/ Прочитано:

2.897

Обуката на АКАДЕМИК од областа на банкарството и осигурувањето го собра финансискиот свет на едно место

Четврток, 11 април 2013 – АКАДЕМИК реализираше уште една успешна обука, овојпат на значајни теми од областа на бакарството и осигурувањето: „Најнови измени во Законот за банки“ и „Закон за супервизија на осигурување“. Својствено за обуките на АКАДЕМИК, збор зедоа врвни обучувачи од конкретното поле. Македонска банка за подршка на развојот, Алфа банка, Халк банка, Стопанска банка АД – Скопје, Шпаркасе банка, НЛБ Тутунска банка АД – Скопје, Охридска банка, Еуростандард банка, штедилница Фулм, штедилница Баваг, штедилница Можности, штедилница Алкоса – Штип, Kроациа осигурување, Сава осигурување, Уника осигурување, Винер осигурување, Албсиг осигурување, Триглав осигурување, Инсиг осигурување – обуката го собра финансискиот свет на едно место. 

Запознавајќи ги присутните со најновите измени на Законот за банки кои стапија сила пред крајот на февруари, обуката ја отвори генералниот директор на Секторот за супервизија, банкарска регулатива и финансиска стабилност при НБРМ, Милица Арнаудова-Стојановска.

„Со измените и дополнувањата на Законот за банките се пристапи кон натамошно усогласување на домашното законодавство со европското законодавство, се отстранија одредени недостатоци кои беа идентификувани низ практичната примена на Законот, а воедно дополнително се зајакнаа инструментите на банкарската супервизија. Посебен фокус во презентацијата беше ставен на одредени измени кои имаат влијание врз работењето на баките, како што беше усогласување на дозволите за основање на работа на банките и нивните статути. Исто така, беше укажано на одредбите од Законот за банките кои се во насока на зајакнување на критериумите кои треба да ги исполнува акционер на банка со квалификувано учество во банка, член на управен одбор или надзорен одбор на банка. Посебен дел од презентацијата беше посветен и на можностите за преобразба на штедилниците во финансиско друштво или во банка, на постапката и посебно на документацијата која треба да се достави до Народна банка за добивање согласност за преобразба на штедилница во финансиско друштво“, вели Арнаудова-Стојановска.

М-р Коста Спасески,  раководител на Одделението за вонтеренска супервизија,  и Ана Ѓуроска, помлад соработник во Одделението за теренска супервизија при Агенција за супервизија на осигурување, во вториот дел од обуката се осврнаа на Законот за супервизија и осигурување, со посебен акцент на: осигурителните понуди, контрола врз ризиците поврзани со осигурувањето, вондреден надзор во осигурувањето, исплата на штети, правила и најдобри практики. 

„Ги претставивме главните предзивици на пазарот на осигурување,  проблемите со кои се соочува овој пазар во денешни услови. Покрај тоа што беа идентификувани неколку од тие клучни проблеми, дадовме и поединечно излагање за нив и тоа за „солвентност 2“, односно идната имплементација, заштитата на потрошувачите и моделирање на цените на осигурување. Ова се актуелни теми за кои во моментов се соочуваме со одделни тешкотии, а целта на обуката е да се идентификуваат тешкотиите и начините на кои тие би се надминале во иднина. Се работи за стратегии кои секоја компанија треба да ги примени во своето работење и да креира свои врз основа на овие базични што би ги дал регулаторот како предлог“, укажува Ѓуроска

Задоволни од практичната обука на АКАДЕМИК, присутните со порака за понатамошна организација на вакви обуки. 

– „Како претставник на банка, сметам дека обуката беше многу полезна, а искуствата можеме да ги пренесеме на нашите колеги. Добро е што слушнавме од оние што веќе го подготвувале Законот за банките и од тимот кој работел на овој закон кои биле целите за да се направат вакви промени, односно слабостите со кои сме се соочувале во изминатиот период. За поздравување е, и се надевам дека сето она што е во полза на подобро работење на банкарските институции и воопшто финансиските институции ќе биде и во иднина приоритет на Академик.“- Александар Давчевски, раководител на спорни пласмани во Еуростандард банка.

– „Обуката беше навистина целисходна, особено поради тоа што обучувачите беа тие кои учествуваа во изработување на измените на Законот за банките. Особено значајни, бидејќи секогаш кога комерцијалните банки треба да учествуваат во практичната примена на овој закон мора да го имаат на ум и она на кое што целеле создавачите, а секако дека НБРМ  е еден од создавачите.  Сметам дека има место за подобрување на овој закон, меѓутоа со понатамошната работа и на комерцијалните банки и на НБРМ можеме да дојдеме до уште поголемо усовршување.“ – Кристина Спировска, референт за правни работи во Халк банка.

– „Многу сум задоволна од обуката првенствено што станува збор за прашање кое многу актуелно за банките и штедилниците, а предавачот се осврна на преобразбата на штедилниците. Единствено можам да апелирам и понатаму да се организираат вакви обуки бидејќи тоа ќе ги доближи и двете заинтересирани страни, во случајов НБРМ на едната страна и банките и штедилниците на другата.“ – Елеонора Згоњанин-Петровиќ, директор на штедилница ФУЛМ.

– „Обуката беше многу корисна, посебно што имаше претставници од Агенцијата за супервизија на осигурување. Би било убаво почесто да организирате вакви обуки.“ – Христина Џамбазовска-Анастасов, шеф на кабинет на Кроациа осигурување.

– „Морам да напоменам дека обуката исполни и повеќе од моите очекувања, пред се поради активно учество на сите присутни што ја направи обуката уште поинтересна. Во иднина би сакала повеќе обуки од ваков тип“. – Мелита Гугуловска, директор за штети во Сава осигурување.