/Прочитано:

1.505

„Нестабилната политичка клима оневозможува демократска контрола и надзор над разузнувачките служби“ – МАГДАЛЕНА ЛЕМБОВСКА, истражувач за безбедносни прашања

Нестабилната политичка клима во последните неколку години, која резултираше со неколку последователни циклуси на предвремени избори, како и во услови на скандали за нелегални прислушувања, оневозможува развој и унапредување на парламентарните механизми за парламентарна контрола над разузнувачките служби, вели за Академик, Маглдалена Лембовска од тинк-тенк организацијата „Аналитика“, која веќе неколку години систематски работи на темата за надзор над разузнавачките служби и континуирано укажуваше на недостигот од ефективен и ефикасен надзор и контрола над разузнувачките служби како и на можните ризици од злоупотреби при отсуство на демократска контрола, притоа детално посветувајќи се на прашањата за управувањето со безбедносно-разузнувачките служби во Македонија, парламентарен финансиски надзор над разузнавачките служби и надзорот над следењето на комуникациите, за што има објавено и публикации и анализи.

 Отчетноста на институциите е една од најважните демократски вредности

Надзорот над секторот безбедност е една од стратешките определби на Програмата за безбедносни прашања на „Аналитика“. Како тинк-тенк организација секогаш се стремиме да дадеме конструктивен придонес кон дебатата за современите предизвици, да понудиме анализа и истражување, но и иновативни решенија упатени кон донесувачите на одлуки. Самата природа на работење на разузнавачките служби, па и генерално секторот безбедност, се карактеризира со исклучителна тајност во работењето, па со тоа е ограничен и пристапот до информации за пошироката јавност. Поради тоа невладиниот сектор има обврска да се ангажира на вака специфични теми, да ги држи актуелни и да се залага за промовирање на отчетноста на институциите како една од најважните демократски вредности“, вели Лембовска.

Дел од истражувањата се извршени во рамките на конзорциум на истражувачи од Западен Балкан

Таа посочува дека во досегашната работа покриле важни аспекти за надзорот над работата на полицијата, на разузнавачките служби и на вооружените сили, вклучувајќи интерни контроли, парламентарен надзор, надзор од страна на независните тела, како што се Државниот завод за ревизија и Омбудсманот итн.

„Дел од истражувањата се извршени во рамките на конзорциум на истражувачи од Западен Балкан како дел од регионален проект, а дел се фокусирани исклучиво во Македонија, а методолошкиот пристап вклучува анализа на правни акти и извештаи, собирање податоци преку користење на правото на пристап до информации од јавен карактер и нивна обработка, интервјуа со претставници на институциите и надворешни експерти, студиски посети во други земји итн“, појаснува Лембовска.

Македонија има воспоставено основна законска рамка за демократски надзор и за контрола над разузнавачките служби

Генерално Македонија, вели таа, има воспоставено основна законска рамка за демократски надзор и за контрола над разузнавачките служби, која е операционализирана преку работата на две парламентарни комисии.

„Законот за внатрешни работи и Законот за Агенцијата за разузнавање овозможуваат надзор од страна на Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, додека надзорот над следењето на комуникациите како посебна истражна мерка е предмет на работа на посебна парламентарна Комисија. Освен преку работата на специјализираните комисии, Собранието има на располагање и други механизми, како што се пратенички прашања, надзорни расправи, ад хок комисии итн. Сепак, поради специфичноста на работата на разузнавачките служби и поради фактот што најчесто се работи со класифицирани информации, приматот треба да им се даде на комисиските расправи пред пленарните седници“, објаснува Лембовска, која дадова дека и покрај ваквата законодавна поставеност, парламентарната контрола над разузнувачките служби е незабележителна.

Резултатите од работата на парламентарните комисии задолжени за надзор не се импресивни

„Ако се проучи работата на парламентарните комисии задолжени за надзор, за жал, резултатите не се импресивни. Особено во текот на последната година овие комисии не можат ни да се формираат поради отсуството на опозицијата од Парламентот, а токму опозицијата треба да ги заземе претседателските позиции. Но и низ годините кога Парламентот работел во својот полн капацитет, не се забележани некакви резултати од нивната работа. Се сретнуваат еднаш до двапати годишно, и тоа за да ги разгледуваат годишните извештаи на службите“, нагласува Лембовска.

Според неа, односот на разузнувачките служби кон парламентарните комисии е проблематичен.

Само случајот „Кампања“ ја раздвижила малку работата на Комисијата

„Единствено во 2012 год. се чинеше дека Комисијата за надзор над следењето на комуникациите станала поактивна бидејќи се ангажираше (иако безуспешно) за конкретен случај (случајот „Кампања“), а одржа и повеќе седници, кога се менуваше Законот за следење на комуникациите, на кои беа поканети надворешни експерти од невладиниот сектор и од академската заедница.

Проблематичен е односот на разузнувачките служби кон парламентарните комисии

„Но се чини дека таквите периоди на активност се повеќе резултат на личните заложби на претседателот или на членовите на комисијата отколку на некои воспоставени механизми и процедури за надзор. Од друга страна, пак, и односот на разузнавачките служби кон комисиите е проблематичен – извештаите за својата работа честопати им ги праќаат со големи задоцнувања, директорите на службите ретко или воопшто не доаѓаат на седниците на комисиите, а неретко сме слушале изјави од пратениците дека не добиваат доволно информации“, подвлекува таа, посочувајќи и дека законодавството е проблематично во тој контекст затоа што, како што вели, постои оскудност на одредби.

Потреба од прецизирање на легислативата и процедурата

Правната рамка за надзор над разузнавачките служби обезбедува основни услови за надзор. Одредбите можат да се најдат во неколку закони (Закон за внатрешни работи, Закон за Агенцијата за разузнавање и Закон за следење на комуникациите), но тие се многу оскудни во смисла на конкретни механизми што им стојат на располагање на парламентарните комисии. На пример, Законот за внатрешни работи предвидува дека УБК на барање на Собранието овозможува увид и ѝ ги дава на Комисијата потребните известувања и податоци. Сепак, недостасува поконкретна разработка што ќе одговори на прашањата: како се прави увидот, колкав е рокот за поднесување на бараните податоци, дали мора да биде Комисијата во полн состав за да го изврши увидот или за да формира работна група итн. Деловниците за работа на комисиите делумно регулираат некои од прашањата, но тука има уште доста простор за унапредување“, вели Лембовска.

Таа укажува дека не постои еден најдобар модел за надзор над разузнавачките служби. Објаснува дека различните држави се одлучиле за различни решенија во зависност од општествениот контекст и од конкретните специфики и потреби.

 Не постои еден најдобар модел за надзор над разузнавачките служби

„Моделите варираат од една или повеќе парламентарни комисии со различен степен на надлежност и овластувања (со или без истражна моќ, со мнозинство членови од опозицијата или од владејачката партија), посебни тела што работат со жалби од страна на граѓаните (во рамките на Парламентот или независни), експертски тела (случајот на Хрватска), силен Омбудсман со изречни овластувања во оваа проблематика (Србија, Естонија) итн. На пример, Македонија е една од ретките земји што има посебна Комисија за надзор над следењето на комуникациите и веројатно тоа е резултат на неколкуте афери во врска со прислушувањето што се појавиле од независноста до денес. Не е реткост државите да усвојат посебни закони за надзор над разузнавачките служби или, пак, над безбедносниот сектор, кои не само што попрецизно ја регулираат материјата, туку и праќаат јасна порака за важноста на спроведување на надзорот и на некој начин ги охрабруваат надзорните тела да ги користат механизмите што им се на располагање. Сепак, не е толку важна формата на надзорното тело колку што е важна неговата независност,  политичката волја и постоењето на дефинирана методологија за надзор што ефективно се спроведува во практиката“, посочува Лембовска, додавајќи дека надзорот над разузнувачките служби од страна на пратениците не треба да се сфати како привилегија, туку како обврска произлезена од мандадот.

Надзорот над разузнавачките служби не е привилегија, туку обврска

„Ако зборуваме за парламентарна контрола, пратениците најпрво треба да сфатат дека надзорот над разузнавачките служби не е привилегија за нив како членови на конкретните надзорни комисии, туку е обврска што произлегува од мандатот кој им е даден од граѓаните. Освен тоа, потребно е да се воспостави основна комуникација меѓу службите и Парламентот. Сепак, нестабилната политичка клима во последните неколку години, која резултираше со неколку последователни циклуси на предвремени избори, како и во услови на скандали за нелегални прислушувања, оневозможува развој и унапредување на парламентарните механизми“, вели Лембовска.

Таа заклучува дека овие прашања не треба ад хок да се анализираат затоа што заради комплексноста на тематиката потребен е континуитет во анализите, но и поширока дебата.

Неопходност од поширока дебата

„Во таа насока, сметам дека треба да се отвори една поширока дебата за алтернативни решенија за воспоставување ефективен надзор над службите“, подвлекува таа, објаснувајќи дека тоа мора да се направи и со инклузија на постојните независни тела.

Да се вклучи и Омбудсманот

„Тоа би можело да биде во рацете на некои од постојните независни тела (како на пример Омбудсманот), креирање нови експертски тела и слично, кои на среден рок би воспоставиле барем основна контрола и надзор над разузнавачките служби“, појаснува Лембовска, потенцирајќи дека ризиците од злоупотреби што ги носи тајната природа на работата на службите уште повеќе ја нагласуваат потребата од посериозен пристап кон темата.

 Милчо Велјаноски 14.02.2015