/Прочитано:

908

СУДИСКА „АВТОЦЕНЗУРА“: Се плашат ли судиите да досудат на штета на државата?

Привилегиран третман на државата, резервираност на судиите да досудат на штета на истата, побавно решавање… – вака директно инволвираните странки ги опишуваат парниците што се водат против државата. Се почитува ли законски определената рамноправност на  Република Македонија како странка во односите со другите субјекти на правото?

Парничните предмети каде на едната страна се наоѓа државата, државен орган, или претпријатие во сопственост на државата се многу често присутни во македонската судска пракса. Најчести се  имотните спорови, но и спорови каде основот е надомест на штета. Од друга страна пак многу чести се споровите во кои државни, односно јавни претпријатија се во улога на тужители и овие се најчесто за наплата на долг. За разлика од Државниот правобранител,спротивната страна воопшто не е задоволна од исходот во овие предмети. Според адвокатите кои ги застапуваат физичките и правните лица пред судот, Јустиција во нејголем дел од случаите  и е  наклонета на државата.

Адвокатското друштво Чукиќ и Марков“ проблемот го лоцира кај судиите, особено по случајот  „Бачило“ каде беше досудено на штета на државата, и каде своја одговорност земаа и одреден број на судии.

Сега кај сите судии постои таа доза на резервираност да досудат на штета на државата, тоа се гледа и во фактот што постојано се акцептирани барањата за одлагања на Правобранителот и од тие причини сите постапки во кои странка е државата сè одолговлекуваат“, велат оттаму

Истиот став го дели и  од адвокатското друштво „Де Леге“.

Причината зошто ваквите постапки сè бавни и многу често во корист на државата како странка, сметамe дека е пред се во таканаречената автоцензура кои самите судии (секако не сите) си ја прават, сметајќи дека треба да сторат се за да ја ,,заштитат“, државата, но и притисокот кој врз нив се врши од претставници на власта било диретен било индиректен“, истакнуваат од  „Де Леге“.

За „Трпеноски“ искуството е од позитивно до крајно негативно. Според нив, сè  зависи видот на предметите и интересот на државата,  па истото е позитивно онаму каде што државата нема некој посебен интерес.

Проблемот настанува во предметите каде државата има посебен интерес за предметот на спорот односно интерес истиот да заврши во нејзина корист за да оствари некоја најчесто материјална корист или да не плати односно да не загуби некаква материјална корист (пр. да не исплати штета, долг или отпуштен службеник или работник да не се врати на работа во државен орган или државна компанија). Во тој случај нашето искуство е негативно, бидејќи таквите спорови најчесто завршуваат во корист на државата односно нејзин орган или компанија“, велат тие.

Скопскиот адвокат, Зоран Андоновски дециден, според него искуството е многу лошо со оглед дека РМ е секогаш во заштитена позиција.

Адвокатот на државата наспроти aдвокатот на физичките и правни лица

На влезот во Државното правобранителство на РМ (ДПРМ) ќе забележите натпис кој  вели: „Успехот на вашиот спор е ваша одговорност“. Го прашавме државниот правобранител на РМ, Оливера Китанова дали е тоа навистина така и во реалноста. Според Китанова успешноста во една процесна постапка лежи во повеќе фактори и тоа поседување на докази, искази на сведоци, уредна достава на писмена, стручни наоди и вештачења, но секако и познавање на позитивните законски прописи. Правобранителката уверува дена не е точно дека државата има некакви привилегии.

Неумесно е да се тврди дека државата има одредени привилегии како странка во процесните постапки, сметаме дека РМ  е рамноправен партнер во рамките на која било постапка. Имаме исклучителна почит кон колегите адвокати кои ги застапуваат физичките и правните лица во постапките пред редовните и останатите судови, соработката ни е добра и се надеваме дека во иднина ќе ни биде уште подобра. Сметаме дека доколку државата е соодветно заштитена, индиректна добивка ќе имаат и сите граѓани во истата“, вели таа.

Задоцнетата правда е неправда

Парничните предмети претставуваат најсложените и најмногубројните предмети кои се наоѓаат во работа во ДПРМ. Во 2011г. во ДПРМ вкупно примени во работа биле 14.166 парнични предмети, за разлика од 2010г. која бележи 11.965 вакви предмети. Конкретно, на територијата на РМ онаму каде што се вршела државно правобранителската функција разрешница доживеле 3993 парнични предмети, додека бројот на несвршени предмети изнесува 10.173. Ситуацијата во Скопје е 531 свршени парнични предмети, наспроти 5123 несвршени парнични предмети. Државниот правобранител негира дека се работи за бројки кои упатуваат на судски постапки што траат со години. Според Китанова оваа разлика не е голема, земајќи предвид дека надлежноста на државниот правобранител се протега во скоро сите области на правото.

Од друга страна, адвокатите генерално се согласни дека овие предмети се одвиваат побавно, а ова особено се однесува на споровите во кои државата е тужена за надомест на штета, иако има исклучоци. Тргнувајќи од познатата максима „задоцнетата правда е неправда“ од „Де Леге“ ни наведуваат  пример за спор кој се траелдури 8 години.

Еден спор за надомест на материјална штета од конфликтот  во 2001 година ( викендица на Попова Шапка), траеше цели 8 години. На крајот го добивме во целост, а добивме и надомест за судење во неразумен рок, но имавме среќа што странката беше упорна и ни веруваше до крај па не се откажа, како многу други“, раскажуваат од адвокатското друштво.

Вината зошто овие спорови се решаваат побавно, адвокатот Андоновски ја лоцира  токму во ДПРМ, вели дека тие често немаат добра кординација со органите на управата во поглед  на доказите.

Во однос на ова прашање, Китанова тврди дека се прават напори за да се подобри ситуацијата и го наведува протоколот за соработка потпишан во 2010г., помеѓу ДПРМ и Министерството за правда. Целта на овој протокол е да се ажурира соработката со министерствата, односно ДПРМ во процесните постапки пред судот да не биде страната која ја одолговлекува постапката. И  Народниот правобранител  со замерки во однос на должината на судските постапки, посебен акцент става на оние кои се одвиваат пред граѓанските судови. 

Според проф. др. Кирил Чавдар, автоцензура кај судиите постои,  но поранешниот врховен судија  сепак е оптимист.

Ефектите од измените во правосудството ќе се видат многу скоро, казнени одредби ќе има. Судскиот совет, чија примарна цел е  да ја обезбедува и да ја гaрантира независноста на судството во земјава има особено значење во целиот процес”, смета тој.

Според проф. др. Гордана Бужаровска, пак,  најголемиот проблем останува во отсуството на критериуми за тоа кој може да биде член на Судскиот совет на РМ како тело што ги избира и разрешува судиите од сите инстанци.

„Построги критериуми има за судиите поротници, одошто за членовите на Судскиот совет на РМ. Верувам дека не постои поповолно решение за регрутирање партиски војници во Судскиот совет на РМ од ова што сега го имаме во Законот за судскиот совет на РМ“, подвлекува проф. др. Гордана Бужаровска.

Граѓаните и понатаму се соочуваат со долготрајни и исцрпувачки судски постапки (Извадок од годишниот извештај на Народниот правобранител за 2011 година)

Граѓаните и другите правни субјекти и натаму се соочени со долготрајни судски постапки со што правото на судење во разумен рок се уште отежнато го остваруваат.
Од содржината на претставките доставени до Народниот правобранител,  како и од резултатите од спроведените постапки произлегува дека најголемиот број или повеќе од 50%  се однесуваат токму на неоправдано оддолжување на судските постапки,  пред се пред првостепените граѓански судови, потоа на постапките пред Управниот суд на Република Македонија, по што следат претставки за одолжување постапки пред Врховниот суд на Република Македонија, јавните обвинителства и другите институции на правосудниот систем. Податоците од предметното работење покажуваат дека постапките пред првостепените граѓански судови се уште траат по повеќе години,  дека во Управниот суд предметите се задржуваат 2  до 3 години,  иако тој не одлучува во контрадикторна постапка и дека Врховниот суд често одлучува во рокови подолги и од една година.

Нè опоменаа од Европа

Во извештајот на Европската комисија за напредокот на РМ за 2011 година, во делот кој се однесува на судството, посебно внимание е посветено на должината на судските постапки. Вкупното траење на судските постапки сè уште преставува предизвик и со тоа е попречена способноста на земјата да се справи со несоодветноста на статистичките податоци. – стои во извештајот.

Автор: Елена Павловскa

Oбјавено: 29.06.2012