ОЦЕНА НА ОБВИНЕНИЕТО ЗА „ПОТКУП“: Заев ниту барал, ниту примил поткуп – тврди одбраната
Среда, 1 јули 2015 – Контрадикторно, правно неиздржано, тенденциозно, непрецизно – вака денеска одбраната на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, го оцени обвинението против него за поткуп. Градоначалникот на Струмица не ги примил парите за коишто се товари за поткуп, а постапките за откуп на градежното земјиште биле законски завршени, истакнаа адвокатите во своите приговори на јавната седница за оцена на обвинителен акт, на која не присуствуваше Заев.
Денеска во Основниот суд Скопје 1 се одржа јавна седница за оцена на обвинителниот акт со кој претседателот на СДСМ, Зоран Заев се товари за кривичното дело примање поткуп од членот 357 ст. 5 од КЗ.
Заев, според Обвинителството, во својство на службено лице градоначалник на Општина Струмица, од струмичкиот бизнисмен Иван Николов, кој сега се води како оштетен во случајот, побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден метар квадратен градежно земјиште во Струмица, за кое Николов бил заинтересиран да го приватизира. Според обвинението, една половина од партите требале да бидат за Заев, а другата за изградба на црква во Струмица.
Застапникот на обвинителниот акт, Владимир Милошевски, рече дека постојат доволно докази за Судот да донесе осудителна пресуда за Заев.
„Сметам дека обвинителниот акт е докажан“, рече тој.
„За да стане збор за обвинение за поткуп, треба да биде примен подарок“
Адвокатот Филип Медарски, пак, наведе дека описот на обвинителниот акт е целосно паушален и дека нема никакво разграничување на дејствијата.
„За да стане збор за обвинение за поткуп, треба да биде примен подарок. Одземањето на корисничкото право на користењето на градежното изградено земјиште не е дејствие што е во рамките на службените овластувања на Заев како градоначалник, туку е во надлежност на Министерството за финансии, односно на Управата за имотно-правни работи. Очигледно е дека при поднесувањето на обвинението имало тенденција осомничениот да се товари за што потешка правна квалификација“, рече тој.
Медарски го оцени обвинението како целосно непрецизно и како правно неиздржана конструкција.
„Во конкретниот случај, не постои никаква парична сума која оштетениот би ја донирал за изградба на црква или би му ја дал на осомничениот“, истакна адвокатот и додаде дека никаде не прецизирано ниту колку, ниту каде имале средби осомничениот и оштетениот.
„Со објавата на снимката во јавноста, очигледно е дека службено лице сторило кривично дело“
Одбраната исто така како доказ побара да се издвои снимката што беше објавена на Јутјуб, а на којашто се гледаат Заев и Николов.
Тој истакна дека со нејзината објава грубо се повредило правото на приватност и во никој случај не треба да третира како доказ.
Бранителот, исто така, посочи дека во согласност со законските прописи, секое лице што ќе дознае податоци што се однесуваат на докази прибавени со посебни истражни мерки е должно да ги чува како службена тајна.
„Очигледно е дека некое службено лице сторило кривично дело“, рече тој.
Заев: Судот не го признавам, очекувам да ме уапсат
Во вторникот Судот го прифати обвинителниот акт за случајот „Пуч, во којшто Заев е обвинет за насилство спрема највисоки државни органи.
Тој денеска на прес-конференција изјави дека не го признава судот и нема да се појавува на рочиштата за случајот „Пуч“.
„Не го признавам правосудството како независна власт по Устав и закон, правосудството е под контрола на Груевски. Сакам да соопштам дека нема да присуствувам на закажаните рочишта и нема да се пријавувам во судот. Со ваквото мое соопштување, судот е должен да изрече мерка притвор и да ме лиши од слобода. Јас очекувам оваа недела да се случи тоа. Јас сум во просториите на СДСМ или во кампот пред Владата со граѓаните. Ова е врв на апсурдот на обвинение нарачано од Никола Груевски, а спроведено од јавниот обвинител Марко Зврлевски. Судот нема дадено никакво образложение за случајот“, изјави Заев.
Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk