен шлем. Членот 98, во кој се опфатени случаите со обврска за носење шлем, не ги вклучува возачите на велосипед. Напротив, оваа обврска важи само за возачот и за лицата кои се превезуваат со велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, лесен трицикл, трицикл, лесен четрицикл и со четирицикл. Ако возачот на некое од набројаните превозни средства биде пресретнат без заштитен шлем, ќе му се изрече глоба во износ од 35 евра, т.е. ќе му се впишат и 15 негативни бода, додека лицата што се превезуваат со него ќе се казнат со 20 евра.

Во сообраќај на патот, велосипед смее да влече приколка со две тркала, под услов да биде така прицврстена да не се намалува стабилноста на возилото (член 99). Приколката не смее да биде поширока од еден метар, а на задната лева страна задолжително треба да има катадиоптери, пропишани за приклучно возило. Глоба во износ од 30 евра ќе му се изрече, односно ќе му се регистрираат 15 негативни бода на возачот кој постапува спротивно на овие одредби. Членот 100, пак, вели оти предметите што се влечат со приколка прикачена на велосипед не смеат да бидат пошироки од еден метар, инаку ќе биде изречена казна од 15 евра, т.е. впишани 15 казнени бодови. Понатаму се вели дека на приколка што ја влече или потиснува велосипед не смеат да се превезуваат лица (член 191). Глобата за непочитување на оваа одредба е 35 евра.

Додека се управува со велосипед, не смеат да се водат животни

Возачот на велосипед, додека управува со возилото не смее да води животни, инаку ќе му се изрече глоба во износ од 15 евра во денарска противвредност, т.е. ќе му се регистрираат 10 негативни бода (член 101). Според членот 129, пак, возач што се движи со возило по коловоз на кој има вода е должен да го приспособи возењето така што не би ги прскал пешаците и велосипедистите, инаку му следува казна од 35 евра и впишување 15 негативни бодови. Во членот 134 е изнесена јасна забрана за движење на велосипедите и на пешаците на автопат и на пат резервиран за сообраќај на моторни возила.

Во согласност со членот 238, велосипед на пат може да управува лице кое наполнило 10 години возраст. Ако родителот допушти дете на помала возраст да управува со велосипед, нему ќе му се изрече глоба во износ од 250 евра. Слично, членот 102 налага дека на магистрален и регионален пат не смее да се врши оспособување на лица за управување со велосипед. Глоба во износ од 15 евра ќе му се изрече на физичко лице што постапува спротивно на оваа одредба.Најпосле, за да се заокружи големата слика, членот 405 укажува: униформиран полициски службеник ќе му забрани на лице да управува со велосипед на јавен пат ако е очигледно дека лицето не е подготвено за тоа.

Слушалките на уши можат да имаат кобни последици

Во последнава деценија широко се распространи практиката на слушање музика додека се управува со велосипедот. Многубројни истражувања покажуваат дека слушалките можат да имаат кобно влијание врз способноста на возачот да управува со велосипедот додека од него се очекува постојано да го следи сообраќајот и да ги восприма знаците на предупредување, како што се ѕвонењето и свирењето. Сепак, во овој дел е тешко да се востановат универзални прописи, со оглед на тоа што одлуката за јачината на звукот во слушалките ја одредува самиот велосипедист. Многу земји низ светот, меѓу кои и Македонија, сè уште го немаат уредено со закон овој популарен феномен. Според искуствата, степенот на восприемање на надворешните звуци најмногу зависи од видот на слушалките: најопасни се оние што се вметнуваат во самата ушна школка. Оттаму, стручњаците никогаш не ја пропуштаат можноста да им порачаат на велосипедистите да не користат ваков вид слушалки. Ако, пак, не можат без нив, јачината на музиката треба да ја сведат на што понизок праг.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 21.3.2014