/ Прочитано:

3.164

Oд работниот век на адвокатот Никола Поленак — преку одбраната на клиентот се бранат законитоста и правната стабилност на општеството

Основен критериум за оценка на судиите и на обвинителите е рангирањето според нивната стручност, професионалност, храброст и според нивната независност, вели еден од доајените на македонската адвокатура, Никола Поленак, кој на своја 26-годишна возраст станува најмладиот судија во поранешна Југославија. Песимист е во однос на младите генерации правници; искуството му вели дека им недостатуваат амбиција и желба за работа. Политиката не ја исклучува од правниот систем, бидејќи од неговата лепеза на одбрана речиси сите политички фигури се поранешни функционери, почнувајќи од социјализмот, па се до самостојна Македонија. „Бев сведок и, за жал, учесник, на едно водење постапка што претставува преседан во судството во земјава“, дословно со овие зборови го опишува случајот познат како „Пајажина“. Освен љубовта кон адвокатурата, вљубен е и во џезот и во фотографијата, а во младите години се занимавал со новинарство, професија на која и од денешен аспект гледа со воодушевување. По долги години работа на која целосно и се предал, денес времето поминато со внуците, за него претставува најголемо задоволство.

Близу 40-годишна кариера како адвокат, Никола Поленак подготвувал одбрана во преку 2000 предмети од кривичната материја. Се потсети на своите почетоци, и денес е среќен што имал прилика да учи од врвни мајстори на правото. Потекнува од правничко семејство, а со задоволство се сети на судиите на Александар Николовски, Тоде Георгиевски, Аница Јакимова-Мифтари, Дарка Стојановска, Теофил Томановиќ од кои како приправник стекнал огромно знаење. Како млад адвокат вели дека го импресионирала студиозноста и професионалноста на Нико Беака, интелигенцијата и снаодливоста на Панта Поленак, знаењето на граѓанското право на неговиот колега Боро Ќовкаровски. Во својата канцеларија планира да ја заврши адвокатската кариера, но меѓу другото спомена како со години и години преку макотрпна работа и со тешкотии ја бранел адвокатурата . 

Меѓу последните е вклучен со случајот познат како „Пајажина“, кој за него претставува преседан во судството на Македонија. За овој случај се задржа само на кривично правните аспекти без да навлегува  во сето она што смета дека беше на широко експлоатирано во јавноста. Според него, токму медиумите, во такви случаи создаваат посебна атмосфера и една општа клима во која по правило се крши принципот на  пресумција на невиност.

„Почнувајќи од снимки на спектакуларни апсења, придружни коментари и изјави, до следење на судењата и коментирање на судските пресуди. Не може да се одбегне впечатокот дека медиумите главно се инструментализирани при известувањето во ваквите случаи. Во однос на „Пајажина“, бев сведок и за жал учесник, на едно водење на постапка што претставува преседан во судството во Република Македонија. Сторени се огромен број на повреди на Законот за кривична постапка. Почнувајќи од евидентните апсолутни повреди на правото одбрана загарантирано со законот, изведувањето и прифаќање на суспектни докази на кои според својата форма и суштина во никој случај не може да се заснова каква било пресуда, одбивањето на сите докази предложени од страна на одбраната а исто така и небулозното и противзаконското применување на Кривичниот законик. Да не зборуваме за изречените драконски казни без било каква индивидуализација. Според мене најтрагичното е што второстепениот суд и покрај укажувањата на одбраната па дури и на Вишото обвинителство сето тоа едноставно го игнорираше. Премина преку сите повреди на законот. Со ваквото постапување и амнестирање на противзаконското постапување се чини мошне опасен преседан. Едноставно се дава алиби на пониските судови дека можат во иднина да постапуваат противзаконски а сето тоа ‘да помине’. Посебно е загрижувачки што вака постапија судии за кои не може да се каже дека се нестручни и неискусни“, вели тој.

Тесни судници каде одвај има место за одбраната, а јавноста често главниот претрес го следи „на нога“, вака отрпилика изгледа секојдневието во најголемиот Кривичен суд каде се случува во еден предмет да им се суди и на преку 80 обвинети. За оваа појава, адвокатот Поленак појаснува како сме дојдени во состојба каде секоја кривична пријава, секој предлог за притвор се прифаќа, односно неговото искуство говори дека за секое обвинение мора да следи осудителна пресуда.

„Неспорно е дека полицијата си ја врши својата работа и чини сериозни обиди да се справи со растечкиот и се поспецифичен криминал во државата. Она што понатаму следува е пред се задача и обврска на обвинителството и судот. Мој впечаток е, дека тука обвинителството и судовите не се на потребната висина во вршењето на својата независна и пред се стручна задача. ПочнувајЌи од селективноста, некритичката оценка на квалитетот на доказите и генерално прифаќање на кривичните пријави и обвиненија се доаѓа до состојба да последниве години на прсти можат да се избројат ослободителните пресуди. Едноставно дојдени сме во состојба дека секоја кривична пријава, секој предлог за притвор се прифаќа. На секое обвинение мора да следи осудителна пресуда. Тоа не зборува најдобро за обвинителството, а посебно за независноста на судовите“, укажува Поленак.

Случајот познат како „Метастаза“, кој во јавноста доби огромен публицитет, а судскиот епилог од првостепената пресуда е мали казни за обвинетите, за Поленак претставува долга и сериозна полициско-обвинителска акција. 

„Предметот „Метастаза” е интересен заради големиот број доктори кои се обвинети. Факт е дека се работеше за долга и сериозна полициско-обвинителска акција со максимално голем број применети посебни мерки. Тука има се и сешто. Но, има и обвинети кои се огласени за виновни без ниту еден сериозен доказ, ќе почекаме да го видиме исходот од жалбената постапка“, вели долгогодишниот адвокат и бранител на еден од обвинетите во овој предмет.

Поленак не ја исклучува политиката од правосудниот систем. За пример го зема фактот што неговата клиентела со години претставува поранешни, а не актуелни политички функционери.

„Сум бранел поранешни директори на големи фирми, поранешни министри, поранешен премиер, претседател на државата, директор на царина, поранешни директори на Фондот за здравствено осигурување, поранашен гувернер на Народна банка, поранешни пратеници и многу други функционери и стопанственици. Факт е дека сите тие во главно биле ‘поранешни’. Факт е исто така, дека скоро сите тие биле процесуирани во време кога нивната партиска или идеолошка провиниенција не била на ‘власт’. Самото тоа укажува дека е неизбежно влијанието на политиката во судството. Тоа било од секогаш така. Влијанието на политиката се манифестирало пред се во процесуирањето на таквите случаи, а во некои случаи се забележувало и подиректно влијание врз независното судство“, објаснува Поленак.

Споредувајќи го судството од пред неколку децении со денешното, смета дека стручноста и професионалноста некогаш биле на повисоко ниво.

„Адвокатот не ги избира клиентите, туку тие него, така што сум видел секакви профили и карактери на обвинети лица. Од вонредно интелигентни и образовани до разочарувачки ниски нивоа на интелектуален и стручен план. За профилите на обвинителите и судиите може многу да се зборува. Сепак, тоа се луѓе со сите човечки доблести и маани. За мене секогаш основен критериум за нивно  ценење или не, и некакво рангирање била нивната стручност, професионалност, храброст и независност. Храброста во одлучувањето и во независноста, сепак, се лични својства. Можам, генерално, да кажам дека стручноста и професионалноста порано беше на повисоко ниво. Сепак, занимавањето и примената на правото се занает. Порано постоеја непишани правила: мораше да се испече занаетот за да се напредува. Денес гледаме дека судии на некои од највисоките судови стануваат колеги без какво било судиско искуство. Тоа, секако, се реперкуира и во квалитетот на одлуките и воопшто во правораздавањето“, потцртува Поленак.

Преку еланот за работа на младите генерации што со години влегуваат во неговата канцеларија сознал дека им недостига амбиција и желба за работа. За него вистинска реткост е во денешно време да се најде млад правник кој има желба многу да чита и да се надградува. Убеден дека со многу труд и посветеност, успехот избива на површина. 

„Адвокатското друштво во кое работам секоја година распишува огласи за прием на приправници и, верувајте, и покрај големиот број кандидати, при секој прием тешко се одлучуваме кого и колку да примиме. Можеби причина се нашите позаострени критериуми, но во секој случај, моето чувство е дека системот на едукација на млади правници е драстично опаднат. Дали тоа се должи на постоечкиот болоњски систем на студирање, дали на квалитетот и пристапот на наставниците или недоволниот ангажман и амбиција на младите. Има млади правници кои се трудат да се образуваат и да го надградат своето знаење но факт е, дека се реткост. Пред се, многу работа, секојдневно учење и лична наградба, само со тоа може да се стане одличен кривичар. Почитување на професионалноста како лична така и на сите други колеги и учесници во постапките. Професионален однос кон клиентите и секако непоистоветување со нив. Сметам дека суштината да се стане добар адвокат не е во кршењето на адвокатската етика или обичното заобиколување на тие правила. Тешко е да се дефинираат елементите како да се стане добар и способен адвокат. Но, сепак сметам дека смислата за диференцирање на битното од небитно и смислата за процесната тактика се најважните работи, а тоа секако подразбира и знаење односно познавање на правото. Секако мораат да се познаваат и разни други области во зависност од случајот. Притоа, добриот адвокат секогаш треба да брани онака како му налага совеста и во рамки на законски дозволените средства. Јас патем секогаш сум имал на ум дека со бранење клиентот всушност се брани законитоста, а со тоа и правната стабилност на општеството“, завршува Поленак.


 

Разговараше: Паула Божиновски