/ Прочитано:

996

Нови детали од најголемата корупциска афера во Хрватска: Обвинети 500 лекари, пад на фармацевската компанија Фармал“

Вторник, 13 ноември 2012 – Во најголемата корупциска афера во историјата на Хрватска, за земање мито обвинети се 500 лекари. Фармацевската компанија „Фармал“ трошела 14 милиони куни на годишно ниво за да ги потплати лекарите да препишуваат нивни лекови. Во акцијата „Хипократ“ уапсени се 26 вработени и стручни соработници на „Фармал“, 49 лекари и една лекарка. Хрватските медиуми пишуваат како компанијата 20 години се развивала и профитирала преку коруптивен ланец меѓу матични лекари и вработени во „Фармал“.

Фармацевската компанија „Фармал“, Лудбрег, општина Вараждин

Последната акција на Одделението за сузбивање на криминал и корупција (УСКОК) ги сруши нивните рекорди откако од вчера обвинети се 500 лекари и целата Управа на фармацевската компанија „Фармал“. Хрватската јавност ваква акција на толку голем број инволвирани во криминална организација не памети уште од 2008 година, кога во полициската акција именувана „Индекс“ беа приведени 95 професори, студенти и посредници од Економскиот и Сообраќајниот факултет во Загреб,  под сомнение дека продавале и купувале испити. Тогаш се верувало дека таква бројка не може да се повтори.

Поради големиот број на приведени сепак нема да бидат затворени ординациите на општите лекари туку ќе ги заменуваат нивните колеги, изјавил вчера министерот за здравство Рајко Остојиќ.

„Основав кризен штаб, сите управници на клиничките центри имаат задача да ги пополнат местата на приведените колеги и на нивни место да дојдат лица кои чесно и професионално си ја работат работата“, изјави Остојиќ.

Министерот најавил и дека на сите лекари кои ќе се докаже дека земале пари за да препишуваат лекови, Хрватската комора на лекари ќе им ја одземе лиценцата бидејќи процедурата во вакви случаи била многу јасна.

Од гуми за возила до мебел и патувања, лекарите можеле да побараат што сакаат

Фармацевската компанија повеќе од деценија функционирала според систем во кој на годишно ниво се одвојувале средства наменети за лекарите. На тој начин од година во година профитот растел, а се ширела мрежата на инволвирани лекари. Неколку пати годишно лекарите биле дарувани и со скапи патувања на различни семинари, но им се финансирале и нивните приватни патувања кога со нив биле и нивните семејства. Третиот облик на мито биле таканаречените акции на лекови, во кои продажбата на лекови била со истечени рокови на траење.

Сите лекари од компанијата можеле да побараат што сакаат, од гуми за возила, преку телевизори, мебел до приватни патувања. Секогаш митото се исплаќало во куни, но од ова лето праксата се сменила, па парите биле претворени во евра.

Според истрага на УСКОК коруптивниот ланец вклучува околу 500 лекари, секој од нив просечно примал по 2000 куни месечно, преку пресметките се утврдило „Фармал“ на годишно ниво трошела 14 милиони куни. Но, најстрашно од се, е тоа што пациентите не се сигурни дали го примиле потребниот лек или пак им бил препишан лек со поминат рок.

Во документацијата до која дошле хрватските медиуми се запишани патувања на лекари во Њујорк, Јордан, како и сумите кои им се плаќале, а за возврат ги препишувале лековите Скоприл, Аципан, Зипантол. Истрагата покажала дека на телефоните на лекарите имало СМС пораки кои ги праќаат до вработените во „Фармал“ и ги известуваат дека ја исполниле договорената квота, па потоа од нив барале пари и подароци. Примопредавањето се случувало во кафулиња или во ординациите на лекарите.

10 % од општите лекари инволвирани во „Хипократ“

Фактот дека 10 проценти од сите општи лекари во Хрватска се инволвирани во оваа најголема корупциска афера говори за размерите на корупцијата во земјата. Според најновите информации лекарите препишувале 50 лекови на „Фармал“, затоа земале пари, а лековите биле на листата на хрватскиот Завод за здравствено осигрување, па освен оштетени пациенти, оштетен е и буџетот на Заводот за здравствено осигурување.

Компанијата од минатата година е во сопственост на германската компанија „Дермафарм“, но системот на функционирање останал ист како и пред да дојдат Германците. Имале ниски цени на лекови, а најмногу лекарите препишувале лекови за висок притисок или за снижување на масти во крвта. Општите лекари понекогаш на пациентите дури им ја менувале терапијата препишана од лекарите специјалисти само за да ги купуваат лековите на „Фармал.

Профитот на „Фармал“ секоја година се повеќе растел

Во 2012 година компанијата остварила бруто профит од 110 милиони куни, од нив 4 милиони нето профит. Компанијата имала 106 вработени, а просечна плата им била 4.000 куни, од 2011 година платита им е зголемена на 5.500 куни. Метеорскиот раст на платите се должел поради зголемената продажба на лекови кои се наоѓале на листата на Заводот за здравствено осигурување.