Новинарите утре на протест за притворот на Кежаровски
Четврток, 30 мај 2013 – Утре во 12 часот пред Oсновниот суд Скопје 1 ќе се одржи протест на новинарите поради притворањето на новинарот Томислав Кежаровски.
„Начинот на кој колегата Кежаровски е приведен со демонстрација на сила и пред неговите малолетни деца во ситуација кога тој ниту бегал ниту давал отпор и уште повеќе изречената мерка притвор од 30 дена е скандалозна и претставува директен напад не само врз колегата Кежаровски, туку врз слободното новинарство и јавниот говор во земјава. Бараме надлежните итно да ги одговорат овие прашања и да ја повлечат изречената мерка притвор за Томислав Кежаровски“, се наведува во поканата за протестот.
Кежаровски беше уапсен завчера и му беше одреден притвор од 30 дена. Тој е осомничен дека во 2008 година, како новинар во „Репортер 92“, во јавноста изнел информации и податоци за заштитен сведок, со што го прекршил Законот за заштита на сведоци.