/ Прочитано:

1.155

Најмалку разводи во август, најмногу во април

Петок, 7 јуни 2013 – Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), бројот на склучените бракови во 2012 година, во  споредба со претходната година, е намален за 5.1% и изнесува 13. 991 брак.

„Најмногу бракови во текот на годината се склучени во август, 11.8%, а најмалку во март 5.2%. Најчесто е стапувањето во прв брак со учество од 92.6% за жените и 90.6% за мажите. Во втор брак, со учество од 8.7%, и во трет брак, со учество 0.8%, во вкупниот број на склучени бракови, почесто стапуваат мажите“, соопштуваат од ДЗС.

Просечната возраст при склучување на прв брак е 25.6 години за невестата и 28.4 години за младоженецот. Бројот на разводи, како што посочуваат од Заводот, во 2012 година бележи зголемување од 9.9% во споредба со 2011 година и изнесува 1926  разведени бракови.

Најмалку бракови во текот на годината се разведени во август 3.2%, а најмногу во април 10.7%.

Според возраста на сопругата, најголем број на разводи, 20.9%, се случиле во возрасната група од 30 до 34  години, a за сопругот, во истата возрасна група, но со учество од 18.9%.

Од ДЗС неодамна известија дека Гостивар во последниве три месеци бележи рекорд по бројот на разводи. Статистиката за првото тромесечје од годината ја сместува гостиварската Општина на прво место не само за разводи, туку и е Општина со најголем број на склучени разводи за првите месеци од оваа година.