/ Прочитано:

1.029

Народниот правобранител: Повеќе поплаки за непочитување на потрошувачки права отколку претставки за правосудството

Среда, 21 ноември 2012 – Голем е бројот на повреди на човековите права во Македонија, заклучил Народниот правобранител Иџет Мемети земајќи го во предвид големиот број на претставки што стигнуваат до неговата канцеларија. Мемети во интервју за Македонската информативна агенција – „МИА“, објаснува дека секој ден се зголемува приливот на граѓани кои се жалат на непочитувањето на нивните основни човекови права. 

Според Мемети, рекордери  веќе не се правосудните институции, туку граѓаните оваа година најмногу се жалат на непочитување на нивните права како потрошувачи.

„Можеби ќе ве изненадам, но бројките се тие, оваа година не се на прво место претставките за правосудството, туку поплаки на граѓаните за потрошувачките права. Потоа следи: правосудството, работните односи, казнено поправните и воспитно поправните установи, имотно-правните односи, пензиското и инвалидското осигурување, социјалната сигурност и социјалната заштита“, вели Мемети. 

Според обдусманот, односот и комуникацијата меѓу Народниот правобранител и државните институции се уште  е на завидно ниво. 

„По однос на отвореноста и комуникацијата со органите кои ние ги контролираме се уште има место за подобрување на таа комуникација. Но, би сакал да ја издвојам отвореноста и добрата комуникација на Министерството за внатрешни работи, особено за делот на работата на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам (НПМ). Ова е пример за добра комуникација, а според мене се должи на познавањето на тоа што значи и која е улогата на народниот правобранител – Национален превентивен механизам, посакувам ова да го следат сите други институции“, додава народниот правобранител.

Мемети утре ќе биде одликуван со Орден за граѓански заслуги кој му го додели кралот на Шпанија, Хуан Карлос Први.