Најголем скандал во историјата на фудбалот: Европол откри мрежа на 680 наместени фудбалски натпревари – осомничени се 425 судии, играчи и останати официјални лица
Понеделник, 4 февруари 2013 – Европската полиција (Европол) денеска соопшти дека спровела истрага која резултирала со 680 лажирани и наместени фудбалски натпревари ширум светот од кои 380 му се препишуваат на Стариот континент.
Станува збор за мечеви од европските национални лиги, но и од Светскиот куп, квалификациите за Европското фудбалско првенство и од Лигата на шампионите. Ова е најголема полициска истрага за местење натпревари во Европа досега.
На вонредната прес-конференција во Хаг, директорот на Европол, Роб Вејнрајт соопшти дека за местење на резултатите од натпреварите се осомничени 425 судии, играчи и останати официјални лица. Истрагата траела 18 месеци при што е откриено дека координацијата била од Азија.
„Во текот на последните 18 месеци, Европол водеше голема истрага за наместени натпревари во европскиот фубал. Ова е најголемата истрага досега која разоткрива голем проблем за интегритетот на фудбалот на нашиот континент, но и на целата планета“, посочи Вејнрајт на прес-конференцијата, пренесува Би-Би-Си.
Во лажирањето на еден натпревар, биле вложувани и до 16 милиони евра, при што бил остваруван профит од осум милиони. За подмитување се издвојувале по два милиони евра, а највисоката исплата на учесниците во лажирањето изнесувала 140.000 евра.
Еден од натпреварите во Лигата на шампионите, за кој постои сомнеж дека бил лажиран, е одигран во Англија, но претставниците на Европол не посочија за кои натпревари станува збор, ниту за тоа кои се тимовите во овој дуел од Лигата на шампионите.
Англиската Фудбалска асоцијација (ФА) и британската Влада, пред повеќе од една година покренаа силна кампња против корупцијата во фудбалот, обвинувајќи ја пред се ФИФА за таквата состојба и тврдејќи дека англискиот фудбал е исчистен од тоа со острата пресметка со корупцијата во фудбалот и спортот.
Според Европол, идентификацијата на лажираните натпревари е направено по откривањето и прекинувањето на криминалниот синџир, за кој велат дека потекнува од Азија и бил раширен низ Европа. Истрагата меѓудругото утврдила дека во оваа нечесна работа се вклучени фудбалски функционери на разни нивоа, фудбалери, како и криминалци.
Во синџирот на лажирање се вклучени 15 земји, а досега се уапсени 50 лица, што за функционерите на Европол е премала бројка, затоа што таа е само „врвот на ледениот брег“, затоа што има многу повеќе виновници.