/ Прочитано:

1.306

Хјуман Рајтс Воч: Нови докази во врска со убиството на Гадафи

Среда, 17 октомври 2012 – Нови докази во врска со убиството на соборениот либиски диктатор Моамер Гадафи и убиствата на десетици негови приврзаници покренуваат прашања околу околностите на неговата смрт, соопштува Меѓународната организација за заштита на човековите права, „Хјуман Рајтс Воч“.

Под наслов „Смрт за диктаторот: крвави одмазди во Сирт“, во извештајот од  50-страници што „Хјуман Рајтс Воч“ веќе и го предале на преодната либиска власт, објавени се детали од  последните часови на Гадафи и околностите на неговата смрт, смртта на неговиот син и на членовите на неговиот конвој, врз основа на сведоштва и фотографии направени со мобилен телефон.

>> Видео во кое се презентирани доказите на „Хјуман Рајтс Воч“

„Резултатите од нашата истрага покренуваат прашања околу извештајот на властите дека Моамер Гадафи бил убиен во престрелка, а не по апсењето. Доказите покажуваат дека 66 припадници на неговиот конвој се егзекутирани. “, тврди Питер Бокаерт, директор за итни случаи во „Хјуман Рајтс Воч“, посочувајќи дека и рацете им биле врзани позади грб.

Меѓу најмоќните докази е видео клипот снимен со мобилен телефон од страна на бунтовниците, каде се гледа дека голема група од заробените членови на конвојот на Гадафи биле малтретирани. „Хјуман Рајтс Воч“ користеле  фотографии од болничката мртвачница со цел да потврдат дека најмалку 17 од заробените кои се забележани на видео клипот од телефонот биле подоцна погубени во хотелот Махари.

„Според законите и обичаите за водење војна, убиство на заробени борци е воено злосторство и либиските воени и цивилни власти имаат обврска да го истражат ова и други прекршувањa на меѓународното право. Од она што го знаеме, власта се уште нема испратено ниту еден инспектор во Сирт“, вели Бокаерт.

Според верзијата на либиските преодни власти, Гадафи е убиен во престрелка во моментот на апсењето што се случи на 20 октомври 2011 година, во неговиот роден град Сирт. 

>> Извештајот можете да го проследите тука.