/ Прочитано:

1.840

Надриписарството и пресуди на адвокатурата – Лилјана Портарска, адвокатка од Берово

Во адвокатурата е девет години и пресуднo за нејзината одлука да биде адвокат била вербата во правото, но работејќи во таа сфера се соочила со она што смета дека од друга страна и пресудило на адвокатурата – а, тоа е надриписарството. Како нескриен оптимист по природа таа вели дека со добра организација, поквалитетни законски решенија и сузбивање на надриписарството, можен е и очекуваниот прогрес, особено во богатото со убавини Берово, но сиромашно од социјален аспект, како што ни предочува адвокатката Лилјана Портарска.

Надриписарството – голем проблем на адвокатурата

„Берово е мало место и не може да се очекува многу работа. Се соочуваме со повеќе потешкотии. Од тие причини би рекла дека беровската адвокатура е во незавидна состојба, но не се само тие причините. Проблемите се системтски наталожувани повеќе време“, вели  Портарска.

Според неа, тежок удар врз адвокатурата било префрлањето на одредени надлежности на нотарите што дополнително ја комплицирало ситуацијата.

„Обемот на работа е намален пред се заради тоа што одредени надлежности се префрлија на нотарите, а ние сме немоќни во тој поглед бидејќи не се работи за прашање на конкурентност, туку на законски решенија“, потенцира адвокатката.

Таа посочува дека покрај тие проблеми, најголем проблем во Берово е нардиписарството.

„Едноставно се изигрува законот, особено ЗПП. Не се почитува ни тоа дали одреден документ треба да има печат на адвокат, туку си се прават копии на документи и сами приучени личности си тераат „адвокатски“ работи. Тука напоменувам дека тоа е појава која се забалежува и во инстутуциите, и таму луѓе кои имаат контакт со документи, кои им ја гледаат формата и содржината и запознаени се со теркот, па потоа самите се нудат да ги подговтват тие акти, затоа што „знаат“, се жали адвокатката која истакнува дека тоа веќе добива сериозен замав како појава и мора итно да се сузбие.

„Надриписаратството е голем проблем за адвокатурата. За помало место како Берово, токму тоа и пресуди на адвокатурата“, акцентира Портатрска.

Да се заштити работата на адвокатите

Таа во таа насока вели дека законските решенија мора повеќе да одат кон насока на заштита на работата на адвокатот, во казнената политика кон нелегалните дејности во врска со надриписартсвото. Портарска патем напоменува дека исто така проблеми може да се лоцираат и кај одредени претставници на судството, кои, како што вели таа, често се ставале во улога и на адвокат и на медијатор и си земеле право да бидат „послободни во делувањето“.

Економската моќ на граѓаните се одразува врз работата на адвокатите

„Проблем исто така е економската моќ на граѓаните. Забележливо е дека се повеќе се губи и желбата за процеси, луѓето не можат да си дозволат. Нашиот крај е сиромашен и за граѓаните веќе предметите постануваат „луксуз“, вели адвокатката, која ги најборјува имотно-правните спорови како едни од позастапените предмети во делокругот на работата.

Портарска наведува дека таложењето на проблемите е поттикнато и од покажаната слабост на правосудните институции низ времето и при структуирањето на адвокатурата во однос на нотаријатот и извршителите, во кој контекст вели дека од платните налози до оставината, со работи кои им се дале на нотарите, сериозно се разнишала стабилноста на адвокатурата. Како што истакнува „тоа најдобро може да се согледа на помалите места“, посведочувајќи и за останатите правосудно-институционални аспекти кои смета дека се голем проблем.

„Ако порано беше цел суд ангажиран со работата, дали е сега логично само еден извршител да ја врши работата?“, прашува Портарска која посочува дека реален проблем е и тоа што во Судот нема доволен број на вработени судии, некои се веќе пред пензија што се одразува и врз адвокатурата.

„Тоа очигледно е хендикеп во работењето. Затоа велам дека севкупната организираност во комбинација со надриписарството ја донесоа адвокатурата на вакво ниво. Јас сум човек кој се бори и бара решенија и верувам дека со подобра организираност проблемот може да се надмине“, оптимистички се  надева адвокатката.

Адвокатски е да се биде оптимист

„По природа сум оптимист. А, и адвокатски е да се биде оптимист. Да немав љубов кон правото и правдата немаше ни да се одлучам за адвокатура. Тоа што објективните околности го намалуваат чувството на оптимизам не значи дека треба да застанеме тука и да не предлагеме нови решенија“, смета адвокатката, која апелира на адвокатската солидарност на сите нивоа и засилена соработка со Адвокатската комора.

„Доколку се обезбедат фер услови, добра организација и доколку надриписарството го снема – може да очекуваме подобрување. И затоа повторно истакнувам – Кога ќе го снема надриписарството ќе има егзистенција и прогрес!“, децидно тврди адвокатката Лилјана Портарска, акцентирајќи дека подоброто утре за беровската адвокатура е априорно во почитувањето на законот како темел на иднината.


Разговараше: Милчо Велјаноски

Објавено: 14. 05. 2014