/ Прочитано:

1.404

(НЕ)РЕФОРМСКA ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА: Реформите тапкаат во место или допрва следуваат

Професорите по управно право се скептични околу реформскиот капацитет  на новите законски решенија за административните службеници. Сметаат дека реформите тапкаат во место и дека не се прави доволно за граѓаните да ги добијат бенефициите од услужно ориентираната администрација. Ова беа само дел од експертските забелешки кои беа посочени на денешната дебата  на Правниот факултет „Јустинијан Први“, под наслов „Службеничкиот систем во Република Македонија“, на која присуствуваа претставници од Министерството за информатичко општество. Проектот „Форум за јавна администрација“ е организиран од Фондацијата „Фридрих Еберт“, во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ и Факултетот за јавна администрација при Универзитетот ЈИЕ Тетово.

На денешната дебата спротивставени беа аргументите на професорите од Правниот факултет, Борче Давитковски и Ана Павловска Данева, и на претставникот на Министерството за информатичко општество и администрација, Југослав Ѓорѓиевски – во врска со тоа дали се или не се реформски новите законски решенија за јавната администрација. На денешната дебата обраќања имаа и универзитетските професори академик Абдулменаф Беџети и Ванчо Узунов, како и Билјана Николовска Жагар од Агенцијата за администрација.

Грешка на политичките гарнитури 

Во врска со долгонајавуваните реформи во јавната администрација и службеничкиот систем, професорот Давитковски истакна дека за да постојат реформи во јавната администрација, политичките гарнитури треба сериозно да се подготват и да направат таков чекор, затоа што, како што подвлече професорот, реформирањето на администрацијата е исклучително тешка работа за која е потребна волја. За професорот политичките гарнитури погрешиле што не ја подготвиле администрацијата за реформи и од тие причини денеска сите реформи на сите политички гарнитури  – тапкаат во место.

Давитковски подвлече дека тие апелирале и барале да постојат подготовки, обуки и едукација за да има успешни реформи. Без тие два фактори во реформскиот процес не би можело да се постигнат посакуваните резултати. За таа цел, како што истакна професорот, од нивна страна било барано да се основа и академија за обука на администрацијата.

Потребни се перманентни обуки

„Долго време бараме да се основа академија за обука на администрацијата. Сега  тоа е сведено на сектор во рамките на Министерството за информатичко општество и администрација. Не може сектор да врши обука на 120.000 лица од различни области“, нагласи професорот Давитковски, додавајќи дека за реформи треба да постои перманентен систем на обуки, без чие постоење се доведуваат под знак прашалник подготвеноста и квалитетот на јавната администрација.

Со забелешки кон новите законски решенија се надоврза и професорката Ана Павловска Данева, која исто така изрази сомнеж околу реформските капацитети на новите законски решенија. Данева искажа сугестии за измени на законскиот текст, истакнувајќи дека некои одредби не се добри, како што е примерот со одредбата за намалување на платата на вработените. Професорката подвлече дека позитивно во законите е што постои каталог на работните места, но дека, сепак, генерална оцена е дека се работи за нереформски закон.

Арсовска Томовска: „Користени се британски искуства“

Заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, на експертската дебата во насока на исполнувањето на реформските цели на законските новитети, рече дека во изминатиот период биле преземени низа активности од страна на министерството при изготвувањето, донесувањето и спроведувањето на новите закони за јавната администрација, за што биле користени европски, а особено британски искуства. Во тој контекст, Билјана Николовска Жагар од Агенцијата за администрација, подетално ги елаборираше законските новитети и механизми за ефикасното функционирање на јавната администрација.

Претставникот на Министерството за информатичко општество и администрација, Југослав Ѓорѓиевски, поздрави дел од забелешките на професорите по управно право и истакна дека предлогот за обуките на административните службеници може да се разгледа, но со поинакви модалитети преку попрактичен и ефективен пристап. Ѓеорѓиевски укажа дека за реализација на така поставената цел потребно е да се изготви темелна анализа, додавајќи дека за реализацијата особено битен е и технолошкиот аспект.

Проблемите се подлабоки и децениски

„Многу е подобро службеникот што ќе го примите шест месеци или една година да работи под менторство на некој претпоставен што работел такви постапки отколку да појде на класични предавања“, рече Ѓеорѓиевски, кој понатаму ги елаборираше позитивните аспекти на новите законски решенија за администрацијата и јавниот сектор, но и содржинските новини во новиот Закон за општа управна постапка.

„По носењето на новиот Закон за општа управна постапка, се  планира втора фаза во која ќе се изврши усогласување со сите 300 материјални закони, така што ќе се исклучат постапките со барање и удвојување документи што ги забавуваат услугите за граѓаните“, истакна  Ѓорѓиевски, резимирајќи дека ваквиот тип реформи следуваат по изминувањето на 20 години и дека проблемите во администрацијата не можат да се решат без да помине одреден период затоа што, како што подвлече, проблемите се подлабоки и децениски.

„За период од пет до десет години откога ќе биде воспоставена целосна законска рамка може да се почувствуваат резултатите од вистинска реформа“, заклучи Ѓеорѓиевски.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

1.06.2015