/ Прочитано:

2.095

Моќта е сериозен предизвик, кој кај мене делува позитивно, мотивирачки и одговорно – ИНТЕРВЈУ СО ЛИДИЈА НЕДЕЛКОВА, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ВРХОВНИОТ СУД

Лидија Неделкова, поранешната шефица на скопскиот Кривичен суд, денешна претседателка на највисоката судска истанца во интервју за Академик oстро ги негира политичките реакции што му уследија на нејзиниот избор за претседател на Врховниот суд. „Реакциите беа примитивни, а не политички“, вели таа. Зголемување на ефикасноста на работата на Врховниот суд и зголемување на довербата на граѓаните во судот, но и пошироко, во судскиот систем на РМ, вели дека се нејзините врвни приоритети.

Прва дама на македонското судство: првата жена жена-претседател во историјата на Врховниот суд на РМ — звучи моќно… Како вие се чувствувате во оваа улога?

Одлично се чувствувам во улогата на претседател на Врховниот суд на Република Македонија, и како дама и како прва жена-претседател во историјата на Врховниот суд на РМ, но секако и како професионалец. Моќта е сериозен предизвик, кај мене лично делува позитивно, мотивирачки и одговорно. Неа ја доживувам како повисока вибрација на духовна еволуираност, што ми обезбедува независно, автономно и самодоволно функционирање. На моќта не треба да ѝ дозволите да ве управува, туку треба балансирано да се практикува, а за тоа потребно е да се поседуваат повеќе квалитети меѓу кои според мене најважни се знаењето, вештината, визијата и мудроста. Во спротивно, таа ќе ве управува вас.

Актуелниот претседател на Кривичниот суд во Скопје, судија Владимир Панчевски, ве нарече „судија на новата ера“. Други, пак, ви забележуваат за вашето, како што го нарекуваат, „молскавично“ напредување во кариерата. Како ги коментирате овие забелешки?

Ќе почнам од втората забелешка. Нервозата на некои луѓе започна уште со мојот избор за судија на Врховниот суд на РМ и достигна кулминација кога бев избрана за претседател на овој суд. И по двата повода ми беше поставено истото прашање, со многу креативни епитети, како на пример „инстант кариера“, „метеорска кариера“, „експресна кариера“ и сл. Претпоставувам дека на оние што ми ги поставуваа вака конципираните прашања, многу интересно им звучеа ваквите кованици, во обид да бидат интересни и впечатливи во изразувањето, но очигледно тоа беше непромислено, затоа што таквите  епитети не можат да се поврзат со мене. Новинарите, претходно, имаа многу можности да  постават вакво прашање при изборот на некои други судии.  Во конкретен коментар на Вашето прашање, молскавична кариера од 27 години судски и судиски стаж изразена во еден збор значи „оксиморон“. Тоа е исто како да кажете „праведна неправда“. Непознавањето на мојот професионален развој не ги оправдува недоветните коментари. Пишаниот збор не се брише лесно. Мојот професионален авторитет и углед го имам изградено и потврдено преку моето постапување по предметите и исклучително добрите резултати проверени во сите три судски инстанци. Професионалните и лични успеси не се поништуваат со празни изјави и пароли, и погрешно научени „мантри“. Не дозволувам никој да ми го одземе и да ми ги наруши успехот и угледот со искажување невистини и нивно повторување. Впрочем, јавноста и граѓаните заслужуваат правилно да бидат информирани и се надевам дека овој пат тоа ќе се случи.

Мислењето на судијата Владимир Панчевски пријатно ме изненади со оглед на тоа да се работи за помлад колега кого го запознав во времето кога бев претседател на Кривичниот суд, функција која сега ја извршува тој. За мене како човек и судија зборуваат делата, пресудите, но и луѓето. Она што ме разликува од повеќето судии е мојот начин на работа, како и пристапот кон проблемите. Секогаш сум наоружана со трпеливост, со добра проценка на луѓето, со сериозна подготовка и со специфичен пристап кон странките. Мојот концепт на објавување и пишување на пресудите е сосема различен од вообичениот. Подолго време се подготвувам, читам и размислувам, и скоро никогаш не разговарам со другите колеги за моите предмети. Ова, секако, е пред сè производ на мојот карактер во комбинација со моето долгогодишно искуство, континуираната едукација и соодветното прилагодување на промените на системот на судското и судиското работење, како и на мојата желба да постигнам совршенство во професијата. Негувам и посебен однос кон моите колеги судии, обвинители и адвокати, но и со судските соработници и со службениците, кој резултира со укажување заемна почит, многу често изразена со конкретно внимание преку сите овие предмети што ги гледате во мојата канцеларија. Најголем дел од нив се со симболика за мојата личност и за професионалниот успех. Како особено интересни ќе ги издвојам: пораката на шишето со вино: „Ништо не доаѓа лесно, ништо не ти е дадено, што и да правиш, треба да работиш за тоа и да го заработиш“, а, нели, е познато дека во виното е вистината. Понатаму, пораката на офицерската сабја: „Не ме вади без повод, не ме враќај без чест“, а сабјата е симбол на честа. Библијата подарена од г.г. Стефан како симбол на духовноста и вербата во она што го работам; иконата на Св. Лидија подарена од еден владика како симбол на образована жена, но и многу други за кои навистина ќе ми треба многу хартија да ги наведам.

Името Лидија Неделкова најчесто го врзуваат со амбициозност, решителност, но често и со високи политички структури. Вашиот избор предизвика бројни негативни реакции. Како ги коментирате овие реакции?

Моето име духовно е поврзано со образование, знаење, мудрост. Амбициозноста и решителноста ги практикувам „тивко“ и ненаметливо, секогаш го барам вистинското или најсоодветно решение и никогаш не се откажувам. Секој мој успех е триумф на мојата упорност, а мојата девиза е дека за се постои решение. Мојот начин на работење и пристапот кон луѓето и проблемите е со огромно трпение, целосна  посветеност и длабока анализа, и затоа произведува оригинални и плодни резултати. И покрај мојот бурен темперамент, секогаш настапувам со „ладна глава“, но со „топло срце“. Јас познавам и остварувам позитивни релации со многу луѓе, но не ги делам по професии. Во врска со предизвикувањето одредени политички реакции по повод мојот избор како Претседател на Врховниот суд на Република Македонија, во јавноста се наметна „политичка формула“ на избор на високите судски функции, па разбирливо е да бидам поврзана со високи политички структури. Реакциите беа примитивни, а не политички. Ако алудирате на изјавата на потпретседателот на СДСМ, тоа го ценам како израз на политичка некултура, но и како несреќна и, во недостаток на аргументи, празна изјава дадена за постигнување политички поени. Секоја критика, па и најблагата, треба да биде аргументирана, а не порачана. Не сум зачудена од ваквите и слични реакции, тие се производ на „слободата на некултура“ која подолго време се негува во круговите на некои политичари и на професии што имаат можност преку своите „историски“ изјави и написи во електронските и во пишаните медиуми да ги информираат граѓаните и јавноста на Република Македонија, а секако и меѓународната јавност, за откриени сериозни нарушувања на независноста на судството, принципот на владеење на правото, за неселективната правда, како и за политички монтираните процеси. Со голема и со несфатлива леснотија се искажуваат квалификации за судиите и за судството, а кога тоа се прави преку организиран фронт на некои медиуми и на самопрогласени експерти кои се долгогодишни дежурни критизери, тогаш и граѓаните и јавноста добиваат искривена слика, која за жал некогаш тешко се поправа. Како и да е, симболично изразено, сето ова го доживувам како силно невреме, кое треба да се причека да помине, а потоа ќе видиме на чија страна ќе биде штетата. Јас сум тука, подготвена за секоја варијанта.

Вие го осудивте кондовецот Агим Красниќи, судевте во „Бродец“, „Јака табак“, „Изгрев“, „Пепел“, а му одредивте притвор и на градоначалникот на Струмица, Зоран Заев. Сте имале ли некогаш морални двојби при донесувањето одредена одлука во вашето повеќегодишно судиско искуство ?

Не постои човек што барем еднаш во животот немал морална двојба. Суштински е дали таа двојба се појавува од хумани, законски или други причини. Ако тоа е од други причини, тогаш имате проблем и, секако, не може да ја вршите професијата судија. Но, затоа судијата секогаш ја има судската вага и превезот на очите и го прави балансот на правдата. Судијата, во секој случај, мора да испорача непристрасна одлука во контекст на доказите и на законот, и подеднакво да ја обезбеди правдата за сите по принципот на владеење на правото. Само на тој начин може да ја обезбеди и довербата на граѓаните во судството. Лично, во два случаи и покрај моето длабоко убедување дека обвинетите се сторители на тешки кривични дела, донесов ослободителни пресуди, бидејќи клучните докази не потврдуваа дека токму тие се сторителите. Кога се анимира темата за морална двојба, секогаш на памет ја имам книгата „Судија“ од Вук Драшковиќ, која ја имав прочитано уште пред да знам дека ќе бидам судија. Оваа тема е извонредно анализирана во книгата и многу често како сигнал, додека постапував како судија по предметите, а и сега, ми се прикажуваат деловите од оваа книга, во која судијата размислува каква одлука да донесе во конкретниот предмет од аспект на моралната двојба.

Како претседател на Врховниот суд доставивте и програма за работа. Што содржи таа и што најмногу Ви пречи во работата на судовите? Кој е вашиот главен приоритет во четиригодишниот мандат?

Мојата визија за работењето и раководењето со Врховниот суд на РМ е преточена во програма од 30 страници. Во согласност со неа, мои врвни приоритети се зголемување на квалитетот, функционалноста и ефикасноста на работата на Врховниот суд, како и зголемување на довербата на граѓаните во судот, но и пошироко, во судскиот систем на Република Македонија. Како посебни цели зацртав: подобрување на работната атмосфера, зголемување на довербата меѓу вработените, подобрување на условите за работа, олеснување на работењето преку надградба на АКМИС системот (автоматизирано управување со предметите) и подобрување на континуираната обука и за вработените и за судиите. Она што најмногу ми пречи во работата на судовите е неуедначената судска пракса, и, за жал, постоењето дисонантни одлуки за исти правни прашања, дури и во рамките на ист суд. За решавање на овој проблем веќе превземав конкретни мерки во правец на почесто одржување на состаноци на специјализираните оддели во Врховниот суд и на одржување Општи седници од чие работење наскоро очекувам позитивни резултати. Императив во работењето на Врховниот суд на РМ е да се обезбеди единство во примената на законите од страна на судовите, со што на граѓаните им се овозможува еднаков третман и пристап до правдата, а со самото тоа и зголемување на довербата во судството во Република Македонија.

„Општата подготвеност на судовите да се справат со случаите на корупција, посебно оние на повисоко ниво, треба да се подобри. Отпочнати се само неколку посериозни случаи на корупција и повеќето од нив заглавуваат во судскиот систем и по неколку години, а често, обжалени поради несоодветно испитување на доказите од страна на првостепениот суд, се враќаат и на повторно судење, “, заклучи Европската комисија во последниот извештај за напредокот на земјава. Што ќе преземете за да се поправи оваа оценка?

Секогаш има место за подобрување и за унапредување на работата на судовите и судиите. Впечатокот што се доби од резултатите на судските постапки и случаите на висока корупција може да се промени само со поефикасно постапување, но не само на судовите, туку и на Јавното обвинителство, а се разбира и со позитивно учество на другите учесници во кривичната постапка. Од голема важност е да се спречи злоупотребата на правата на странките, особено на обвинетите лица и нивната одбрана, што во последните неколку години се практикува преку неотповикување на судските покани, барања за постојани одлагања на главните претреси од секакви — најчесто, неоправдани причини, непредлагање на сите докази пред првостепениот суд, односно употреба на „скриени” докази во постапката по вложената жалба итн. Сетоа ова, во голема мера овозможува отворање простор за сомнение во одлуката на првостепениот суд. Во случаите во кои беа укинати првостепените одлуки–пресуди, не се согласувам дека се работеше за „несоодветно испитување на доказите од страна на првостепениот суд”, туку за различни правни мислења на првостепениот и второстепениот суд, а некогаш и на третостепениот, Врховниот суд. Оценката на Европската комисија беше протолкувана како одлучување на првостепениот суд и на судиите спротивно на законот — и под политичко влијание — што, напротив, претставува неаргументирано беседење. Нема место за сомневање во независноста на судиите. Донесувањето судска одлука е сложен процес заснован на доказите и нивната оценка во контекст на материјалните закони.

Во секој случај, моето лично убедување е дека судиите треба постојано да го надоградуваат своето знаење, со читање дополнителна литература, како домашна, така и компаративна странска литература, со постојано следење на судската пракса на Врховниот суд на РМ, како и на апелационите судови, на одлуките на Уставниот суд на Република Македонија, а особено е значајно да се следи праксата на Европскиот суд за човекови права. Повеќе од потребно е знаењето постојано да се продлабочува, и тоа не само од областа на правото, туку и од другите области поврзани со судското одлучување. Судијата треба да биде сестрано образуван и дневно информиран за сите општествени случувања: добар судија не се станува преку ноќ, туку преку еден подолготраен процес на созревање, за што е потребно време, практично искуство и желба. За поправање на впечатокот во врска со навременото и успешно решавање на судските предмети за посериозните случаи на корупција веќе се преземени конкретни мерки за ажурирано и ефикасно постапување, за што и набрзо очекувам соодветни резултати. Во овој контекст, ќе треба да се демонстрира уедначеност на правните мислења на сите судски инстанци и решавање на случаите во целина и врз основа на доказите понудени од двете странки, а се разбира и со правилна примена на соодветните закони. Најважно е да се демонстрира дека судот не трпи влијание од ниедна страна или странка.

Член сте на Управниот одбор на Академијата за обука на судии и обвинители. Условот сите новоназначени првостепени судии да бидат дипломци на Академијата за судии и јавни обвинители од почетокот на годинава влезе во примена. Некои од неодамна именуваните судии во основните судови, буквално го фатија последниот воз. Впечатокот е дека помалку им се даваше предност на дипломците на Академијата за судии и јавни обвинители…

Законот е повеќе од јасен. Во изминатиот период, согласно со децидните законски одредби, изборот на судии се вршеше согласно критериумот 50 отсто кандидати од Академијата, а 50 отсто кандидати од другите правници. За мене не е прифатливо за една ваква сериозна професија — судија — да се применува математичка формула. Како и да е, од 01.01.2013, судии и јавни обвинители ќе се бираат само од редот на дипломираните кандидати на Академијата, кои ќе се јават на конкурсите објавени по овој датум. Во однос на неодамна именуваните судии во основните судови, не се работи за „фаќање последен воз”, туку за избор на искусни стручни соработници од судовите и јавните обвинителства, кои го поминале патот на најсоодветна професионална обука. Нема место за сомневање во професионалноста и обученоста на овие кадри од судството, бидејќи покрај долгогодишното практично искуство на постапување со предмети, тие имаат и одлични препораки од судовите од кои доаѓаат.

Стручната јавност е песимистички настроена колу успешната примена на новиот Закон за кривичната постапка. Каков е вашиот став?

Разбирливо е, и човечки е, да се има отпор спрема новите закони, особено кон оние кои револуционерно го менуваат системот на постапката. Но, тоа не значи дека новината нема да успее. Се работи за целосно нов концепт на казнената постапка, со кој таа ќе се модернизира според европските стандарди; ќе се заснова врз активната улога на странките во собирањето и презентирањето на доказите, со обврска на обвинителството случајот да го изнесе пред судот и вината на сторителот на кривично дело да ја докаже надвор од секакво разумно сомнение (акузаторен пристап), а судијата начелно ќе има пасивна улога, со што на овој начин ќе се зајакне ефикасноста на казнено правниот систем, особено во гонењето на формите на тежок криминал, вклучувајќи ги организираниот криминал, корупцијата, финансискиот криминал и трговијата со луѓе. Со новиот Закон за кривична постапка се редефинира улогата на учесниците во казнената постапка, се поедноставува редовната судска постапка и со примена на скратени постапки или вонсудско спогодување за вината и за казната. Почетокот на примената на овој закон е веќе двапати одложен и верувам дека нема да има повеќе одложувања. Одложувањето беше потребно поради техничка и едукативна подготовка на која се работи веќе две години. Во тек се напредните тематски обуки, кои како и претходните базични обуки, успешно се одвиваат. Сите чинители активно учествуваат во подготовката за практична имплементација на Законот за кривичната постапка. Нема место за стравување дали учесниците во кривичната постапка ќе ги научат своите нови улоги. Постои голема желба, сите учесници во кривичната постапка — судот, јавното обвинителство, полицијата и адвокатите — активно и интерактивно се едуцираме за да ја вградиме новата матрица на кривичната постапка и веруваме во успешен почеток!

Лично вие јавно проговоривте дека ви се заканувале во еден наврат. Колку судиите во Македонија се соочени со закани? 

Ова прашање никој не го апострофира од едноставна причина што се смета дека заканите претставуваат составен дел на судиската професија. Судиите зборуваат за заканите изречени во судницата од страна на некои од учесниците во кривичната постапка, најчесто од обвинетите лица, но не се расположени да раскажуваат за суптилните — психолошки закани. Закани не се изрекуваат само во постапките пред Кривичниот суд, туку и во постапките пред Граѓанскиот суд во Скопје, а секако и во постапките пред сите други судови во Република Македонија. Во последно време во мода се заканите со разрешување. Во секој случај, треба да се воспостави систем на заштита на судиите што ќе се активира согласно еднообразни процедури во контекст на законските процедури. Лично ми се заканувале повеќепати, а се обиделе и да ме уценуваат со измислени приказни, па дури и да ми изнудат пари за да не бидам „влечкана” по медиумите, како што ми беше „пријателски“ укажано од посредниците. Во 2011 година, како претседател на Кривичниот суд во Скопје, добив и писмени и телефонски закани, за кои јавноста беше соодветно информирана. Досега, сите овие закани сум ги пријавувала во надлежната институција. Тие пријави резултираа со конкретно преземени дејства и откривање на инволвираните лица. Морам да го искажам својот впечаток дека недозволиво, слободно и бескрупулозно се искажуваат закани кон судиите од лица кои воопшто не го кријат својот идентитет, а кои во некои случаи се инструирани и од политички причини за да го сторат истото.

Независноста на судството се смета за основа на владеењето на правото. Кодексот на судската етика вели: вистински извор на судската моќ, е, и треба да биде јавното  прифаќање на моралниот авторитет и интегритет (чесност на судиите). Кој е вашиот рецепт за независно судство?

Ако некој не е чесен како човек, не може да биде чесен ни како судија. Затоа, треба сериозно да се обрати внимание на овој критериум при изборот на судии. Чесноста како човечки квалитет се втемелува уште од најраната возраст, почнувајќи од домашното воспитание, социјалната средина во која се живее и комуницира, па преку другарската и школската култура и се разбира личното искуство и наобразба. Во текот на професионалното работење на судијата, неговиот морален авторитет и интегритет се тестира преку постапувањето по предметите во целата судска постапка, од однесувањето кон странките и учесниците во постапката на кои мора да им се даде соодветен и подеднаков третман до финалната фаза на постапката преточена во донесувањето на одлуката. Никој не смее да влијае врз судијата за донесување на одлука во посакуван правец, но сигурна сум дека сите ќе се согласат со тоа дека ваквите појави не можат да се спречат. Суштински е судијата да постави „граници“ кои никој не смее да ги помине. Судијата мора да има изградени ставови по однос на етичките норми, во спротивно нема да биде независен судија. Не е случајно што уште од времето на Платон – во неговите „Закони“ (Epinomis), биле воспоставени пишани правила за тоа какви квалитети треба да поседува оној што ќе биде избран за судија. Како и да е, мојот рецепт за независно судство го црпам од неколку извори: лични, животни, професионални и филозофски. Секогаш ја користам филозофијата на Аристотел: „Правото е разум ослободен од страст“.

Во која друга професија би можеле да се видите себеси?

Имам широк дијапазон интереси, кои ги практикувам долги години: од спортови, до науки. Одлично скијам, добро играм тенис, успешно се испробав во ракометот, хорската музика е позади мене, музиката на Вивалди ме инспирира и ме смирува, не пропуштам концерти на поп, рок и џез музика во земјава и во странство, практикувам јога, духовна вештина за која бев и инструктор, хуманитарната работа ме восхитува, пишувам текстови, а понекогаш и поезија, многу читам — и обична и стручна — литература. Во многу работи и професии сум се испробала и сум била успешна, но сепак ако не бев судија ќе бев активен борец за човековите права или ќе се занимавав со хуманитарна работа или, пак, ќе бев писател.


Разговараше: Елена Павловска