/ Прочитано:

1.381

„Пуч“ на втори, „Поткуп“ на трети март

Одложено рочиштето за „Поткуп“ – Заев имал службени обврски

Поради службени обврски на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, стартот на судењето за случајот „Поткуп“ се одложи за 3 март.

????????????????????????????????????Одбраната соопшти дека причината за одложување е службен состанок на Заев со амбасадорот на Кина. Неговиот адвокат Ване Андреев изјави дека на следното рочиште кое е закажано за 3 март Заев ќе присуствува.

„Како што истакнавме и во судница, Заев ќе се јавува на рочиштата. Тој и претходно истакна дека редовно ќе се јавува во судот“, изјави Андреев.

Одбраната, како што посочи Андреев, ќе ја фокусираат на тоа дека не постојат елементи за делото што му се става на товар.

„Аргументите се многу јасни. Најпрвин нема поткуп, нема воопшто битие на делото и воопшто обвинението, така како што е составено не ги содржи елементите на тоа кривично дело. Самите наводи во обвинението се спротивни на законот. Му се става на товар дејствие коешто наводно не смеел да го врши, а во принцип тој бил должен тоа да го врши, меѓутоа тоа со докази се’ ќе се појасни“, рече Андреев.

На новинарско прашање дали ќе бараат специјалната обвинителка да го преземе и овој случај, адвокатот само кратко одговори „тоа ќе го оставиме на специјалната обвинителка да се произнесе, не е тоа до нас“.

Заев, според Обвинителството, во својство на службено лице градоначалник на Општина Струмица, од струмичкиот бизнисмен Иван Николов, побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден метар квадратен градежно земјиште во Струмица, за кое Николов бил заинтересиран да го приватизира. Според обвинението, една половина од партите требале да бидат за Заев, а другата за изградба на црква во Струмица.

На рочиштето за оценка на обвинителниот акт, што се одржа во јули годинава, одбраната го оцени обвинението какоконтрадикторно, правно неиздржано и тенденциозно.

„За да стане збор за обвинение за поткуп, треба да биде примен подарок. Одземањето на корисничкото право на користењето на градежното изградено земјиште не е дејствие што е во рамките на службените овластувања на Заев како градоначалник, туку е во надлежност на Министерството за финансии, односно на Управата за имотно-правни работи. Очигледно е дека при поднесувањето на обвинението имало тенденција осомничениот да се товари за што потешка правна квалификација“, рече адвокатот Филип Медарски.

Застапник на обвинението е јавниот обвинител Владимир Милошевски, според кој,  постојат доволно докази за Судот да донесе осудителна пресуда за Заев.

Во Основниот суд Скопје 1 се води и случајот „Пуч“, кој од неодамна го презеде специјалната обвинителка, во кој Заев е четвртообвинет.  Стартот на судењето за овој предмет, пак, е закажано за 2 март.

>> ОЦЕНА НА ОБВИНЕНИЕТО ЗА „ПОТКУП“: Заев ниту барал, ниту примил поткуп – тврди одбраната