/ Прочитано:

865

Новини во европскиот дигитален пазар

Фото: Марвин Мејер (Marvin Meyer), Ансплаш (Unsplash)

Заради Актот за дигитални пазари донесен од ЕУ, по цели 16 години функционирање, Епл (Apple) е приморан да го отвори својот екосистем за мобилни уреди на територијата на Европската Унија, односно да дозволи превземање на апликации за Ајфон и Ајпед од трети страни, како и да дозволи трети страни да извршуваат плаќања преку апликации наменети за Епл мобилните уреди, нешто што досега беше строго регулирано и возможно само преку Еп Стор (App Store).

Со нејзиното воведување во 2008 година, Еп Стор беше единствената платформа која овозможуваше превземање апликации наменети за Ајфон и Ајпед мобилните уреди на Епл. Со ваквата одлука, Епл создаде еден екосистем преку кој гарантираше ефикасност и безбедност на апликациите, но, употребувајќи ја својата моќ и успех на пазарот, се етаблираше и како монопол во поглед на развојот и дистрибуцијата на апликации за нивните уреди. Истото важеше и за процесорот за плаќање на Епл. Сите плаќања за и во апликациите се одвиваа преку процесорот за плаќање на Епл, а платформата задржуваше 30 проценти како надомест за оваа услуга.

Со стапување на сила на Актот за дигитални пазари, донесен од страна на Европската Унија, Епл е приморан да го смени овој модел на работа, на начин што ќе овозможи симнување апликации на нивните мобилни уреди од трети страни, како и воведување на други процесори за плаќање, по избор на создавачите на апликациите.

Што подразбира Актот за дигитални пазари?

Актот за дигитални пазари има за цел да го „ослободи“ дигиталниот пазар, односно да ги намали границите за влез на пазарот кои се поставени од таканаречени „чувари на портите“ (gatekeepers, или „контролори на влезот“). Овој акт ги дефинира „чуварите“ како фирми кои се занимаваат со онлајн услуги за посредување, онлајн пребарувачи, онлајн социјални мрежи, платформи за споделување видеа, услуги за меѓусебна комуникација независна од телефонски број, оперативни системи, веб прелистувачи, виртуелни асистенти, клауд услуги и услуги за онлајн рекламирање. Понатаму, за една фирма да се смета за „чувар“, таа треба да ги исполнува следните услови: да има значително влијание врз пазарот, гореспоменатите услуги кои ги нуди да се важна порта за пристапување до крајните корисници од страна на трети фирми и да ужива цврста и континуирана улога на пазарот или да се предвидува ваква позиција во блиска иднина. Актот ги дополнува овие услови со тоа што предвидува дека за „чувар“ ќе се смета фирма која има годишен приход од 7,5 милијарди евра во последните 3 фискални години на територијата на Унијата, има вредност од 75 милијарди евра во последната фискална година, ги нуди истите гореспоменати услуги во најмалку три земји-членки и во последната фискална година да има минимум 45 милиони активни корисници и најмалку 10.000 активни бизнис корисници на својата платформа, на територијата на Европската Унија.

Што значи ова за чуварите, а што за останатите фирми?

Чуварите мора да овозможат комуникација помеѓу нивните услуги и производи и трети страни, како што е примерот со Епл и нивниот модел на Еп Стор. Чуварите мора да дозволат трети страни да имаат пристап до информациите кои ги генерираат преку платформите на чуварите, и, исто така, мора да дозволат пристап до информации кои се важни за фирмите кои се рекламираат преку платформите на чуварите со цел да можат самите да ја анализираат ефективноста на рекламирањето преку овие платформи. Ова е особено важно за платформи како Гугл и Мета, кои функционираат врз основа на приход од рекламирање на трети страни преку платформите кои ги поседуваат (Гугл пребарувачот, Јутуб, Фејсбук, Инстаграм и др.). Најважна промена која е воведена со овој Акт е обврската на чуварите да дозволат другите фирми да ги промовираат своите производи и услуги, како и да склучуваат договори со нивните корисници надвор од платформите на чуварите. Како пример, досега Епл не дозволуваше плаќањата на апликациите кои биле превземени на Еп Стор да се вршат со помош на трети процесори за наплата и за оваа услуга тие задржуваа 30% од приходот на апликациите. Заради ова, многу фирми (помеѓу кои и Спотифај и Нетфликс), не дозволуваа корисниците да се претплатуваат на нивните услуги преку соодветната апликација, туку тоа мораше да се изврши директно на нивната веб-страница. По донесување на Актот за дигитални пазари, овие фирми, во своите апликации, ќе можат да воведат свои процесори за плаќања или линкови до нивните веб-страници за да се изврши плаќањето.

Покрај овие промени, Актот ги ограничува чуварите во фаворизирањето на своите услуги и производи пред услугите и производите на другите фирми. На пример, Јутуб е популарна платформа за споделување видеа која е во сопственост на Гугл. Несомнено, доколку пребараме „платформа за споделување видеа“ на Гугл пребарувачот, ќе го добиеме Јутуб како прв резултат, иако можеби оваа платформа не е најдобро рангирана, најпопуларна во моментов или најрелевантна за нашето пребарување. По воведување на одредбите на Актот, оваа пракса, како и многу други вакви примери, ќе се искоренат.

Најпосле, Актот за дигиталните пазари носи промени и во поглед на информациите и личните податоци на корисниците кои се споделуваат помеѓу различни платформи, дури и во случај кога платформите имаат иста фирма сопственик. Имено, чуварите повеќе нема да смеат да споделуваат информации кои ги прибираат од корисниците, помеѓу своите платформи, со цел подобрување на ефикасноста на рекламите, без претходна согласност од самите корисници.

Повеќето фирми-чувари веќе ги менуваат навиките, во согласност со Актот за дигитални пазари. Па така, Епл на својата веб-страница нуди изменети услови за поставување на апликации на Еп Стор, но сепак не се откажува целосно од својот надомест (иако е значително намален и претпоставува плаќања само за високо успешни апликации). Ова се смета за сериозна промена и чекор напред кон исполнување на целите на Актот, затоа што Епл се препознатливи по својот затворен екосистем и тенденција да не делат од колачот кога станува збор за нивните услуги.

Во секој случај, европскиот пазар бележи околу 450 милиони корисници и се смета за многу важен од аспект на политиките на фунцкионирање на најголемите дигитални платформи, затоа што голем број земји брзо ги прифаќаат правилата кои најпрво биле поставени во Европската Унија или едноставно, најголемите платформи ги прифаќаат и ги имплементираат во сите земји во кои ги нудат нивните услуги заради поголема економска исплатливост. Од тие причини, останува да видиме како ќе се приспособат овие фирми на промените во нивните модели на работа и дали тоа навистина ќе биде во полза на помалите „играчи“ и навистина ќе доведе до фер дигитален пазар.

 

Автор: Никола Димитров