/ Прочитано:

1.690

ОДГОВОРНО РОДИТЕЛСТВО: „Тепањето е злоупотреба, а не казна“

„Родителите, без разлика колку и да се зафатени, дел од времето да поминуваат во разговор со своето дете, да ги уважуваат неговите потреби и да му ја даваат потребната нега“, беше истакнато на денешната прес-конференција на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, на која се промовираа трите водичи: „Тепањето е злоупотреба, а не казна“, „Зошто баш мене“ и „Моќта на родителите“.

foto

Во врска со потребата од одговорно родителство, Драги Змијанац, извршен директор и основач на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, истакна дека одговорниот родител го учи своето дете на различни вештини и го охрабрува да биде одговорно за нив.

„Одговорниот родител не го споредува своето дете со другите деца, туку го поттикнува и го поддржува. Загрижува фактот што иницијативата за разговор, наместо од родителите, доаѓа од децата“, нагласи Змијанац, додавајќи дека во таа насока  „Меѓаши“ ќе продолжи да го поттикнува одговорното родителство и да ги потсетува родителите колку се важни за правилниот раст и развој на детето.

Змијанац истакна дека „Меѓаши“ започнува со иницијатива за формирање Национален совет на родители, за што е формирана и онлајн-петиција чија цел е надминување на постојните проблеми и подобрување на воспитно-образовниот процес.

За водичите „Тепањето е злоупотреба, а не казна“, „Зошто баш мене“ и „Моќта на родителите“ говореше Ангела Маневска, координатор на проектот. Таа истакна дека водичите ја доближуваат оваа тема до граѓаните на разбирлив и на едноставен јазик и ја нагласуваат важноста на одговорното родителство.

foto

„Моќта на родителите“ е водич кој го охрабрува и го поттикнува одговорното родителство и дава една слика за тоа што претставува одговорното родителство. Водичот „Тепањето е злоупотреба, а не казна“ има цел да ги информира луѓето за тоа какви последици остава тепањето врз здравјето на детето и врз неговиот психички развој. Воедно, има цел граѓаните да се охрабруваат да го пријават телесното казнување и физичкото насилство во училиштата и во градинките. „Зошто баш мене“ е водич во кој децата повеќе се запознаваат со начините како можат да го препознаат насилството и како да се заштитат“, истакна Маневска.

Во дел од пораките на водичите се образложува дека телесното казнување е една од најчестите форми на злоупотреба на децата, почнувајќи од домашното казнување, па сè до казнувањата во училиштата и во градинките како воспитно-поправна мерка за „непослушните деца“.

Комитетот на Обединетите нации за правата на детето наведува: „Секоја казна во која се користи физичка сила и која е со намера да предизвика одреден степен на болка или непријатност, без разлика колку и да е болката мала, претставува телесно казнување на детето.“

akad 2

Според УНИЦЕФ, проблемот е од голем размер. Другите истражувања покажуваат дека околу 70 % од децата на возраст од 2 до 14 години се изложени на некаква физичка или психолошка злоупотреба во домот или од страна на негувателот, а 16 % се изложени на телесно казнување. За жал, велат од „Меѓаши“, во Република Македонија сме сведоци на случаи во кои родителите ги претепувале своите деца до смрт.

„Овие информации треба да нè поттикнат сериозно да размислиме за начинот на кој може да се заштитат децата, првенствено од насилството во домот“, истакнуваат од „Меѓаши“.

М.В