/ Прочитано:

2.051

Неделкова: Воедначувањето на судската практика е повеќе од важно, особено кога законите се менуваат секојдневно

Воедначувањето на судската практика е повеќе од важно, особено во период на овие години кога процесните и материјалните закони се менуваат секојдневно, кога имаме многу спротивставени закони. Ова го истакна претседателката на Врховниот суд на РМ, Лидија Неделкова, на тркалезната маса „Поголема транспарентност на судството и воедначување на судската пракса преку јавност на судските одлуки и називите на пресудите“ што се одржа во Врховниот суд во организација на ИПА 2010 проектот за унапредување на судството.

„Правото се развива, не само под влијание на домашните закони, туку и под влијание на меѓународното право, особено Европската конвенција за човекови права и праксата на Судот во Стразбур. Во последните две години, невообичаено често се случува странките сами или преку адвокати да се обратат до Врховниот суд за воедначување на судската пракса. Оние што се обраќаат во некои случаи доставуваат и одлуки на Врховниот суд на РМ од пред десетина и повеќе години за изразено правно мислење и сфаќање на кое до денес не е променето, но пониските судови не го акцептираат во своите одлуки“, рече Неделкова.

Според претседателката на Врховниот суд, неопходно е судската практика да се направи што подостапна на јавноста, a со тоа, како што рече, да се исклучи секое сомнение на граѓаните дека во остварувањето на своите права имаат различен третман.

„Морам да признаам дека сè уште не сме расчистиле околу судската пракса од аспект на нејзината задолжителност, наметливост или каков епитет да и дадеме и не е потребно никој да не потсетува дека дека судската пракса не е извор на правото согласно нашиот Устав. Но, и правото и правната мисла се развиваат, а одлуките на Врховниот суд на Република Македонија, како највисок во државата, и судската пракса со силата на аргументите, полека но сигурно поминува на друг колосек – судската пракса како извор на правото. Затоа судската пракса треба да ја направиме достапна на јавноста и да го исклучиме секое сомнение  на граѓаните дека во остварувањето на своите права имаат различен третман, особено кога се работи за исти факти и исти правни прашања“, нагласи Неделкова.

Централна дата база на судски одлуки

До крајот на годинава, како што беше најавено на тркалезната маса, ќе биде воспоставена на централна дата база која ќе ги содржи одлуките на македонските судови од сите инстанци. Датабазата, беше посочено, ќе содржи опции за напредно пребарување, но истовремено ќе биде едноставна и лесна за користење.

„Веб сајтовите на судовите немаат техничка можност да го поддржат ова, па токму преку овој и други проекти правиме големи напори да ја измениме ваквата состојба и да се приклучиме кон современите и ефикасни технички решенија“, рече претседателката на Врховниот суд.

Лидија Тасева, судија на Врховниот суд и раководител  на Одделот за судска пракса истакна дека Врховниот суд прави напори да ги придвижи работите во однос на градењето и имплементација на судската практика во работата на судовите.

„Ако ги анализираме одредбите од процесните закони во постапувањата, пред сè на Врховниот суд, или конкретно на членот 386 од Законот за парнична постапка, говори дека пониските судови се врзани со правното сфаќање изразено во одлуката на Врховсниот суд кога се работи за укинувачка одлука. Сето ова би требало да значи дека судот својата улога и задача во заедницата треба да ја толкува екстензивно токму заради остварување на основната цел – правораздавање и еднаквост на граѓаните во судските постапки. Имено, интерпретацијата на текстот на законот е динамична и еволутивна, што значи дека законот  е жив инструмент кој мора да се интерпретира во смисла на денешните услови и актуелните состојби, а следејќи ја и динамиката на целото законодавство. Тука е особено значајна улогата на Врховниот суд, кој и според Уставот  го обезбедува еднинството во примената на законите од страна на судовите“, рече Тасева.

Според врховната судијка постои потреба регулативата во делот на анонимизацијата на судските одлуки детално да се уреди со посебен закон, а во насока на унапредување на процесот за воедначување на судската практика, како и обезбедување на транспарентост на  судските постапки. 

„Сметам дека би било целисходно материјата поврзана со анонимизацијата на судските пресуди детално да се уреди со посебен закон при што ќе бидат опфатени и разработени постапките и начинот на анонимизација на правосилните и неправосилните одлуки што конечно беше препорака и на Европскиот супервизор за заштита на личните податоци според извештајот од месец мај 2012 година. Меѓутоа, лично сметам дека  треба да се обрати внимание дека и правосилните одлуки по кои се одлучува и по вонредни правни лекови можат да бидат укинати и предметот да биде вратен на првостепено одлучување што го наметнува прашањето за веќе објавена правосилна одлука анонимизирана според прописите кои се однесуваат на правосилните одлуки, а која, пак, по укинувањето е вратена во почетен стадиум во постапката чиј исход е неизвесен“, рече Тасева

Практиката на Врховниот суд треба да е задолжителна

Според адвокатот Јордан Апостолски, главен експерт на проектот,  практиката на Врховниот суд треба да задолжителна.

„Воедначувањето на судската пракса е еден дел од правото што кај нас нажалост сè уште не фунционира и токму затоа тоа е и една од целите на овој проект.   Сметаме дека треба самите судови, пониските, при правораздавањето да се повикуваат на веќе заземените ставови на повисоките судови особено на Врховниот суд.  Праксата на Врховниот суд треба да е задолжителна“, изјави тој.

Апостолски  истакна дека од големо значање за воедначување на практиката e достапноста на  правосилните одлуки со целосен назив на странките. 

„Сметаме дека не треба да постои анонимизација  на името и на презимето, туку само на определни информации, пред се’ матичниот број и адресата, а се со цел, адвокатурата, но и медиумите, како  и пошироката јавност да можат да ги пронаоѓаат тие предмети и да ги споредуваат, а во крајна линија за да се развие и јавна дебата.  Ова би довело до унапредување на процесот за воедначување на судската прекаса, како и на транспаретност на судовите“, рече адвокатот.

Анонимизацијата на правосилните одлуки исклучок, а не правило

Странските експерти ангажирани на проектот исто така се согласни дека  со задолжителната анонимизација на имињата и презимињата на странките и називите на фирмите во одлуките согласно измените и дополнувањата на Законот за управување со движењето на предметите во судовите – ефективно да се спречи објавувањето на полното име на странките во домашните бази на судски предмети –  сериозно се оневозможува пребарувањето по предмети и на овој начин се попречува развојот на воедначување на судската практика.

Довидас Виткаускас, раководител на проектот кој долги години работел во Европскиот суд за човекови права, го истакна значењето на воедначената судксата практика како едно од клучните за развојот на владеењето на правото воспоставувањето на правната сигурност. Според него, пресудите во кои имињата на странките се анонимизирани треба да бидат исклучок (малолетни лица или лица со посебни потреби), а не правило.

Тој истакна дека ваквата практика не е својствена за институциите кои ги воспоставуваат стандардите на европскиот систем на правораздавање, а воедно ги спречува медиумите да пишуваат за судските пресуди и со тоа спречува јавна дебата за веродостојноста на судската практика, или состојбата на правосудниот систем во целина.

Според Виткаускас, македонските пресуди содржат голем број на податоци кои не се потребни и од овие причини, како што рече, можеби е потребно да се преиспита и начинот на кој се пишуваат образложенијата, односно дека тие треба да ги содржат само правнорелевантните факти.

Марк Ласер, виш правен советник во Амбасадата на САД во РМ истакна дека во САД всушност се почнува од Амандманот 6  и дека обвинетите имаат право на јавно судење.

„Судијата мора да ги согледа сите потенцијални алтернативи пред да го затвори судењето за јавноста и доколку то го стори истото треба многу добро да е аргументирано. Прекумерното затворање значи и намалување на довербата. Според нашата пракса сите одлуки се јавни и имињата се присутни во одлуките. Скоро сите одлуки на американските судови содржат имиња, а единствено нема да го најдете името на малолетното лице и сл.“, рече Ласер.

Ласер воедно  посочи дека пресудите во САД  се пишуваат на многу поедноставен начин и дека не се толку долги.

Тој порача дека судската транспареност е многу битна за зголемување на довербата кај граѓаните.

„Судењето е јавен настан и она што се случува во судницата е сопственост на јавноста“, цитираше Ласер, тамошен врховен судија.

„Пишувањето на судските одлуки е ограничено со ригидни и рестриктивни закони“

Во однос на забелешките за должината на судските одлуки, како и нивната сложеност, Неделкова реплицираше дека судиите имаат законска пречка, односно дека во образложението се должни да го наведат целиот тек на постапката.

„Ако го напишат образложението на друг начин, Апелација им ја укинува пресудата. Како судија во Основниот суд сум имала 2-3 пресуди со различен пристап, кои поминаа во Апелација, но со тешки маки“, рече Неделкова.

Таа истакна дека  пишувањето на судската одлука преставува уметност, но дека истовремено македонските закони се ригидини и рестриктивни. Претседателката на Врхвниот суд е на став дека судиите не треба да бидат ограничени со рокови за пишување на пресудата, односно дека треба да ги пишуваат во разумен рок.

„Потребни се измени на процесните закони за квалитетни одлуки. Некој сакаше да ги ограничи судиите.“, рече Неделкова.

Препораки на Дирекцијата за заштита на личните податоци

Валентин Фетаџокоски, генерален секретар на Дирекцијата за заштита на личните податоци, како еден од говорниците на настанот,  ги пренесе препораките на Дирекцијата во однос на анонимизацијата  и објавата на пресудите.

Фетаџокоски истакна дека треба да се размислува во насока на тоа дали да се продолжи со практиката да се објавуваат и неправосилните судски одлуки бидејќи, како што рече,  најголемите проблеми произлегуваат оттаму.

„Мора да се направи еден вид селекција на одлуките кои се објавуваат, односно таа селекција треба да биде врз основа на критериумите кои веќе се утврдени во препораката на Советот на Европа (55) 11. Наш предлог е да се формира тело кое ќе врши селекција врз основа на овие  критериуми,  можат да бидат самите судии кои учествуваат во креирањето на судската практика. Понатаму треба да се разгледаат и можностите за збогатување  на објавените одлуки, од аспект на давање кратко резиме. Понатаму треба се додадат  клучни зборови коишто може да се пребаруваат. Ако веќе опстане можноста да се објавуваат и неправосилните судски одлуки тогаш мора да се подготват јасни правила на кој начин ќе се врши анонимизацијата на овие одлуки кои создаваат најголем проблем во практиката на судовите. Понатаму, треба да се надогради и самиот АКМИС  од аспект на олеснување на процесот на анонимизација и процесот на самата селекција. Може да се разгледа и прашањето на кој начин се користат и самите пресуди којшто се објавени и кои се извор на судската практика за да нема злоупотреби и нивната функција да биде извор на правото. Една алатка која ние ја препорачуваме, односно тоа е практика во ЕУ,  е дека треба да се врши проценка на влијанието врз приватноста“, рече Фетаџокоски.


Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 5.10.2015