/ Прочитано:

1.470

НОТАРСКАТА КОМОРА: Да се повлечат измените на Законот за нотаријатот, АДВОКАТСКАТА КОМОРА: Нотарите го злоупотребуваат политичкиот момент

Нотарите не отстапуваат од барањето за повлекување на измените во Законот за нотаријат со кои се воведува обврска за ангажирање адвокат при одредени постапки и склучување на акти пред нотар. Според претставници на Меѓународната унија на нотарите, кои денеска се обратија на прес-конференција организирана од Нотарската комора на РМ, законското решение ги прекршува основните принципи на латинскиот нотаријат и го става во прашање членството на Македонија во Меѓународната нотарска унија. Претседателот на Адвокатската комора на РМ, Никола Додевски, пак, остро реагира оценувајќи ја прес-конференцијата на Нотарската комора како злоупотреба на политичкиот момент во којшто се наоѓа државата со цел обнова на притисокот врз Владата во однос на Предлог-законот и заради одбрана на, како што вели, „енормниот  профит на нотарите којшто во најголем дел го остваруваат со одземање на работата на адвокатите“.

„Би можеле да се прекршат основните принципи на функционирањето на нотаријатот“

„Заклучивме дека овој предлог-закон би можел да претставува значителна закана за правилното функционирање на латинскиот нотаријат во Македонија. Исто така проценивме дека овој предлог-закон ги прекршува основните принципи на латинскиот нотаријат и на нашата организација. За таа цел одлучивме да направиме вонредна посета бидејќи утврдивме дека предлог-законскиот текст би преставувал единствен од овој тип во светот и со него би можеле да се прекршат основните принципи на функционирањето на нотаријатот“, истакна на прес-конференцијата Мишел Мерлоти, претседател на Комисијата за меѓународна нотарска соработка на Меѓународната унија на нотарите, чија улога, меѓу другото, како што беше објаснето, е следење на развојот на законската материја за нотаријатот во конкретната земја-членка. Меѓународната нотарска унија е невладина организација во која членуваат 86 земји од светот, од кои 22 земји-членки на Европската Унија и има за цел координирање и развивање на функцијата и работата на нотарите во целиот свет врз принципите на латинскиот нотаријат. Нотарската комора на Македонија е полноправна членка на Меѓународната нотарска унија уште од 2001 година.

Според претседателот на Комисијата за меѓународна нотарска соработка новините во Законот на нотаријат ќе ги зголемат трошоците за странките, а  сериозно ќе го стават во прашање и членството на Нотарска комора на РМ  во Меѓународната нотарска унија.

„Некој во Македонија добил идеја за одреден вид договори секоја странка задолжително да биде придружувана од страна на адвокат при склучувањето на актите пред нотар. Сега замислете, наместо да постои само еден правник специјалист кој ќе посредува меѓу странките, што всушност претставува нотарот, да постојат за секој број странки и толкав број адвокати. Ако има две странки, да има двајца адвокати плус нотарот, ако има повеќе странки, да има повеќе адвокати плус нотарот. Со ова ќе се изврши инфлација на непотребни законски можности коишто им се даваат на граѓаните и ќе се зголемат и трошоците за нив“, рече Мерлоти.

„Тоа ќе значи дека на секој документ освен печатот на нотарот ќе треба да стојат и печатот и потписот на адвокатот, меѓутоа адвокатите немаат јавни овластувања, за разлика од нотарите коишто имаат делегирани јавни овластувања од страна на државата, па затоа печатот и потписот на адвокатот имаат секогаш пониска вредност отколку оние на нотарот“, додаде тој.

Пулејкова: Ќе се зголемат трошоците за странките

Претседателката на Нотарската комора на РМ, Зорица Пулејкова, појасни дека законското решение моментно се наоѓа во владина процедура. Таа истакна дека доколку се  донесе законот, нотарите ќе го применуваат најдобро што можат, но дека нивниот став е дека ќе има многу сериозни проблеми во примената на одредбите. Пулејкова е категорична дека ќе се зголемат трошоците за странките.

„Сигурни сме дека ќе бидат зголемени трошоците за странките бидејќи се предвидува задолжително учество на адвокат за сите правни дела над 10.000, односно над 20.000 евра.  Преддговорот за купопродажба на недвижности или подвижн ствари, доколку се бара заверка кај нотар, која чини 100 денари, значи доколку се две страни – 200 денари и 100 денари судска такса, значи 300 денари е целосна заверка на еден преддоговор во еден примерок. Имајќи го предвид ова, не гледам како, доколку треба тој преддоговор да биде составен од адвокат, да бидат присутни адвокати на двете страни, на кој начин  во тие 100 денари, кои нотарот ги наплаќа за заверка, би можело да се содржат сите трошоци што би ги имале странките при заверката на ваквиот документ“, истакна Пулејкова.

Делегацијата на Меѓународната нотарска унија за време на дводневната вонредна посета на Македонија, како што беше посочено, вчера имала средби со претставници на Сојузот на стопански комори, на Врховниот суд на РМ, со вицепремиерот за европски прашања, а денеска ќе има средба со претставници од Законодавно-правната комисија при Собранието на РМ и со заменик-министерката за правда, Билјана Бришковска-Бошковски.

За време на престојот во Македонија делегацијата извршила инспекција во две нотарски канцеларии во Тетово и во Скопје, при што заклучиле дека нотарите во своето секојдневно работење своите задолженија ги извршуваат на највисоко професионално ниво.

„Oваа година ќе одиме да извршиме процена на состојбите на нотаријатот во Србија затоа што Србија ни испрати барање за прием“, рече Мерлоти.

Додевски: Измислени се оправдувањата дека овој закон ќе ги зголеми трошоците за граѓаните

Ваквите изнесени тврдења на денешната прес-конференција наидуваат на остра критика од страна на Адвокатската комора, од каде истакнуваат дека законските измени се во интерес на граѓаните, а оправдувањата дека овој закон ќе ги зголеми трошоците за граѓаните се измислици. Претседателот на Адвокатската комора на РМ (АКРМ), Никола Додевски, нагласува дека сериозно треба да се размисли и за системот на нотаријат, во кој нотарите, под флоскула повереници на државата, стануваат, како што вели, судии со судска надлежност вон системот за избор на судии.

Постапката на Нотарската комора на Република Македонија, да го обнови притисокот врз Владата во однос на предлог-законот за нотаријат, ја оценувам како злоупотреба на политичкиот момент во којшто се наоѓа државата и како одбрана на сопствениот загрозен енормен профит, кој во најголем дел го остваруваат нотарите со одземање на работата на адвокатите, да повикува претставници на непрофитно здружение на нотари – Меѓународната нотарска унија, какви што има здруженија на нотари, но и на адвокати во кои се членува доброволно и со високи членарини, во Европа и во светот“, вели  Додевски.

Изјавите на делегацијата на Меѓународната унија на нотарите, изнесени на прес-конференција, кои се однесуваат на измените на Законот за нотаријат, според Додевски, не се точни.

„Очигледно е дека тие воопшто и го немаат погледнато предлог-законот и не ги знаат конкретните решенија затоа што се неточни изјавите дека во постапките за заверки на приватните исправи-солемнизации законот предвидува учество на адвокати. Законот само предвидува тие исправи над одредена вредност задолжително да бидат составувани од адвокати што се единствено стручни и овластени за состав на приватните исправи како дел од давањето правна помош. Причина за тоа е пред сè правната сигурност на граѓаните, но и масовната појава истите неовластено да ги составуваат нотарите, а потоа и да ги заверуваат. Печатот на нотарот ставен на приватна исправа незаконски и неовластено, со одземање на правото на адвокатите предвидено во Уставот и во Законот за адвокатура, не само што е послаб од адвокатскиот, туку е и криминален“, тврди тој.

Првиот човек на АКРМ како измислици ги квалификува наводите дека со законските измени ќе се зголемат трошоците за странките.

„Измислени се оправдувањата дека овој закон ќе ги зголемел трошоците за граѓаните бидејќи во него експлицитно е наведено дека трошоците што досега се плаќаа на нотарите ќе се делат меѓу нотарот и адвокатот, и тоа е главната болка поради која нотарите ги повикуваат своите непрофитни здруженија и нивните претставниците да бараат прием и со тоа да се обидуваат да вршат влијание врз претставниците на власта заради притисок за измена на одредено законско решение. Се прашувам дали во државите од коишто доаѓаат, Германија и Швајцарија, би си дале таква храброст или само би си ја вршеле писарската работа за која се овластени. Дали на овие претставници им е познато дека токму овој предлог на закон беше заеднички предлог на Нотарската и на Адвокатската комора на Република Македонија сè до моментот кога се внесе одредбата дека трошоците ќе се делат меѓу нотарот и адвокатот“, вели Додевски.

„Во Германија 7.500 адвокати се тие што ја вршат нотарската работа како своја споредна дејност“

„По однос на изјавите за предоминантноста на таканаречениот латински нотаријат и слично, ги оценувам како строго наменски во функција на одбрана на профитот на македонските нотари бидејќи, на пример, во Германија, од каде што е еден од претставниците на непрофитната организација повикан да врши посети на нотарските канцеларии во половина од државата, 7.500 адвокати се тие што ја вршат нотарската работа како своја споредна дејност“, вели претседателот на АКРМ.

Според Додевски, во Македонија е потребна либерализација на бројот на нотарите.

„Очигледна е потребата од либерализација на бројот на нотарите и со тоа укинување на монополот и на сите материјални бенефиции  на мала група правници кои се стекнале со привилегијата да бидат именувани, па тогаш  квалитетот ќе ја диктира и нивната позиција на пазарот. Сериозно треба да се размисли и за системот на нотаријат, во кој нотарите, под флоскула повереници на државата, стануваат судии со судска надлежност вон системот за избор на судии, а стануваат и вонсистемски адвокати. Состав на нотарски акт, кој има апсолутно идентична правна важност со солемнизација, е само начин за преземање на составот на приватни исправи од адвокатите“, смета тој.

Kако фрапантно го оценува објаснувањето дека претставниците на Унијата вршеле посети на нотарски канцеларии.

„Тоа се канцеларии на службеници именувани од државата и сè во тие канцеларии е деловна тајна, а посети и контроли може да врши само Министерството за правда. Секоја друга посета од кого  било е без законска основа. Се прашувам дали ќе посетат и нотарски канцеларии во коишто јавна тајна е дека можете да заверите документ од лица коишто се повеќе години во кома или се починати пред повеќе години, во кои договор за еден ист стан се заверува со различни купувачи по неколку пати и канцеларии во кои нотарите неовластено и скришно составуваат приватни исправи, иако тоа е исклучива надлежност на адвокатите. Ова се појави коишто ги прекршуваат законите и принципите на кој било нотаријат, па и таканаречениот латински, што при ваквите посети се продава како нешто унифицирано, а всушност е различен во сите држави каде што се применува, а во поголем дел од светот не постои. За жал, во Македонија се успеа да се воведе нотаријат од таканаречен латински модел, којшто е конфузија нотарска, судска и адвокатска дејност . Во Србија врз основа на штрајкот на адвокатите се измени Законот за нотаријат и нотарите вршат само солемнизации-заверка на приватни исправи кои ги составуваат адвокатите, со други зборови, не им успеа да го продадат латинскиот нотаријат и во Србија. Инаку обидите да се продаде сличен систем на нотаријат, како што успеа во Македонија, не успеа ниту во Хрватска, ниту во Словенија, а да не зборуваме за држави како Велика Британија каде што нотари не постојат, или за европски држави во кои адвокатите ги вршат јавните овластувања или, на пример, Финска во која нотарите не составуваат ни договори ни акти“, потцртува Додевски.

„Итно да се деблокира процесот на донесување на Законот за нотаријатот“ – МЕРЏАН ДАУТИ, член на Управниот одбор на Адвокатската комора

РЕЗОЛУЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА САМОСТОЈНОСТА И НЕЗАВИСНОСТА НА АДВОКАТУРАТА како еден од условите за остварување на владеењето на правото

БАЛКАНСКИТЕ АДВОКАТИ СОЛИДАРНИ: Донесоа Резолуција за заштита и поддршка на српската адвокатура – аплауз за македонскиот претставник

НИКОЛА ДОДЕВСКИ: „Нотаријатот зазема улога која не му припаѓа и агресивно презема многу повеќе“

Интегрален текст на писмото од Даниел Седар Сенгор, претседател на Меѓународната унија на нотаријати до премиерот Груевски и министерот Јашари

ЗОРИЦА ПУЛЕЈКОВА: „Ние не сме во судир со адвокатите – најавените законски измени се во судир со принципите на латинскиот нотаријат“

 ЕП / МВ  akademik@akademik.mk 21.5.2015