/ Прочитано:

16.013

Наједноставната причина за развод: денес никој никого не трпи!

Три главни причини предизвикуваат развод на брачните парови кај нас, раскажува скопската адвокатка Валентина Ристевска, која повеќе од 10 години работи на оваа проблематика: мешањето на родителите, финасиската состојба, па прељубата. Вака ги рангира адвокатката причините што доведуваат до развод, иако не исклучува дека понекогаш две ситници се доволни за да настане курцшлус од кој нема враќање назад. Нејзиното искуство говори дека мажите се „стиснати“ кога станува збор за алиментација, а жените-домаќинки се најопасни во вториот дел на разводот: имотната делба. Бројките на Државниот завод за статискика (ДЗС) покажуваат дека во 2011 година во земјава се развеле 1753 брачни парови. Иако сѐ уште нема официјална статистика за 2012 година, од ДЗС најавуваат дека бројката е далеку поголема, но во мал процент секоја година расте и бројот на склучени бракови.

Планетава држи околу шест милијарди луѓе, веројатно постојат и толку различни човечки карактери, во буквална смисла на зборот истото правило важи и во бракоразводната парница, вака отприлика изгледа сликата на адвокатката Валентина Ристевска за крајот на брачната заедница. Не беа доволни ни два часа за да се слушнат сите нејзини приказни за разлутените сопружници кои секојдневно влетуваат во нејзината канцеларија и бараат развод. Во прв момент, Ристевска забележува дека без разлика на нивната општествена положба сите си ја кажуваат маката, некои искрено, некои лажат, а понекогаш е  и сведок на физички пресметки.

„Како адвокат мора да имам основа на што да ја напишам тужбата, па сопружниците и без да ги прашам почнуваат да си ја отвораат душата раскажувајќи го пеколот низ кој поминувале. Со години работам на оваа проблематика, има различни причини зошто сопружниците се разведуваат, но според моето искуство на прво место е мешањето на родителите. Кога ќе се слушне за развод секогаш се помислува на прељуба, но  не е така. Сум имала случај мајката на сопругот да ми се жали како не и се допаѓал стилот на облекување на нејзината снаа и лична таа не ја бендисувала. Има доста и прељуба, но и тешката материјална состојба ги доведува до лудило брачните парови. Поради несогласување на карактерите и недоволно познавање еден со друг, понекогаш потребни се две ситници да пукне работата. Сопруг бараше развод бидејќи сопругата направила сметка со нарачка од „Орифлејм“ во износ од 8000 денари“, појаснува Ристевска.

Се разведуваат сите без разлика на нивната општествена положба и старосна граница. Ристевска вели дека на суд застапувала и стари и млади брачни парови, меѓутоа во просек се разведуваат од 25 до 40 годишна возраст. Во нејзината широка лепеза на разводи стојат небулозни ситуации, но скоро секогаш се јавува проблем кога се во прашање децата. Нејзиното лично искуство покажува дека мажите се „стиснати“ кога станува збор за алиментација, а жените домаќинки кои никогаш ништо не работеле се најопасни во смисла за делбата на имот.

„Освен оној најчувствутелниот дел кај кого ќе се доделат децата, скоро секогаш е проблем и алиментацијата. Мажите алиментацијата ја сфаќаат како парите да и ги даваат на поранешната сопруга, а не за децата. Жените, пак, особено оние кои на професионален план не се реализирани, никогаш не работеле ништо, во втората парница за имотна делба бараат најмногу, 50% од стекнатиот имот во брак со образложение дека општествената улога -домаќинка е најтешката професија на жената. Но, на суд требаат докази  за стекнатиот имот, движење на парите итн.. Не е така едноставно, во судница се ценат доказите, а не трогателните домаќински приказни да се дојде до посакуваната цел“.

Под запишаниот поим „несогласување на карактери“ во тужбата може да стои секакво животно патешествие, но Ристевска посочува дека безброј парови влетуваат во брачните води пред доволно да си ги запознаат карактерите.

„Сега се земаат и преку „Фејсбук“, или месеци, па и години се гледаат на кафе, ручек, викенд и одмори. Ситуацијата се менува со заедничкиот живот кој носи нови секојдневни ситуации и проблеми. По некое време валканите работи излегуваат на површина, а не секој карактер е спремен на компромис и жртва. Порано најверојатно поради другите општествени бранови кои носеле поразлични морални вредности, денеска никој никого не трпи. Новите генерации застануваат спроти зборот на своите родители, особено ако и двајцата се во подем на правење кариери. Разводот носи стрес, особено ако во бракот се родат деца, но и покрај тоа, разведените сопружници лесно се снаоѓаат понатаму. Се венчаат по вторпат, третпат, се сменија општествените сфаќања. Подобро е добар развод, отколку лош брак, ова во буквална смисла е вмрежано кај урбаната популација“, објаснува Ристевска.

„Богатиот сопруг со млада љубовница“, адвокатката го гледа како стереотип кој не соодејствува со реалноста. Преку нејзините судски постапки согледала дека прељубници се сите, без разлика на нивниот изглед, статус, возраст, а од тоа произлегува дека прељуба вршат и жените, не само мажите кои преку ноќ се збогатиле. „

„Мажите околу 40 годишна возраст не ретко го оставаат семејството поради својата млада и згодна љубовница, но тоа не е правило. Колку жени дошле до стадиум развод затоа што наводно сопугот не и обрнувал внимание, па сега е среќна со љубовникот“, вели Ристевска.

Таа се согласува со Извештајот на Комисијата за ефикасност на правосудството на Советот на Европа каде Македонија е претставена како земја во која бракоразводните постапки се најбрзи во Европа. Европските земји во просек паровите ги разведуваат за околу 7 месеци, кај нас постапката трае од 3 до 6 месеци.

„Ако е спогодбено, тогаш е лесно и брзо, со две рочишта завршуваме работа. Постапката трае подолго кога едниот не прифаќа, или станува недозразбирање околу обврската за децата. Во однос на финансискиот дел, во секој случај е повеќе чини свадбата него разводот, само првиот пат сите пејат и играат, а вториот леат солзи и се расфрлаат со пцовки“, заклучува адвокатката Ристевска.


Разговараше: Паула Божиновски

Објавено: 22.04.2013