/ Прочитано:

3.389

МВР апелира до граѓаните: Ако забележите педофилија на интернет – пријавете на cybercrime@ moi.gov.mk

Среда, 5 март 2014 – Македонската полиција не примила пријава од наши граѓани ниту, пак, службено известување од колегите од другите држави за наводите дека зад одделни групи на социјалните мрежи се кријат педофили, пишува Дневник.

Лажни групи со кои се слави убавината на татковството и мајчинството

 Деновиве корисниците на социјалната мрежа „Фејсбук“ масовно добиваат известувања да бидат внимателни при пристапувањето на групи што имаат убаво напишани наслови, со кои се слави убавината на татковството и на мајчинството.

 Во предупредувањето што кружи на оваа мрежа се вели дека наводно зад таквите групи, во кои родителите ставаат слики од своите деца, се кријат педофили, кои на тој начин имаат пристап до фотографии на децата не само од членовите на овие групи туку и пристап до фотографии и до податоци и од кругот на нивните фејсбук-пријатели. Според предупредувањето, информацијата за наводната педофилска инфилтираност во групите за родители била пласираната преку американската ТВ-мрежа „Фокс“.

 Од она што кружи на социјалната мрежа може да се види дека вакви групи се отворени во соседството, на српски и на хрватски јазик.

 МВР апелира да се пријавуваат случаите

 „Апелираме до граѓаните да се обратат до полицијата веднаш штом забележат педофилија или ако на друг начин се измамени во комуникацијата на интернет. Тоа може да го сторат на адресата cybercrime@ moi.gov.mk или да пријават во полициска станица. Ако сторителот не дејствува од Македонија, не можеме да го гониме, но може да биде откриен. Полицијата од повеќе земји соработува во оваа сфера и ние ќе ги известиме органите од земјата од која се јавува“, вели Марија Јаковлеска од секторот за односи со јавноста во МВР.

Kривично дело се поседувањето, производството и дистрибуцијата на детска порнографија и закажувањето средба и намамување малолетник до 14 години преку компјутерско-комуникациски средства. Треба да се пријави кога непознати бараат лични податоци и слики, како и несоодветна содржина испратена од луѓе што се непознати, веб-страници или УРЛ, кои водат до страници со несоодветна содржина, а не до содржината што била барана.

 Свити – виртуелната стапица за педофили

Есенва илјадници педофили се јавиле на Свити, виртуелното филипинско девојче. Таа беше креирана од невладината белгиска организација како стапица за педофилите. За кусо време се јавиле голем број од нив. Со помош на Свити биле идентификувани педофили во 65 земји, а нивните податоци се доставени до Интерпол. Од регионов биле откриени и по двајца мажи од Хрватска и од Босна и Херцеговина.