/ Прочитано:

3.786

Обвинителката во „Детонатор“, Вилма Русковска: Телефонските разговори на обвинетите кажуваат многу за нивните дејствија

Краткиот период на прибавувањето на доказите со посебни истражни мерки го намали кругот на обвинети, обелоденува Вилма Русковска која го застапува обвинението за случајот што ја крена на нозе цела Источна Македонија – „Детонатор“. Пред самиот крај на доказната постапка на овој предмет, познатата обвинителката од Одделението за организиран криминал говори за вербалните и материјалните докази, како и за повеќето недоречености при полициската опсада во Кочани. За неа слободно може да се каже „новороденчето“ во однос на комуникацијата со новинарите, која за разлика од своите колеги нема проблем со задоволувањето на новинарските апетити. 

 

Може ли да ни ја откриете причината поради која обвинението за „Детонатор“ претрпи неколку измени, во јавноста се доби впечаток дека има недостиг на докази, па се прави обид по секоја цена обинението да опстане?

За сите предмети, тргнувајќи од најобични казни и сообраќајки се држи главен претрес за да се видат сите вербални и материјални докази. Вообичаено е да се врши измена на обвинението, не е ништо невообичаено. Не станува збор за додавање на нови обвинети туку добивме кривични пријави од Кочани каде се водела истрага за лихварство за дел од обвинетите. Иако не е надлежност на организиран криминал, а станува збор за исти лица, го преземавме предметот.

Полициската акција „Детонатор“, пошироката јавност ја поврзува со запленетите покер апарати кои воопшто не беа опфатени со обвинението против лицата од Кочани и Виница. Што се случува сега со покер апаратите, до каде се кривичните пријави? 

Двајца од обвинетите во „Детонатор“ се поврзани со покер апаратите заедно со повеке други лица. За кривичното дело комар е предвидена казна затвор од 1 година, да земеме во предвид дека имам обвинение за насилство, обид за убиство, изнуда, итн. Станува збор за многу сериозни дела. Да не се оптеретува тука постапката бидејќи требаше да изведуваме многу докази во тој правец. За некои лица се поднесени постапки за даночни затајување, перење пари, комар, сепак, без разлика на тоа што тие се одделни постапки, тоа нема да остане несанкциoнирано и неказнето. Јавноста имаше таков впечаток, истрагата за оваа судска постапка почна со поставување на бомбите, затоа се вика и акцијата „Детонатор“. Почнавме со откривање на сторителите, но при претресите на обвинетите се најдоа покер апаратите.

Полициската акција „Детонатор“ резултираше и со смена на 13 полициски командири и началници од повеќе градови од Источна Македонија. Најверојатно постоело истрага дали командирите ги штителе обвинетите и дали на некој начин се поврзани. Што се случува сега со разрешените командири?

Тоа ке треба полицијата да ја прашате, за поранешниот командир на Кочани се води постапка во Основен суд Кочани за злоупотреба на службена положба, за останатите разрешени или сменети, не знам, ние работиме со полицијата, во најголем број случаи сите пријави ги проверуваме преку полицијата.

Од големиот број на сведоци кои ја раскажаа својата приказна во судница, само неколку ги посочија обвинетите како рекетари и лица кои сеат страв во Кочани, останатите го тврдеа спротивното. Одбраната тврди дека блиските пријатели на оштетениот Драганчо Стоименов сведочат во негова корист, дел од одбраната дури посочи дека „обвинителството и полицијата се изиграни од Стоименов“, каков е Вашиот коментар на оваа констатација?

На адвокатите тоа им е работа, да пружат најдобра одрана на своите клиенти, се очекува тоа да го кажат. Стоименов не може да ја изигра полицијата ниту обвинителството. Факт е дека имаше бомби. Обезбеди сведоци кои биле запознаени со меѓусебните конфликти и напади на обвинетите врз негови блиски.

Во однос на материјалните докази, кој според Вас е клучен доказ кој ја покажува вината на групата од Кочани и Виница?

Во однос на обидот за убиство, имаме материјални докази собрани од лице место, но преку посебните истражни мерки и следењето на телекомуникациите, обезбедивме базни станици. На пример, Стојан Паликрушев тврдеше дека не бил околу возилото кога се случи бомбата, а од базните станици произлезе дека бил на 300 метри од експлозијата. Со оперативна обработка на докази се започнаа активни дејствија. Што се однесува до ПИМ мерките, истите беа обезбедени за само два месеци, оттаму добивме информации кој и како работел како обезбедување, оние што го плаќале обезбедувањето, што требало да бидат поучени да кажат при повикот на сослушување во полициска станица.

Кога велам „група“, постручната јавност е запознаена дека всушност се работи за две групи, од Кочани и од Виница. Познат е фактот дека обвинетите од овие две групи меѓусебно имаат нарушени односи, како го објаснувате сознанието дека здружени се обиделе да го ликвидираат оштетениот иако се тужат едни меѓу други?

Еден од загрозените сведоци многу убаво го објасни токму тој дел. Појасни дека биле две посебни гурпи, една од Кочани, една од Виница, постојано меѓусебно имале тепачки и расправии. Потоа дел од виничката се спојува со дел од кочанската група, против останатиот дел од двете групи кој исто така се споил. Нивните меѓусебни тепачки и расправии се од поодамна, кога си ги споиле интересите, се смириле.

Што се случува со сопствениците на штипската агенција за обезбедување „Титан груп“, за која тврдите дека токму преку нејзе обвинетите вршеле рекет изнудувајќи пари за обезбедување од кочанските дуќанциите?

Против нив двајца се води посебна постапка за перење пари или даночно затајување, не ме држете за збор. Тука ни беше целта да го докажеме кругот на измама односно: како парите за кои сведоците тврдеа дека ги уплатувале на сметката „Титан груп“, стигнале до нашите обвинети.

Верувате ли дека денес, по изведувањето на овој случај пред лицето на правдата, граѓаните на Кочани не се заплашувани, односно се чувствуваат безбедно?

Со оглед на тоа што одржувам контакт со некои граѓани од Кочани, можам да кажам дека ситуацијата е далеку подобрена, меѓутоа дел од пријателите на обвинетите се на слобода благодарение на тоа што посебните истражни мерки се спроведуваа само два месеци пред акцијата. Мислам дека, ако оперативната обработка траеше подолго ќе имавме докази и против нив, но бидејќи немавме доволно докази не можевме да го прошириме кругот на обвинети. Тие сега се на слобода и имам информација дека се обидуваат да заплашуваат сведоци.


Објавено: 25.07.2013

Разговараше: Паула Божиновски