/Прочитано:

1.295

Насилството врз децата вообичаена практика: нови процедури за постапување со деца-жртви

Насилството врз децата и во Македонија и во светот останува вообичаена практика.  Податоците собрани во 2011 година укажуваат дека речиси 70 проценти од децата на возраст од две до четиринаесет години биле изложени на некаква форма на психолошко или физичко насилство од страна на нивните родители, а околу 5 проценти од тие деца биле изложени на тешко физичко казнување, истакна д-р Бертран Демулен, претставник на УНИЦЕФ, на Националната конференција за постапување со деца жртви на насилство што вчера се одржа во Скопје.  

На Конференцијата се дискутираше за новите стандардизирани процедури за постапување со деца жртви на насилство кои не воведуваат нови законски мерки, туку преставуваат практична алатка за подобра примена на постојните закони од страна на полицијата, обвинителството и судството.

Отсуство на координиран пристап

Според  Демулен, иако Македонија има усвоено одреден број политики за заштита на детските права, сепак, сè уште недостасува интегриран и координиран пристап за да се спречи, но и да се даде соодветен одговор на насилството врз децата, и тоа со систематско прибирање податоци за да може да се следи состојбата.

„Со новоподготвените процедури за постапување со деца жртви на насилство се поставува нов пристап кон овие деца. Тие претставуваат практична алатка за подобра примена на постојните закони, односно како треба да работат заедно претставниците од центрите за социјална работа, од полицијата, од обвинителството, судиите, лекарите и наставниците за обезбедување адекватна заштита врз детето во однос на неговите права и најдобри интереси“, појасни Демулен.

Мултиресорската работа, како што посочи претставникот на УНИЦЕФ, има двојна цел, да се обезбеди згрижување на детето жртва или сведок и да се минимизираат дополнителните трауми за децата, но и да се води детето и неговото семејство низ сите тие законски постапки.

Меѓународни стандарди

Меѓународните стандарди пропишуваат одредени минимални гаранции кои мора да ги има во секое национално законодавство, за да биде гарантирана заштитата на децата жртви на насилство или на кривични дела:

Во таа смисла, овие стандарди го предвидуваат следново:

  • Испитувањето и другите форми на истражување треба да ги спроведат обучени професионалци кои се однесуваат со почит кон детето;
  • сите контати со детето-жртва треба да се спроведат во соодветна околина на начин што ги задоволува специјалните потреби на детето, и тоа на јазик што детето го користи и разбира за да се подобри можноста за учество на детето;
  • децата-жртви и сведоци, нивните родители или старатели, од својот прв контакт со правниот систем, треба да бидат навремено и соодветно информирани за своите права;
  • треба да се постават мерки за да се ограничи непотребниот контакт меѓу детето и правниот систем, како што е ограничување на бројот на испитување на дете и користење на видео запис за сведоштвото;
  • децата-жртви треба да имаат право на правен лек, како што е утврдено во националното законодавство, за целосна реинтеграција и закрепнување;
  • децата-жртви треба да имаат пристап до услуги за помош и поддршка, како што се финансиски, правни, советодавни, здравствени, социјални и образовни услуги, услуги за физчко и физиолошко закрепнување и сите други услуги потребни за реинтеграција на децата преку владини, доборволни или други органзации;
  • треба да се поттикнат формирањето, зајакнувањето, и проширувањето на националните фонодови за компензација на жртвите.

Во системот за правда на децата треба многу  да се вложува

Лазар Нанев, универзитетски професор и судија, поjaснува дека целта е преку овие процедури да се овозможи еден нормален тек и пристап кон методот и техниките со кои ќе постапуваат полициските службеници, јавните обвинители и судовите во овие случаи за да биде гарантирана заштитата на децата жртви на насилство или на кривични дела.

„Тоа значи создавање пристојна околина преку обезбедување посебни простории, како во полициските станици, така во јавните обвинителства и особено во судовите. Значи, судниците треба да бидат опремени со посебна ИТ технологија заради остварување на заштитата на правата на децата. Тоа значи дека еден разговор во текот на целата постапка треба да се води од аспект на заштитата или прашањето на виктимизацијата на жртвите: земање изјави од децата преку видеоконференциски врски, одвојување на децата-жртви од сторителите и сл. Правото на обесштетување целосно се операционализира во овие процедури како една од најреволуционерните новини во Законот за правда на децата. Тоа значи дека секое дете коешто со судска одлука е утврдено дека е жртва на кривично дело има право на обесштетување и тоа право ќе го оствари од средства што се издвојуваат во рамките на буџетот на Министерството за правда“, вели Нанев.

Освен шест простории во рамки на полициските станици низ Македонија, во судовите и во јавните обвинителства сè уште недостигаат вакви посебни простории за испитување – разговор со деца-жртви  преку користење на современи визуелно-тонски средства.

„Интенцијата е преку создавање на овие процедури да ги поттикнеме сите институции во Македонија дека правата на децата се една од најчувствителните потреби. Дека треба многу да се вложува и во системот на правда за децата. Дека парите не треба да бидат пречка за ограничување на одредени права на децата бидејќи во спротивно ние, како држава, не ги почитуваме правата на децата, а потписници сме на Конвенцијата за правата на детето која нè обврзува во овој момент. Само ќе нагласам дека во Штип во рамките на Правниот факултет постои најдобро опремената судница што ги задоволува сите овие критериуми и сметам дека тоа ќе биде можност полициските службеници, обвинителите, судовите на апелационото подрачје на Штип да ги користат овие простории во вакви случаи“, истакнува Нанев.

На Конференцијата, која беше организирана од Советот за превенција од малолетничко престапништво со поддршка од УНИЦЕФ, свои обраќања имаа државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, заменик-претседателот на Врховниот суд, Фаик Арслани и заменик-директорот за јавна безбедност при МВР, Маријан Наковски.

Според Зврлевски, децата се најранливите учесници во кривичната постапка, без оглед во кое својство се појавуваат.

„Од тие причини, органите кои во различни стадиуми на постапката доаѓаат во допир со децата неопходно е со посебна грижа и со посебно внимание да се однесуваат кон нив и со нив, со цел нивното учество во постапката да не доведе до какви било негативни последици врз нивниот натамошен живот“, рече Зврлевски.

Република Македонија ја има ратифиикувано Конвенцијата за правото на детето и со тоа презеде обрска да се грижи за нејзино остварување, односно да ги штити паравата на децата и да ја унапредува нивната состојба. Меѓутоа тоа не е само обврска на државата, тоа е обврска на поединците, кои низ секојдневни постапки можат да покажат дека ги признаваат и почитуваат правата што децата ги имаат.

Донесувањето на процедурите треба да придонесе за обезбедување на заштитата на интегритетот и најдобрите интереси на детето. Тие треба да овозможат:

  • да се придонесе во унапредувањето на благосостојбата на децата, преку оневозможување на насилството и да се намали ефектот од секундарната виктмизација во кривичната постапка;
  • да се придонесе во обезбедувањето дека сите преземени мерки, дејствија и активности и донесени одлуки во текот на кривичната постапка ќе бидат во најдобрите интереси на детето;
  • да се овозможи воспоставување ефикасни и единствени процедури, кои ќе обезбедат постојана забрзана и координирана постапка, која ќе ги штити децата-жртви од понатамошна виктимизација и ќе им обезбедни соодветна помош;
  • да се придонесе во остварување на ефикасен проток на информации помеѓу организациските единици во министерствата и другите државни органи и служби, вклучени во процесот на заштита на децата-жртви;
  • да ги препознаат и оформат знаењата на професионалците за целокупната национална и меѓународна регулатива за децата, кои се јавуваат како жртви на насилство или на кривични дела;
  • да се истакнат мерките на помош и заштита, кои можат да се користат во секоја фаза на постапката, а со цел да се намалат или да се елиминираат штетните ефекти на насилството или кривичното дело врз детето-жртва и добивање сознанија за најсоодветната мерка која треба да се примени, која би дала најдобар резултат со најмало ограничување или суспендирање на засегнатите права на жртвата;
  • да им помогнат и да ги насочат за тоа кои права им припаѓаат на децата жртви на насилство или кривични дела , а особено кои права им припаѓаат во постапката за обесштетување;
  • да се применат методи и техники на разговор со дете-жртва, кои се најсоодветни во постапката нна испитување на дете-жртва на насилство или на кривично дело, а со цел да се избегне дополнителна виктимизација или искривување на настанот што би довело до негово поинакво доживување и преживување;
  • запознавање со најдобрите техники од страна на лицето што го спроведува испитувањето со кои кривично-правниот настан што го има преживеано детето, при првичното испитување,  ќе успее да се стави во „карантин“, а воедно да се стекне со најмногу информации;
  • да се промовира создавање посебна околина за разговор со деца жртви, односно посебни простории  за испитување-разговор со дете-жртва преку користење на современи визуелно-тонски средства, односно технички средства за комуникација.

Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk Објавено: 17.02.2015