/ Прочитано:

4.160

Нерасчистени тротоари, зголемен број на скршеници, нарушени граѓански права – непочитувањето на Законот за јавна чистота е реалност низ улиците

Замрзнати улици, тротоари, паркиралишта, велосипедски патеки – ова е сликата со која се соочуваат граѓаните по снежните врнежи што ја зафатија земјата. Поради нерасчистениот снег и замрзнатите тротоари голем е бројот на граѓани кои се здобија со скршеници.

akad 7

Граѓаните велат дека надлежните институции мора да имаат посериозен пристап во решавањето на овој проблем затоа што расчистувањето на снегот не значи само законска обврска за локалните власти, туку и зачувување на здравјето на граѓаните.

„Можеше да биде многу подобро исчистено. Некаде е исчистено, а на големи површини не е. Тротоарите се лизгави. Како пешаци немаме каде да поминеме и треба многу да внимаваме. Особено е опасен овој период откако престана да паѓа снегот, а неисчистените површини се замрзнаа“, коментираат граѓаните.

Проблем со нерасчистениот снег имаат и велосипедистите кои подвлекуваат дека тие како учесници во сообраќајот возат и на пониски температури и до -5 степени и не значи дека велосипедските патеки треба да останат под мраз.

akad 7

„Погрешно е мислењето дека ние не возиме во зимски услови, напротив може да се забележи дека е сè поголем бројот на луѓето кои до своите работни места доаѓаат со велосипед, посебно во овие услови на загаденост кога возењето велосипед е препорачливо за намалување на загадувањето. Оттука, во услови на снежни врнежи, мора да се почитуваат законските обврски за чистење на велосипедските патеки. Тоа е законска должност на општините, но и наше законско право и затоа во никој случај не смееме да бидеме дискриминирани“, истакнуваат велосипедистите.

За народниот правобранител Иџет Мемети нема дилема дека неисполнувањето на законските обврски и должности од страна на општините за расчистувањето на снегот претставува нарушување на правата на граѓаните, особено во поглед на правата кои произлегуваат од уставно загарантираните права за животната средина и опкружувањето.

akad 7

„Секако дека неспроведувањето на Законот за јавна чистота во поглед на расчистувањето на снегот од јавните површини претставува нарушување на  правата на граѓаните. Но, се чини дека во Македонија за сè се бара изговор, па секогаш општините се изненадени дури и за ваквите случаи. Општините мора да се подготвени навремено да се справат со ваквите ситуации бидејќи тоа произлегува и од законските обврски кои се во насока на остварување на правата и интересите на граѓаните“, вели за Академик народниот правобранител Иџет Мемети.

Погледнато од поширок општествен контекст, велат членови на Комисијата за заштита од дискриминација, тоа што граѓаните немаат пристап до јавните добра поради снегот и поради непреземањето на соодветни и ефективни мерки за негово расчистување од страна на надлежните претставува дискриминација.

akad 7

Исто така, како дискриминација може да се смета и постоењето на нееднаков пристап во спроведувањето на Законот за јавна чистота, со што и директно се загрозува здравјето на ранливите категории учесници во сообраќајот, како што се пешаците и велосипедистите.

И покрај тоа што во Законот за јавна чистота чистењето на снегот се дефинира како дејност од јавен интерес од локално значење, граѓаните нагласуваат дека од она што може да се види низ улиците не може да се каже дека му се дава големо значење на ова прашање во македонското општество. Ова, подвлекуваат граѓаните, особено се однесува на општинските власти и на исполнувањето на нивните законски должности и обврски.

akad 7

Нерасчистениот снег придонесе и за зголемен број на пациенти со скршеници. Проф. д-р Виктор Камиловски вели дека најголемиот број од повредите со кои се здобиле граѓаните се скршеници на рачниот зглоб.

„Изминатите неколку дена имаме зголемен број на пациенти во Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Голем број од нив дојдоа со скршеници на рачниот зглоб, а овие повреди се резултат на рефлексното испружување на раката за да се задржат да не паднат. Повозрасните граѓани најчесто се здобиле со скршеници на колкот“, вели за Академик проф. д-р Виктор Камиловски, специјалист хирург – трауматолог.

akad 7

Доколку дојде до повреда на граѓанин поради неисчистен снег, истакнуваат адвокатите, општината или пак правното лице имаат пасивна легитимација и можат да бидат тужени бидејќи според Законот за јавна чистота тие се задолжени да го исчистат снегот.

„Доколку се повреди поради неисчистен снег, граѓанин ќе може да ја тужи општината или пак правното лице кое е должно да го исчисти снегот во согласност со Законот за јавна чистота. Но, тоа зависи од местото на случувањето на настанот, односно дали е просторот за чистење на снегот во надлежност на општината или пак на правното лице. Она што е важно да се знае за една ваква постапка е дека треба да се обезбеди службена белешка и медицинска документација. Се разбира, пожелно е да има и очевидци на настанот“, истакнува адвокатот Владимир Бангиевски.

Според Законот за јавна чистота, одржувањето на јавната чистота значи чистење на  јавни површини и отворени простори на јавни објекти  и, во таа смисла, и чистење на снегот од овие површини во зимски услови.

akad 7

Во јавни површини и отворени простори на јавни објекти спаѓаат и: улиците, тротоарите, велосипедските патеки, плоштадите, кејовите, подвозниците, надвозниците, мостовите, паркиралиштата, како и скалилата што ги поврзуваат површините на јавен сообраќај.

Во членот 7 од Законот за јавна чистота се пропишува дека одржувањето на јавната чистота и чистењето на снегот и мразот во зимски услови на јавните површини го врши јавно претпријатие за комунални услуги, основано од општината, општините во Градот Скопје и Градот Скопје.

„Општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје се должни да го исчистат снегот од јавните површини најдоцна во рок од 6 часа од почетокот на снежните врнежи. Во зимски услови при снежни врнежи сите сопственици, односно корисници на јавни објекти се должни веднаш да започнат со чистење на снегот на отворените простори пред јавните објекти, со што ќе се обезбеди непречен пристап до објектите“, се вели во Законот за јавна чистота.

akad 7

Глоба во износ од 1 000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правното лице сопственик, односно корисник на јавен објект ако не го исчисти снегот од отворениот простор пред јавниот објект. Глоба во износ од 4 000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице ако не обезбеди редовно и квалитетно одржување на јавната чистота и чистење на снегот на јавни површини во зимски услови. За овие прекршоци глоба во висина од 30 % од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице.

Во прописите на локалната самоуправа се вели дека за чистењето на снегот од тротоарите пред деловните објекти, за посипувањето на тротоарите со соодветен материјал во случај на голомразица, за чистењето на снегот од дворовите што припаѓаат на објектите, како и за чистењето на снегот од покривите, ако тоа претставува опасност за минувачите, се грижат претпријатијата, установите и другите правни и физички лица.

akad 4

„За чистење на снегот од тротоарите пред станбените објекти, за посипување на тротоарите со соодветен материјал во случај на голомразица, за чистењето на снегот од сопствените дворови, како и за чистење на снегот од покривите, ако тоа претставува опасност за минувачите или за самиот објект, се грижат сопствениците, односно закупците на објектите.