/ Прочитано:

1.023

Министерот Беџети во пресрет на Новата 2014: Не верувам во желби, туку во мојот труд!

„Посебен акцент во новата програма ставивме на примената на веќе донесените закони“, во пресрет на Новата 2014 година, министерот за правда, Блерим Беџети во интервју за АКАДЕМИК зборува за сработеното и за она на што ќе се фокусира Министерството во годината што нѝ претстои. Освен подготовката на предвидените подзаконски и законски акти, тој ветува дека Министерството ќе смогне сили наскоро да се отворат вратите на новиот Кривичен суд. Наспроти негодувањата на дел од претседателите на судовите ширум земјава околу нивната слаба финансиска моќ, Беџети уверува дека не поседува такви информации. Што се однесува на екстрадицијата од Косово на обвинетите во „Монструм“,  Министерот за правда очекува дека неговиот колега од Косово ќе ги преземе сите потребни дејствија.

На што ќе ставите посебен акцент во програмата на Министерството за правда предвидена за 2014 година?

Министерството за правда работи според однапред предвидени план и програма, Така, по реализацијата на програмата за 2013 година, Министерството изготви план програма за 2014 година. Покрај законите и подзаконските акти кои се предвидени за 2014 година, а врз основа на Програмата на Владата на Република Македонија, најавивме дека ќе ги работиме односно ќе изготвиме и други закони и подзаконски акти со истото темпо како и предходната година. Посебен акцент, пак, во новата програма, имаме ставено на начинот и механизмите за примена на веќе донесените закони од страна на судовите и другите органи и институции во државата.

Колкав дел од буџетскиот колач има на располагање Министерството за правда за 2014?

За 2014 година од Буџетот на Република Македонија за Министерството за правда се доделени средства во рамките на потребите. Секако, доколку има повеќе средства, ќе се остварат и повеќе проекти, но морам да кажам дека Министерството за правда ќе го даде својот максимум и ќе ги заврши сите предвидени активности за 2014 година и со седумте милиони eвра кои ѝ се доделени од Буџетот на Република Македонија.

Претседателите на судовите ширум земјава се жалат на финансиска немоќ, колку Вие како член на Судскиот буџетски совет можете да предложите зголемување на финансиите?

Јас како министер немам такви информации дека има било какво негодување, односно жалби од страна на претседателите на судовите, што се однесува на начинот на работењето на Судскиот буџетски совет. Одлуките ги носиме врз основа на анализа на сите околности и го делам мислењето дека секогаш се донесуваат објективни одлуки, а во случај кога се потребни поголеми финансии по било која основа, Судскиот буџетски совет врз основа на со закон пропишана постапка се обраќа до надлежниот орган.

Во годинава што измина требаше да се отворат вратите на новиот Кривичниот суд чие отворање неколкупати се одложуваше. Може ли да прецизирате кога ќе се отвори Судот?

Вратите на новиот Кривичен суд, односно на судот секогаш се отворени, а да бидам конкретен и најобјективно да одговарам на прашањето, секогаш постојат реални причини поради кои не може да се оствари целта, па и во таа смисла верувам дека во најскоро време ќе биде завршена постапката за новиот Кривичен суд.

Во годинава што ја испраќаме остана неспроведена екстрадицијата на обвинетите во „Монструм“. Кој е вашиот коментар?

Министерствата на сите држави соработуваат врз основа на билатерални договори и врз основа на меѓународни конвенции кои по нивно ратификување стануваат составни делови на националното право. Во таа смисла, Министерството за правда на Република Македонија и Министерството на правда на Косово имаат солидна соработка. Министерството за правда на Република Македонија ги има преземено сите потребни мерки, односно постапки, пропишани со закон, па во таа смисла соработката со Министерствотро за правда на Република Косово е на потребното ниво. Следно што сега го очекуваме е Министерството за правда на Република Косово да ги преземе потребните дејствија од нивна надлежност. 

Трае ли уште молкот од Министерството за правда околу подготовката на новиот Закон за попис или… ?

Како што реков претходно, Министерството за правда во целост ја има реализирано програмата за 2013 година. Во 2014 година пак, покрај предвидените закони и подзаконски акти, со исто темпо ќе бидат изготвени законите за кои ќе биде задолжено Министерството за правда од страна на Владата на Република Македонија, односно ќе биде направено сè она што е зацртано во програмата на Владата на Република Македонија.

Вашата новогодишна желба на професионален план за 2014 година?

Јас не верувам во исполнување на желби, верувам во својот труд и во реализација на предвидените активности, а тоа може да се постигне само ако безрезервно се работи и ако се бориме со сите сили и харибди исправени пред нас. Во тоа до сега успевавме, очекувам со уште поголем влог од моја страна и од страна на вработените, да постигнеме уште повеќе и подобри резултати. На вработените во Министерството за правда ѝм изразувам благодарост за нивната посветеност во работата и професионализмот кој го покажаа во успешното остварување на програмата за 2013 година. Тие знаат дека нема да има одмор и сите заедно сме подготвени и во 2014 година со уште поголем елан, поединечен и колективен напор, да истраеме во целосно остварување на предвидените програмски цели за наредната година. И за крај, на сите граѓани на Република Македонија, ѝм посакувам здравје, просперитет и благосостојба.


Разговараше: Паула Божиновски

Објавено: 30.12.2013