/ Прочитано:

811

Јанкулоска: Со почитување на основните човекови права и слободи се исполнуваат европските стандарди

Петок, 14 јуни 2013 – За Македонија, како земја кандидат за  членка на ЕУ, почитувањето на основните човекови права и слободи од страна на сите институции се од суштинска важност во насока на исполнување на европските стандарди, порача денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Јанкулоска, заедно со министерот за правда Блерим Беџети, учествуваше на промоцијата на проектот „Јакнење на капацитетите на органите за спроведување на Законот за соодветно постапување со задржани и осудени лица“, што ќе се реализира во наредните две години. 

„За нашата земја земја кандидат за членство во ЕУ, почитувањето на основните човекови права и слободи од страна на сите институции, се од суштинска важност во насока на исполнување на европските стандарди“, порача министерката Гордана Јанкуловска на денешната промоција на отпочнувањето на новиот проект – „Јакнење на капацитетите на органите за спроведување на законот за соодветно постапување со задржани и осудени лица“, кој што во наредните две години ќе се реализира во рамки Програма ИПА 2009, компонента 1 – транзициона помош и институционална надградба.

Во своето обраќање по овој повод Јанкулоска посочи дека МВР во текот на минатиот период реализираше низа крупни реформски чекори во поглед на нормативното, едукативното и организационото надградување на институцијата и нејзиниот кадровски потенцијал, а имајќи ја предвид токму приоритетната важност на своевидното интегрирање или оживотворување на корпусот на човековите права и слободи во полициското функционирање. Притоа Јанкулоска нагласи дека таквиот пристап е позитивно вреднуван особено од граѓаните илустрирајќи го тој факт со резултатите од истражувањата на ОБСЕ за соработката и довербата на граѓаните кон полицијата, кои меѓу другото покажуваат дека над 62 проценти од граѓаните имаа доверба и почит кон полициската работа а пак околу 64 проценти од нашите граѓани се изјасниле дека се чувствуваат слободни да разговараат со полицијата за разните проблеми.

На промоцијата, којашто се одржа во хотелот „Холидеј Ин“ и на која присуствуваа и министерот за правда Блерим Беџети, амбасадорот на ЕУ во РМ Аиво Орав, како и Верена Тејлор директор на Канцеларијата на генералниот директор за програми при Советот на Европа, беа презентирани целите и модалитетите на проектот што треба да биде окончан до 30 декември 2014 година. Проектот ќе се изведува како во рамки на министерството за внатрешни работи така и во министерството за правда , а за неговата реализација предвидени се 2,1 милион евра (најголемиот дел 1,8 милиони евра од ЕУ, 100.000 евра од Советот на Европа и 200.000 евра од буџетот на РМ).

Главните цели на проектот се – развој на професионалните капацитети на полицијата со гарантирање на целосно почитување на фундаменталните човекови права преку ефикасна и сигурна регулација, како и јакнење на организационите и управувачки капацитети на затворскиот систем со обезбедувае на целосна заштита на човековите права во лечење на притворените и осудените лица.