/ Прочитано:

1.218

Министрите од регионот бараат Хрватска да ги укине мерките за увоз на овошје и зеленчук

Министрите од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија кои денеска се состанаа во Сараево ја повикаа Хрватска да ги укине мерките за увоз на овошје и зеленчук. На денешната средба тие потпишаа заедничко писмо до Европската комисија во кое нагласуваат дека со Правилникот за контрола при увозот на овошје и зеленчук Хрватска ги прекршила основните начела и принципи на Светската трговска организација со кои се забранува дискриминација меѓу домашните и странските производи во однос на давачките. Освен повикот до Хрватска да ги укине мерките, министрите од земјите од Западен Балкан побараа цената на инспекцискот надзор да биде усогласена со тарифата која важи за земјите членки на Европската Унија, а изнесува 12 евра.

Министрите за надворешна трговија и за земјоделство, шумарство и водостопанство на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија денеска се состанаа во Сараево за да заземат заеднички став околу одлуката на хрватската влада која неодамна со Правилник за контрола при увозот на овошје и зеленчук дури за 22 пати ги зголеми таксите за земјите од регионот.

Ја повикаа Хрватска да ја укине одлуката бидејќи, како што наведуваат, таа е дискриминаторска. Министрите од земјите од регионот на денешниот состанок потпишаа заедничко писмо до Европската комисија во кое нагласуваат дека со Правилникот Хрватска ги прекршила основните начела и принципи на Светската трговска организација со кои се забранува  дискриминација меѓу домашните и странските производи во однос на давачките.

На состанокот се донесени седум заклучоци. Освен повикот до Хрватска да ги укине мерките, министрите од земјите од Западен Балкан побараа цената на инспекцискот надзор да биде усогласена со тарифата која важи за земјите членки на Европската Унија, а изнесува 12 евра.

Министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Мирко Шаровиќ, изјави дека е побаран итен состанок со надлежниот министер во хрватската влада, а во решавање на проблемот тие побараа да се вклучи и Европската комисија.

Црна Гора и Македонија, како што истакна Шаровиќ, до Светската трговска организација ќе покренат одредени механизми. Сè до решавање на проблемот, Шаровиќ нагласи дека секоја земја поединечно може да преземе конкретни мерки за кои смета дека се адекватен одговор кон Хрватска. Домаќин на следниот состанок е Македонија. Работната средба e закажана за септември во Скопје.

Инаку, пред три недели Хрватска донесе Правилник за фитосанитарен надзор при увоз на овошје и зеленчук, со што трошоците за земјите членки на Европската Унија остануваат 90 куни, или 12 евра, додека за земјите што не се членки на Унијата ќе изнесуваат 2.000 куни, односно 270 евра.

По ваквата одлука, следуваа низа реакции од земјите во регионот. Според министрите за надворешна трговија и министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство од повеќе земји од регионов, со ваков чекор Хрватска го прекршува Договорот за стабилизација и асоцијација, односно фаворизира производители од одредени земји, а ги нарушува регионалните економски односи. Во оваа насока, економските експерти оценуваат дека денеска на средбата во Сараево постои можност земјите од Западен Балкан да воведат реципрочни мерки кон Хрватска.

Непосредно пред состанокот во Сараево, министерот за трговија на Република Србија, Расим Љајиќ, изјави дека земјите од регионот сакаат да го избегнат најрадикалното сценарио, но сметаат дека Хрватска треба да го направи првиот чекор.

„Сметам дека топката е во дворот на Загреб и затоа очекувам дека одлуката за воведување на мерките за контрола при увоз на овошјето и зеленчукот најсериозно ќе се разгледа и ќе се преиспита, со цел да не влеземе во еден круг на мерки и контрамерки“, порача Љајиќ.

Во меѓувреме, медиумите во Србија информираат дека земјата веќе спроведува контрамерки кон хрватските извозници.

„Освен врз овошјето и зеленчукот, надлежните установи вршат дополнителни контроли на сите млечни и месни производи кои во Србија се увезуваат од Хрватска. Од секоја пратка се земаат примероци за дополнителни анализи и ништо не се пушта во промет додека не бидат готови резултатите. Овој процес трае најмалку 15, а најдолго 30 дена. Не прекршуваме ниту еден пропис, само ја проверуваме исправноста на прехранбените производи поради високите температури“, појаснува српскиот министер за земјоделство Бранислав Недимовиќ.

Босанскиот министер за надворешна трговија и економски односи Мирко Шаровиќ предупреди дека најновите мерки од страна на Хрватска претставуваат огромна трговска бариера за целиот регион.

Македонија, пак, достави нота до хрватското Министерство за земјоделство со која официјално побара стопирање на Правилникот, а  како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ваква нота ќе биде доставена и до надлежните институции на Европската комисија во Брисел.

„Со новиот Правилник што го донесе Хрватска за увоз на овошје и зеленчук, значајно се зголемуваат трошоците при извоз на македонското свежо овошје и зеленчук, што ќе влијае врз зголемување на крајната цена на чинење на производот. Со такви зголемени цени македонското овошје и зеленчук ќе бидат неконкурентни на пазарот. Сметаме дека со носењето на овој Правилник се воведува нетарифна бариера од страна на Република Хрватска за заштита на хрватскиот пазар од увоз на свежо овошје и зеленчук. Имајќи ги предвид штетите што може да настанат при извозот на македонското овошје и зеленчук на хрватскиот пазар, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство  достави нота до Хрватското Министерство за земјоделство, во насока, примената на овој Правилник да биде стопирана и трошоците за инспекцискиот надзор да се сведат на реална нивна висина. Истовремено, ваква нота ќе биде доставена и до надлежните институции на Европската комисија“, се наведува во соопштението на ресорното министерство.

Македонското министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство истакнува  дека Република Хрватска како земја членка на Европската Унија треба да ја почитува Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) која Република Македонија ја има склучено со Европската Унија.

„Согласно ССА, член 27, точка 1, ‘Од денот на стапување на оваа Спогодба, Заедницата ќе ги укине царинските давачки и другите давачки кои имаат ист ефект за увозот на земјоделските производи со потекло од Република Македонија’. Истовремено, со носењето на овој Правилник се врши дискриминација кон земјите членки на Европската Унија, за кои трошоците за инспекцискиот надзор остануваат да бидат 90 куни, додека за трети земји (земји кои не се членки на Европската Унија), трошоците ќе бидат 2.000 куни. Висината на овие трошоци е нереална, имајќи предвид дека контролите се однесуваат на физичка проверка на производите“, потенцира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Оттаму нагласуваат дека Република Хрватска е значаен трговски партнер на Република Македонија во трговијата со земјоделско-прехранбени производи, односно втора од земјите членки на Европската Унија (со вредност на извозот на земјоделско-прехранбени производи од околу 36 милиони евра годишно) и трета од земјите членки на Европската Унија (со вредност на увозот на земјоделско-прехранбени производи од околу 37 милиони евра годишно). Вредноста на извозот на овошје и зеленчук од Република Македонија во Република Хрватска е околу 5 милиони евра годишно. Најмногу се извезуваат свежи пиперки, зелка, домати, краставици, трпезно грозје и лубеници. Од Република Хрватска најмногу се увезуваат: месо од живина, шеќер, чоколади, цигари, сирење, конзервирана риба и други производи.

Од своја страна, пак, Хрватска тврди дека Правилникот погрешно се протолкувал и тоа во политички контекст, а како што појаснува министерот за земјоделство Томислав Толушиќ, тој воопшто не е наменет против соседите и нивната економија. Истовремено, хрватската влада нагласува дека мерките се однесуваат на вкупно 168 држави кои не се членки на Европската Унија, а не само на земјите од регионот.

„Жалам што сето ова се исполитизира. Според мене, не постојат причини за контрамерките што ги воведе Република Србија. Очекувам де седнеме со министрите од соседните земји и да видиме во што е проблемот и што може да се стори по тоа прашање“, вели Толушиќ.

А. Б.