/ Прочитано:

2.376

Нови надлежности за нотарите во делот на наследувањето — открива претседателката на НКРМ, Зорица Пулејкова

Нотарите ќе добијат нови надлежности, освен министерот за правда, Блерим Беџети, ова го потврдува и претседателката на Нотарската комора на РМ (НКРМ), Зорица Пулејкова, која сосема малку откри за новиот Закон за нотаријат што се очекува да биде донесен во текот на оваа година. Од досега познатото, според новите законски рамки во делот на наследувањето се очекува да се воведат нови институти, како што се: предбрачен и брачен договор, договор за наследување, a најверојатно во некои од тие институти и нотарите ќе добијат нови надлежности. „Повеќе се памети она што е негативно, отколку позитивното“, коментира Пулејкова како контрааргумент на дошепнувањата во стручната јавност дека нотарите добиле премногу надлежности, со цел да се растоварат судовите. Со измените на Законот за вонпарнична постапка, платните налози и оставинските постапки преминаа кај нотарите, а со новиот Закон за катастар на недвижности, нотаријатот има овластување да издава имотни листови. Сепак, претседателката на Комората се сеќава како ходниците во судовите биле преполни, а судските такси не биле ништо пониски од оние предвидени со нотарскиот Тарифник. 

Министерот Блерим Беџети најави дека во подготовка е донесување на нов Закон за нотаријатот, кој треба да го замени постојниот од 2007 година, а во кој ќе бидат вградени многубројните јавни овластувања кои им се дадени на нотарите. Имате ли сознанија ли за какви овластувања станува збор?

Не би знаела кои се точно новите овластувања, но според кодификацијата на граѓанско право што е во тек, се очекува да се воведат нови институти  во делот кај наследувањето, како на пример: предбрачен и брачен договор, договор за наследување и најверојатно во некои од тие институти и ние ќе добиеме нови надлежности. Дефинитивно, тие работи не се спорни и не би требало да одат кај судот. Законот моментно е сѐ уште во Министерството за правда , сѐ уште  не е почната јавна расправа.

Неретко се слушаат критики во врска со Тарифникот на нотарите. Пред повеќе од една година имаше намалување, односно секоја услуга беше намалена за 25 отсто; најниската цена на една услуга е околу 800 денари. Дали има промени оттогаш-наваму?

Последната промена е од август 2012 година, меѓутоа нема никакво зголемување на тарифата во однос на 2011 кога беше намалена за 20 %. Со измените се опфатија новите надлежности, во претходната измена  не беше тарифирана оставинската постапка, не беше тарифирано донесувањето решенија за извршување. Освен тоа, тарифата е донесена според новиот закон каде министерот ја определува тарифата, а Комората дава согласнот. Претходно Комората ја изготвуваше и ја носеше, а министерот даваше согласност. Сосема се сврте работата, министерот е тој што кажува каква ќе биде тарифата.

Оставински постапки и платните налози се дел од досегашните проширени овластувања на нотаријатот. Во потрага по решение за растоварувањето на судовите се добива впечаток дека сите институции што се пренатрупани, нивните надлежности, ви се префрлаат токму вам, на нотарите. Како гледате на новонастанатата ситуација?

 Не се работи за „сѐ она со кое не може да се справат“, некои работи што се во надлежност на судот дали може или не може да се справат си е нивни проблем, меѓутоа таков е нотаријатот во цела Европа, па и во светски рамки. Земјите кои го имаат прифатено латинскиот вид нотаријат, каде што нотарите се професионалци, стручњаци со правен факултет и дополнителна едукација, за разлика од аглосанксонското право каде не се создава ваков нотаријат, таму нотар може да биде обичен службеник во банка, не мора ниту правник да се биде. Меѓутоа континенталното право кое е темел на латинскиот нотаријат, сите овие надлежности, сите односи граѓански каде не се спорни, каде постои волја од двете страни и каде државата смета дека таа треба да го каже последниот збор, насекаде е исто, се е во надлежностите на нотарите. Ние сме јавни служби прифатени во Германија, Австрија, Франција, ништо ново немаме ние измислено. Но, идејата е да се растеретат судовите од она што не е работа на судот. Судот треба да работи онаму каде има конфликт, спор помеѓу странките. Таму каде сите се согласуваат дека треба така да се уреди каде не е потребна дополнителна согласнот од државата се оди кај нотар.

Од неодамна имате овластувања за да издавате имотни листови. Како изгледа тоа во практиката?

Со новиот Закон за катастар на недвижности имаме надлежност самите да издаваме имотен лист, се очекува гужвите на шалтерите во Катастар да се намалат. Порано така беше  и со ходниците на судовите, кога се се одвиваше сѐ во судовите, а и судските такси кои тогаш се плаќаа не беа ништо поевтини од нашиот Тарифник. Меѓутоа знаете како е, очигледно повеќе се памети она што е негативно отколку позитивно.

Во јавноста циркулираат информации дека нотарите самите изготвуваат купопродажни договори спротивно од нивните овластувања, наместо само да ги заверуваат? На кој начин вие, како Комора, ја контролирате ситуацијата на теренот?

Не е дозволено нотарот да составува, тој смее само да ја потврди исправата или да ја изготви во форма на нотарски акт. Доколку граѓани и адвокати, имаат такви сознанија, треба да дојдат и да пријават во Комората каде постои дисциплински совет и во секој случај таквиот нотар ќе биде санкциониран. За овие 2 години, откако сум претседател нема ниту една претставка во овој правец во кој се зборувате, се зборува но, никој не пишува, ниту прикажува такво нешто. Нека ни кажат конкретен случај, па ние ќе постапиме.

Денешниот нотаријат брои 176 нотари низ Републикава. Колку е задоволителна оваа бројка?

Овој број е реален и задоволителен. Нема поплаки дека нотарите бавно постапуваат, меѓутоа министерот цени дали има потреба од зголемување или намалување на бројот на нотарите. Не само во Скопје: во малите места има и по двајца нотари, а таму нема работа ниту за еден, како на пример Дебар, Кичево, Виница.


Разговараше: Паула Божиновски

Објавено: 04.04.2013