/ Прочитано:

1.343

Научна конференција „Улогата на претседателот Киро Глигоров во меѓународното етаблирање на Република Македонија“

Денеска се одржа научна конференција на тема: „Улогата на претседателот Киро Глигоров во меѓународното етаблирање на Република Македонија“ во организација на Дипломатскиот клуб – Скопје, со поддршка на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), по повод 100-годишнината од раѓањето на првиот претседател на Република Македонија.

„Киро Глигоров, првиот претседател на независна Македонија, имаше решавачко влијание во меѓународното етаблирање на државата во светот, пред сè, со својот огромен углед во меѓународната заедница. Со својата личност и со својот личен придонес, тој ги поврза двата столба на современата македонска државност – АСНОМ 1944 година и 8 Септември 1991 година. За изградбата на самостојна Македонија, Глигоров даде личен печат со спроведување на референдумот за независност, донесување на новиот Устав, битката за демократска преобразба и внатрешна консолидација на земјата и нејзината меѓународна афирмација“, беше истакнато на денешниот настан.

Претседателот на МАНУ, Таки Фити, вели дека постапките на Киро Глигоров како претседател на државата биле добро обмислени, мудри, реални, рационални и во манир на искусен политичар и вистински државник. Придонесот на Глигоров во етаблирањето на Македонија како рамноправна членка на меѓународната заедница е огромен, нагласи Фити.

Промените во македонското општество што во моментов се случуваат, вели претседателот на Дипломатскиот клуб, амбасадорот Данчо Марковски, ја налагаат потребата повеќе од кога било за враќање на принципите според кои се раководеше првиот претседател.

Оваа година се одбележуваат сто години од раѓањето на Киро Глигоров, прв претседател на самостојна Република Македонија. Киро Глигоров бил член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, но и адвокат што е, како што нагласуваат историографите на македонската адвокатура, малку познато во јавноста.

„Неговата смиреност придонесе Македонија да го изоди периодот на транзиција. Такви лидери и политичари ни требаат. Во овие времиња што сега ги имаме една таква мудра политичка личност сигурно би била од корист“, беше истакнато на настанот во Општина Штип по повод одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Глигоров.

Киро Глигоров, член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, адвокат и прв претседател на самостојна Република Македонија

M.В