/ Прочитано:

1.146

МВР во соработка со Интерпол Рим: Со фалсификат италијански изводи до македонски пасоши!

Четврток, 6 март 2014 – Шест скопјани и еден прилепчанец се осомничени дека изготвиле фалсификувани италијански изводи кои потоа ги искористиле за издавање на пасоши на четири деца, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Осомничените М.В. (25), А.А. (30), Ф.Љ. (31), Д.С. (30), Е.А. (30), М.И. (30) сите од Скопје и Џ.У. (27) од Прилеп во периодот од 2010 до 2013 година, изготвувале фалсификувани италијански изводи од матична книга на родени наводно издадени од Матична служба во Фоџа, Италија, на име на В.С., А.А., В.А. и Љ.Р., во кои внеле лажни податоци, а со намера да овозможат четири деца да бидат впишани во матична книга на родени во Македонија кои што до тогаш не биле впишани во матичната евиденција, информира МВР.  По барање на македонската полиција, Интерпол Рим утврдило дека во канцеларијата за матично работење на град Фоџа во службените книги не евидентираат уписи во матичните книги за наведените лица, односно дека истите се фалсификувани. Според МВР, фалсификуваните италијански изводи откако ги превеле на македонски јазик кај овластен судски преведувач во Скопје и ги завериле кај нотар, ги употребиле како вистинити приложувајки ги кон молбите доставени до Матичната канцеларија Шуто Оризари во Скопје за дополнителни уписи на четирите деца, кон кои молби поднеле копии од нивните ИМКР, лични карти и пасоши. Од истрагата произлегло дека осомничените иако знаеле дека изводите се со невистинити податоци, ги употребиле како вистинити поднесувајќи ги пред службените лица од МВР-Сектор за управни работи кон барањата за издавање на пасоши на име на децата, каде пријавените се потпишале во рубриката „согласност од родителите”. Полицијата поднесе кривични пријави против осуммината осомничени заради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело, фалсификување исправа, предвидено и казниво по чл. 378 од КЗ на РМ.