/ Прочитано:

888

Набргу стигнуваат првите обвиненија за корупциските случаи што ја тресеа Србија

Понеделник, 11 февруари 2013 – Владата на Србија ги најавува обвиненијата за познатите криминални афери што ја тресеа оваа земја во последните мессеци. Прво за „Агро банка“, па ќе следи и обвинението за тајкунот Мирослав Мишковиќ, сопственик на компанијата „Делта холдинг“ кој засега е осомничен за финансиски малверзации и корупција. 

„Стигнуваат првите обвиненија за „Агробанка“, а наскоро и за Мишковиќ и останатите, па ќе има и судења. Не станува тука збор за освета, туку за тоа дека нашата држава не беше посилна од тајкуните и тие одлучуваа како и кој ќе управува со нашите животи. Наша работа е да направиме институции што ќе се борат против тоа“, истакна Александар Вучиќ, вицепремиерот за корупција на Владата на Србија. 

Александар Вучиќ, вицепремиерот на Србија ги најавува првите обвиненија против големи корупциски скандали кои неодамна се обелоденија во јавноста. Прво ќе стигне обвинението за „Агробанка“, случај за кој под истрага беа од политичари, гувернерот на Народната банка, па се до фудбалски клубови. Набргу вицепремиерот го најавува и обвинението против тајкунот Мирослав Мишковиќ, кој важи за најбогатиот човек во Србија и еден 100-те најбогати во светот. Заедно со неговиот син Марко и уште 8 други лица беа уапсени под сомнение дека злоупотребувајќи ја службената положба, извлекувале пари и имот од приватизирани компании за патишта, со што противправно се здобиле со 30 милиони евра. Мишковиќ од пред неколку дена му е продолжен притворот за наредни 30 дена.

Летоска, Србија се тресеше од проневерените 300 милиони евра во случајот „Агро банка“. Загубата наводно настанала поради големите долгови на должници кои не ги враќале, а претходното раководство им ги одобрувало без обезбедена гаранција. Имотите на должниците често се проценувале со нереална вредност. Медиумите ова го наведуваат како главна причина за пропастот на банката, која одобрувала нереални хипотекарни кредити.