/ Прочитано:

1.012

МВР: Отпечатоците потврдија – обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се уапсените лица на Косово

Понеделник, 4 март 2013 – Утрово од страна на косовската полиција се добиени дактилоскопските траги кои по проверката во базите на македонското МВР се потврдило дека соодветствуваат со идентитетот на обвинетите Африм Исмаиловиќ (33) и Алил Демири (28), информираат од МВР. Во становите на приведените е пронајдено оружје кое дополнително ќе се вештачи за да се утврди дали со истото е извршен масакрот кај Смилковци.  

„Приведувањето на лицата се случило вчера од страна на Главниот директорат за криминалистички работи во населбата Сани Хил во Приштина“ на денешната пред конференција изјави министерката Гордана Јанкуловска.

Министерката Јанкуловска веднаш стапила во контакт со нејзиниот косовски колега Бајрам Реџепи и се заблагодарила за коректниот однос и добрата соработка, како и за нивниот ангажман при што во координирани активности заедно со македонската полиција се постапувало по меѓународната потерница издадена за овие лица. Разговарале и за забрзување на сите постапки и за нивна екстрадиција во Република Македонија затоа што се работи за македонски државјани.

По потврдувањето на идентитетот, на обвинетите им е одреден 48 часовен екстрадициски притвор во Косово. За овој период треба да бидат комплетирани сите документи кои се неопходни за започнување на постапката за екстрадиција која треба да ја направат македонското и косовското Министерство за правда.

Претходноодбраната на обвинетите во судскиот процес „Монструм“, адвокатот Насер Рауфи на новинарите им ја потврди информацијата дека уапсените се обвинетите Демири и Исмаиловиќ.

„Дефинитивно уапсените се моите клиенти. Значи беше познато дека е распишана меѓународна потерница и тие се сега достапни за нашиот правосуден систем. Сега ќе се чека екстрадиција, па да се вклопат во предметот бидеќи постапката за нив двајца не е развиена и истите се судат во процесот кој моментов е во тек“, изјави адвокат Рауфи.