/ Прочитано:

849

Нелегалните кајчиња легализирано ќе завеслаат низ езерските води

Четврток, 6 март 2014 – Со измените и дополнувањата на Законот за внатрешна пловидба кои се усвоени од Собранието на Република Македонија над 200 чамци кои се користат на езерата во државава кои не се впишани во регистарот на пловни објекти ќе може да се легализираат до 3 септември оваа година.

„Станува збор за стари пловни објекти кои долго време се користат, но не биле регистрирани. Со пропишаните законски мерки конечно ќе се овозможи нивно регистрирање што ќе придонесе кон дополнително зголемување на безбедноста во внатрешната пловидба“, рече денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, упатувајќи и на самата постапката за легализација на овие пловни објекти.

Постапка за легализација

Легализацијата на чамците ќе се врши со поднесување предлог за легализација до надлежниот суд според местото каде што се наоѓа живеалиштето на сопственикот на тој пловен објект.

По поднесениот предлог за легализација, судот во рок од три дена ја известува Капетанијата на пристаништа со барање во рок од 24 часа да ја информира јавноста и заинтересираните лица за поднесениот предлог.

Доколку во рок од 30 дена не се јави друг сопственик на пловниот објект, ќе се донесе решение за негова легализација, а ако се јави друг сопственик на пловниот објект тогаш сопствениците ќе бидат упатени на парнична постапка.