Дали МВР има докази за тероризам?
Четврток, 3 мај 2012 – Министерството за внатрешни мора преку отпечатоците, оружјето со кое извршено убиството, ДНК анализите од возилото треба да ја оправда пријавата за тероризам. Кривичното дело тероризам е едно од најтешките дела што се докажуваат на суд особено ако нема издржани и квалитетни докази.
Она што допрва треба се утврди е дали МВР има цврсти докази за помагање на тероризам и материјални докази дека осомничените пет лица извршиле терористички напад. Адвокатите кои се дел од одбраната на осомничените за Академик потврдија дека засега сеуште не се знае колку полицијата има квалитетни докази за да се докаже дека во операцијата Монструм се уапсени терористи.
Академик го контактираше адвокатот на еден од осомничените браќа за тероризам Агим Исмаиловиќ. Агим е единствен уапсен од тројцата егзекутори на момчињата кај Смиљковското езеро. Неговиот брат Африм Исмаиловиќ и 27 годишниот Алил Демири се во бегство.
Адвокатот на еден од осомничeните за тероризам Насер Рауфи вели дека освен посебните истражни мерки засега не знае кои други докази ги поседува полицијата.
„Вчера вечер до доцна траеше распитот на осомничените. Досега немам никаков увид до доказите, но од она што истражниот судија ги прашуваше можам да забележам дека се работи за примена на посебни истражни мерки. Сеуште не сум информиран што е со чаурите од оружјето и отпечатоците. Динамиката на постапката ќе ја постави истражниот судија но сега ќе се појави и технички проблем бидејќи осомничениот е во Битола. За оние десетмина што се пуштени од притвор можам да кажам дека тие комуницирале со останатите врз основа на пријателска или роднинска врска.“ , вели Рауфи.
За разлика од Рауфи, адвокатот Драган Георгиев за Академик вели дека постојат материјални докази, но сеуште е рана фаза да се зборува дали навистина постојат цврсти докази за да се докаже делото тероризам.
„Бидејќи сеуште е рано да се зборува за доказите не можам да тврдам со сигурност, сеуште нема увид. Но има материјални докази за оние што се осомничени за тероризам. Има хумани траги, материјални отпечатоци, мислам дека има еден сведок кој ќе сведочи во корист на обвинителството, но не сум сигурен. Оние 10 лица што се со посебен извештај според мене се само колатерилна штета затоа што тие комуницирале со првите осомничени врз пријателска и роднинска основа и тоа од 12 април наваму“ .
Министерката Гордана Јанкуловска денеска повторно изјави дека поседуваат материјални докази за да се поткрепи пријавата за тероризам. Таа додаде дека е извршено вештачење на дел од запленетото убиство. Засега не постојат докази дека оружјето е користено во масакрот.