/ Прочитано:

1.626

НЕ БИДЕТЕ ОПУШТЕНИ, МОЖЕТЕ ДА БИДЕТЕ ОТПУШТЕНИ – УПОЗ ги повикува судските службеници, судските полицајци и административните службеници на првомајски протест

Вторник, 28 април 2015 – „Не биде опуштени, можете да бидете отпуштени“ – со овие зборови Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) ги повикува судските службеници, судските полицајци и административните службеници на првомајски протестен марш.

„Со почетокот на оваа година започна примената на новиот Закон за административни службеници и Законот за судска служба. Рестриктивните одредби кои ги имаат овие два закона предизвикаа огромен револт кај вработените во администрацијата и во судската служба и сè погласни се повиците за бојкот, протести и штрајк“, велат од УПОЗ.

Според УПОЗ, овие два закона не се реформски и европски и нивната цел не е да се создаде професионална администрација и да се стимулираат вработените на поквалитетна работа.

Како прв чекор во искажувањето на незадоволството од овие два закона, Синдикатот на УПОЗ, заедно со потписниците на Повелбата за солидарност на меѓународниот Ден на трудот – Први  мај, ќе организира првомајски протест.

УПОЗ ги повикува своите членови што помасовно да присуствуваат на протестот што ќе се одржи во Скопје.

Претседателот на УПОЗ, Пецо Грујовски, вели дека за некои решенија од Законот за административни службеници и од Законот за судска служба, УПОЗ има поведено иницијатива пред Уставниот суд.

„Најспорна е оценката, односно оценувањето на административните службеници, затоа што оценувачот учествува со 65 проценти од просечната оценка од четири други административни службеници со кои службеникот непосредно соработувал, и тоа со двајца од повисоко и двајца од пониско ниво“, посочува Грујовски.

M.В