Одбележан приемот на осмата генерација кандидати во АСЈО
Осмата генерација слушатели во Академијата на судии и јавни обвинители (АСЈО), ќе брои 97 кандидати и е најбројната генерација која ќе ја следи обуката за идни судии и јавни обвинители од 2006 година. Директорката на АСЈО, Наташа Габер Дамјановска, во изјава за медиумите по одбележување на приемот на осмата генерација, рече дека во меѓувреме во својот практичен дел на наставата којашто тече учествуваат други 59 кандидати (седма генерација), за кои се надева дека кон крајот на ноември успешно ќе го положат завршниот испит и ќе ги пополнат местата кои во меѓувреме ќе се испразнат во судството и обвинителството.
– Овој тренд се надеваме како Академија дека ќе продолжи. Мислам дека е упатно со оглед на големите потреби на македонското правосудство за судии и обвините, ќе треба повторно да имаме нови конкурси, нов испитен процес преку кој ќе имаме дополнителни нови генерации на судии и јавни обвинители, рече Габер Дамјановска.
Директорката водно одговараше и на прашање во однос на забелешките на судии и обвинителите дека обуката во АСЈО трае предолго. Според неа, должината на едукацијата се должи на проценката дека нема еднакво знаење на правните науки како резултат на сите факултети во државата.
– Од таа причина ЕУ инсистира да бидат две години и ни ден помалку образовните активности во рамки на Академијата. Но, затоа наша работа е како Академија да водиме сметка во моментот кога почнува една генерација да гледаме што побрзо да може да има тестирање за друга, па последователно да следат генерациите за да не се почувствува вакуум. Ова што сега го имаме како недостаток е резултат на отсуството на тестирања и прием во последните 5 до 10. Во последните неколку години тоа е интензивирано, но ние во моментот не можеме да го надоместиме она што е пропуштено пред 10-ина години, посочи Габер Дамјановска.
Извор: МИА