/ Прочитано:

860

Француски експерти се запознаа со македонскиот судски систем: Независноста на судиите секогаш актуелна тема

Четврток, 30 мај 2013 – Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска денеска одржа работен состанок со претставниците на Генералниот инспекторат за судски услуги на Франција Гвенола Жоли Коз и Жан Пол Базлер, како и со претставниците на Амбасадата на Франција во Македонија, Жан Ив Лавоар, советник за соработка и култура во Амбасадата на Франција и директор на Францускиот културен центар во Македонија и Емануел Паскал Галет, атеше за соработка во Амбасадата на Франција во Македонија, на кој беа презентирани заклучоците од  посетата на француските експерти на Академијата.

Како што соопшти Академијата за судии и јавни обвинители, во рамките на посетата била одржана и дводневна конференција посветена на гаранциите на независноста на судството каде претставнициите на Генералниот инспекторат за судски услуги на Франција имале можност да ги презентираат искуствата на Франција, но исто така и од страна на националните судии да бидат запознаени со судскиот систем на Македонија.

„На денешниот работен состанок, експертите изразија благодарност до Академијата и задоволство за укажаната можност да разменат практични искуства со колегите од Македонија. Според нив, и покрај разликите во правосудните систем на двете земји, судиите сепак ги делат истите проблеми во секојдневната работа и затоа ваквиот вид на соработка има огромно значење за посочување на позитивните практики со кои ќе се надминат проблемите кои ги делат сите судии во светот“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека експертите сметаат дека улогата на Академијата, а воедно и на Судскиот совет на Република Македонија е посебно важна во гарантирањето на независноста на судиите и во таа насока ја поддржаа напорната работата на две институции. Присуството на членовите на Судскиот совет на Република Македонија на вакви настани, се вели во соопштението, е многу значајно бидејќи на тој начин тие имаат директна можност од судиите да ги слушнат нивните размислувања и идеи.

„На состанокот беше прифатено дека независноста на судиите е актуелна тема која секогаш предизвикува активна дебата и интерес кај судиите, па оттука, беа разгледани можностите за продолжување на соработката во таа насока, при што ќе се организираат обуки во чии фокус ќе бидат темите поврзани со независноста на судството, етичкиот кодекс, но, исто така, и со теми кои ќе се однесуваат на влијанието на новата информатичка технологија врз профилот судија. Развојот на новата технологија и неговата влијание врз извршувањето на судската функција е проблем кој се појавува во сите развиени европски земји, а исклучок не е ниту Македонија“, се истакнува во соопштението.

На крајот од состанокот, експертите од Франција ги пренеле личните искуства од престојот во Македонија, но исто така и на своите колеги кои во рамките на македонско-француската соработка веќе престојувале во Македонија, при што истакнале дека судиите од Франција се спремни да одговорат позитивно на секоја соработка со Академијата за судии и јавни обвинители и да ги споделат своите практични искуства со колегите судии од Македонија.